Крстот Христов – утеха за душите нажалени

Непоимливата Божествена љубов, љубовта кон која сме призвани сите ние, е љубов посилна од смртта. Љубов дејствителна, љубов крстна. Крстот Христов е симбол на таа љубов Божја кон човештвото, кон секого до нас. Затоа Крстот е една голема и за светот недостижна тајна. Тајна која ја познаа мачениците, преподобните, исповедниците, ја познаа сите светии, ја познаа и нашите благочестиви предци. Таа тајна ја познаа сите оние, кои по зборовите на Спасителот, се одрекоа од себеси, го зедоа својот крст на себе и тргнаа по Него. Зад таа небозрителна тајна се крие најголемиот триумф, последната победа – Воскресението. На Крстот Твој се поклонуваме, Владико, и Твоето свето Воскресение го славиме – торжествено пее денес Црквата Христова. Крст и Воскресение, понижување и слава, пораз и голема победа, страдание и торжество на Царството Небесно. Крстот и Воскресението – тоа се двете царски обележја на Царот небесен, жезолот и круната на Христа нашиот Цар и Бог. Па како што се неразделни царскиот жезол и царската круна, туку двете заедно во полнота го означуваат царското достоинство, така и Воскресението ја нема својата целосност без Крстот Христов. Ако Воскресението е крајното одредиште, тогаш Крстот е патот што води дотаму. Премудро го осмислиле тоа светите отци што ни го посадија на средината од Постот живоносниот Крст, како некое разлистено дрво, под кое православните христијани што се наоѓаат на духовното патешествие кон Небесниот Ерусалим – Пасхата Господова, наоѓаат сеновито место да се одморат и да соберат сили за долгиот пат.

А колку навистина тоа живоносно Дрво се покажа како неисцрпен источник на благодатни сили за Бигорското семејство, тоа можат да го посведочат многубројните души кои си најдоа молитвен потслон во бдението отслужено во Претечевиот храм, во чест на светиот Крст Господов. Утрово, пак, Божествената Василиева Литургија ги донесе со себе и најсилните зраци на внатрешната сила испратена одозгора, од сештедриот наш Бог и Спасител преку Неговиот свет и чесен Крст. Озареното лице на нашиот најбогољубив Старец, архимандрит Партениј, беше како некое духовно огледало, кое за време на Литургијата што тој ја тајноводеше, даваше силен одблесок на тие благодатни зраци. Вистинско духовно богатство го исполнуваше Бигорски денес… Затоа неслучајно великиот меѓу монасите, светиот отец наш Теодор Студитски, запишал: „Крстот е богатство, подрагоцено од секое друго богатство. Крстот е безопасно прибежиште на христијаните. Крстот е најлесно бреме, кое се возлага на рамената на учениците Христови. Крстот е најслатка утеха за душите нажалени. Крстот е помирител и посредник меѓу небото и земјата. Со Крстот е умртвена смртта и Адам е вратен во живот“.