Продолжуваат неповратно да исчезнуваат спомениците на македонската преродба

Дрските сквернавења и кражби на светињите од православните храмови во Западна Македонија и понатаму продолжуваат. Така, во текот на изминатата ноќ, после две и пол години повторно беше осквернет и ограбен храмот посветен на Успението на Пресвета Богородица во Дебар, кој бил изграден во средината на XIX век како митрополитски катедрален храм. Од него биле изнесени околу дваесетина икони од преродбенскиот период, кои овој пат биле пронајдени од страна на дебарската полиција.

Оваа кражба е само уште една алка од долгиот синџир на уништување, кој повеќе од две децении сурово го камшикува и збришува непроценливото културно наследство во Мијачијата, наследство кое најсилно сведочи за македонската преродба во ΧΙΧ век и за нејзините богољубив и родољубиви дејци – нашите преродбеници, градители, уметници, писатели…

Со цел да се заштити ова свето историско наследство, пред повеќе од две години нашето монашко братство предложи да биде направен Музеј на Мијачијата и на македонската преродба, во кој би биле сместени и згрижени сите значајни артефакти од регионот на Горна Река и Мијачијата. Од особена важност би било тој музеј да се наоѓа во овој крај, така што предметите на неговата експозиција не би го изгубиле својот историски контекст, туку би останале во местото на нивното настанување. Поради тоа Бигорскиот манастир ја искажа дури и својата подготвеност да ги отстапи своите објекти во с. Битуше, кои би се преадаптирале за музејски потреби. Но, иако оваа идеа првично беше прифатена од страна на Министерството за култура, сепак досега не е преземено ништо во поглед на нејзина реализација. Затоа би сакале повторно да испратиме повик до одговорните институции совесно да се погрижат за зачувувањето на нашата славна историја, пред таа да биде неповратно однесена од водите на негрижата и рамнодушноста, знаејќи дека доколку не се однесуваме со љубов кон завештанието од нашите предци, нема да го имаме нити нивниот благослов, а со тоа нема да имаме ни наша иднина.