Никој не Ти згрешил како јас, Боже, помилуј ме

Четврток од Петтата недела на Великиот Пост

Пророкот рече: Душата моја ќе живее, Господи, и ќе Те фали; мене, заблудената овца, побарај ме, и кон Твоето стадо придружи ме; дај ми време за покајание, та плачејќи да Ти викам: Господи, пред да загинам до крајот, спаси ме.

Покајна стихира на вечерната од Великиот Канон

Целата света Четириесетница е еден период подарен за возвишување на душата кон Бога, за сораспнување со Христа, за учество во Неговите страдања и Неговите душевни премрежија. Таа е едно благодатно патување, движење кон Воскресението. Најумилителна постојка, пак, во ова патување е токму бдението во средата од петтата седмица, на кое се чита Канонот на Светиот отец наш Андреј Критски и Житието на Преподобната Марија Египќанката.

Канонот на Свети Андреј проникнува во историјата на страстите на паднатата човекова природа, изразени преку библиската историја. Бидејќи зборот страст е корен на современиот збор страдање, Светиот Критски пастир го започнува својот поетичен расказ од падот на Адама, кој внесе страдалност во човечкиот род, а го завршува со делата на Исцелителот на нашите души и тела, намачени од страдањата, Христа нашиот Спасител.

Читајќи го житието на преподобната Марија, се соочуваме со стварната состојба на паднатиот човек, кога слушаме за сѐ што таа сторила и преживеала, за нејзиното покајание и подоцнежните созерцанија и херојската борба со искушенијата.

Но, ни се предлага ова житие токму заради неговиот крај – да видиме со каков благослов се удостојуваат оние кои ќе ги презрат своите дела и ќе го возљубат блажениот живот. Сега, кога се наоѓаме веќе длабоко во Великиот Пост, односно пред неговиот крај, ова е повикот на Црквата до сите нас кои сме го пропуштиле покајанието во почетокот и во средината, да се разбудиме и да се покаеме пред крајот, односно да се подготвиме да го дочекаме скорото доаѓање на Младоженецот.

Во таа умилителна духовна атмосфера на долгото бдение, во која просторот и времето како да ги губат своите граници, атмосфера која со зборови навистина и не може да се опише, најголем дар од Бога за нас беше покајничкиот глас и духот со кој нашиот Старец го читаше Житието на Преподобната Марија и Канонот на Свети Андреј. Беше тоа една небесна покајничка роса за нас, роса која благодатно ги освежи нашите од гревот свенати души. А и самиот наш Старец, напоен од тие чудесни и бескрајно длабоки кладенци на покајанието, како Добриот Пастирнè повика уште еднаш на духовна будност и покајнички подвиг: „Да не заспиваме, браќа мои, да бидеме будни, да ги слушаме овие зборови, напишани не од човечка ученост, туку од лично искуство и доживување на луѓе, кои преку Божјата благодат и личниот титански подвиг станале големи созерцатели на неискажливи духовни тајни. Ете, тие зборови нè повикуваат да се каеме за нашите гревови, ни помагаат да откриеме дека ние, можеби, ја надминуваме и самата Марија Египетска во нашите гревовни дела и помисли. Затоа, да се каеме, мили мои, да се каеме за сопствените гревови, но и за гревовите на сите луѓе. Оти не треба многу да се потрудиме за да забележиме дека светот и целото човештво во гревови се потонати, помрачени, богоотпаднати. А нам, Господ, по Неговата неискажлива милост, ни ги отворил очите да го гледаме сето тоа, и да ја гледаме и Неговата спасителна Убавина. Нè удостоил да ги слушаме овие Божествени творби, кои со голема благодатна сила го приведуваат човека кон покајание.

По молитвите на Неговите прекрасни слуги, Света Марија Египетска, на Свети Софрониј Ерусалимски, писателот на нејзиното житие, на Свети Зосим и Свети Андреј Критски, да ни подари нам и на сите луѓе такво големо и искрено покајание, што ќе нè удостои да ја видиме славата и светлината на Христовото свето Воскресение“.