Во велелепниот и восхитувачки ставропигијален патријаршиски соборен храм-паметник „Св. Александар Невски“ во Софија, денес, кога според новиот календар по кој се води Бугарската Патријаршија се слави Успението на Светиот Рамноапостолен отец наш и Просветител словенски Константин-Кирил Философ, во свештен ѓаконски чин беше ракоположен долгогодишниот голем пријател на нашиот Манастир, д-р Дејан Коруноски, по потекло од градот Прилеп. Ова верно духовно чедо на нашиот Старец Архимандрит Партениј, иако доктор-хирург по професија, тој со голема вера и љубов долго време предано прислужуваше како ипоѓакон при олтарот Божји на храмот „Св. Александар Невски“. И токму затоа најпосле беше удостоен со светиот ѓаконски чин, за уште попосветено да Му служи на Бога и на ближните. Неговото ракополагање беше извршено при северниот престол од олтарот, посветен на Свв. Кирил и Методиј, од рацете на преосвештениот Епископ Тивериополски г. Тихон, на кого му прислужуваа настојателот на храмот, Архимандритот Дионисиј и бројно свештенство и ѓаконство. На Светата Литургија присуствуваше, исто така и Неговата Сесветост Патријархот Бугарски г. г. Неофит, кој после ракополагањето на ѓаконот Дејан изјави дека сега тој како патријаршиски ѓакон ќе ни биде главната врска меѓу нашите две сестрински и блиски Цркви.
На наша голема радост, меѓу бројните присутни верници беше и 94годишниот ипоѓакон Иван Сенокозлија, син на познатиот прилепски илинденец, војводата Ѓорѓи Сенокозлија. Иако речиси едновековен, дедо Иван со бистар ум и живо сеќавање раскажуваше за својот славен татко и за своето семејство.
Братството на нашата Свештена Обител со најтопла љубов му го честита ѓаконскиот чин на д-р Дејан и му посакува достојно да ја извршуваа таа возвишена служба, уподобувајќи се сѐ повеќе на Светиот лекар-хирург Лука Војнојасенецкиј.