Достојна прослава на празникот на иконата „Достојно ест“

Со восхит и трепет се исполнува секоја благочестива душа кога размислува за славата на Онаа Која се покажа жив Храм на Царот на царевите, ново Небо од коешто изгреа Сонцето незаодно, Извор од кого ни истече Животот вечен. Умот е слаб, мислата – бедна, а срцето – немоќно макар и малку да се допре до надразумната Тајна на Личноста на Пресвета Богородица. Зашто Нејзината Божествена љубов навистина е попламена од љубовта на Серафимите и Херувимите и Неа непрестајно Ѝ се восхитуваат ангелските воинства. Сите земнородени заедно со Силите небесни Ја славословат Онаа Која обедини сѐ земно и небесно и Самата постана „нова Твар“ и „осветена Палата“; стана „непосрамена Застапничка“ пред Бога за родот човечки и самото спомнување на Нејзиното име ја исполнува душата со неискажливо умиление. Поради Нејзината љубов кон нас се радуваат и небото и земјата.

Можеби никаде толку јасно не се гледа тоа заедничко славословие на небесните и земните кон Пресветата Богомајка, како во некогашната чудесна посета на Архистратигот Гавриил во малечката ќелија на смирениот светогорски монах. Оној кој беше испратен да Ѝ благовести на Небесната Царица сега дошол и во видлив облик му се јавил на послушниот инок за да го надополни земното славење на Пречистата со бесмртните зборови: „Достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице, присноблажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог“. И која богољубива душа не би сакала да се придружи кон тоа небоземно славословење? Кое човечко создание не би сакало да стане сопричесник на радоста со која се удостоил кроткиот монах при небесната посета? Таа благодат навистина ја чувствува секој љубител на Мајката Божја којшто со смирение и усрдна молитва го слави овој Нејзин спомен. За Бигорската Обител, пак, празникот на Пресветата Богородица во чест на Нејзината Чудотворна икона „Достојно ест“ е нешто многу повеќе од еден обичен спомен. Тој е вистинско духовно торжество, трета манастирска слава, „радост на соборот Бигорски“. И не случајно сето тоа, зашто после пожарот на Горни Палат, првиот мелем на болната рана, првата утеха на нашите души пристигна од Преблагословената Заштитничка на монашкиот род, токму преку Нејзиниот чудесен образ „Достојно ест“ – иконата преку Која Богомајката го закрилува нашиот Старец, Архимандрит Партениј, уште од самото негово детство.

Сега Пречистата Владичица на благодатната прослава во чест на Својата Чудотворна икона ни го донесе нашиот достојнопочитуван владика, Митрополит Тимотеј, кој со посебна почит и љубов кон Мајката Божја чиноначалствуваше со сеноќното богослужение. Љубовта кон неа ги донесе во нашиот манастир и ценетиот намесник на зографскиот Метох во Софија, сепреподобниот јеромонах Пимен, како и нашите драги пријатели, браќата од Црногорскиот Манастир „Свв. Козма и Дамјан“ близу Софија и големо мнозинство верни поклоници на Богомајката од целата наша земја. Нејзината благодатна сила се точеше од секоја умилна пофалба на распеаните псалти кои од обете страни на храмот ги исполнуваа душите на присутните со највозвишени чувства – византискиот хор „Фенер“ од градот Мелник со нивниот хорарх – отец Владко Тасков и нашиот познат црковен хор „Хармосини“ од Скопје.

Достоен почеток на овој благолепен празник за душите и срцата беше поздравното слово на нашиот највозљубен Старец и игумен на оваа Света Обител, со кое тој им се обрати на ценетите гости и на верниот народ, посакувајќи им благодатта на Богомајката да ги посети оваа ноќ. И навистина сѐ што се случуваше во молитвениот амбиент на бигорскиот храм беше една таинствена потврда дека Богомајката и овој пат е присутна меѓу нас. Таа најпрвин со Својот Мајчински благослов го облече во монашко расо нашиот собрат, искушеникот Антонио, а потоа, на Светата Литургија испроси благодат од Својот Единороден Син, за едно од Своите чеда, отец Кирил, повикувајќи го на служба пред Престолот Божји, и ракополагајќи го во ѓаконски чин преку раката на нашиот почитуван Архијереј, проследено со усрдните молитви на нашиот возљубен Старец.

Достојно беше ова торжество да заврши со богопросветлената пофалба на нашиот драг Митрополит Тимотеј кон Онаа Која е „поширока од небесата“, „Патеводителка на христијаните кон Христа во сите временски периоди“ и „Дарителка на секаква Божествена добрина на човечкиот род“.

„Со архангелски глас Ти пееме, Сецарице: достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице, присноблажена и пренепорочна Мајка на нашиот Бог“.