Работна акција на битолчани во Бигорски

Со благослов на нашиот Старец, Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, деновиве во Свештената Бигорска Обител престојуваа околу шеесетина млади битолчани, кои доброволно и самоорганизирано притекнаа да помогнат во обемните работни активности во Манастирот овој период. Главната работна сила беше насочена кон старите манастирски рибници, каде се вршеше расчитување на обраснатиот терен после речиси 60 години нефункционалност на овој манастирски имот. Овие рибници Манастирот ги изградил во 1936 година, а нивната дејност траела до 1957/8 година, кога тие биле предадени на целосна негрижа и запоставеност. Неодамна, по иницијатива на нашиот Старец и игумен, како и со помош на благочестивиот доброчинител на Манастирот, г. Иван Постоловски од Скопје со неговото семејство, започна обновата на старите рибници со цел нивно комплетно рестартирање. Богољубивите битолчани помогнаа да се заврши првата фаза од обновата. Освен во рибниците, ревносните и пожртвувани млади души помогнаа и околу работите во манастирскиот овоштарник кај Скитот на Св. Серафим Саровски. Покрај работните активности, нашите драги гости имаа можност да присуствуваат и да земат молитвено учество на вчерашното воскресно бдение и на денешната Света Литургија, на која дел од нив се причестија со Светите Христови Тајни.

Беше навистина радосна и вдахновувачка глетка да се види како десетици млади побожни души со силен ентузијазам и љубов кон Светињата работат, помагаат и се молат во домот на Св. Јован Крстител. Нека славниот Претеча ги награди со својот моќен благослов и молитвеното застапништво пред Господа!