Спомен на великиот Поборник за вселената

Ги сакам оние што Мене Ме сакаат (Изреки 8,17), и ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат (1 Цар. 2,30).

Ниедно ветување на Господа не останало неисполнето, и ниту еден збор Негов не се покажал бессилен. Ветувањето Господово е најчиста вистина и словото Негово – ненадминлива сила. Така и овие зборови Божји безброј пати се овистиниле и од многумина се потврдиле. Бог се слави во Светиите, а Светиите Го прославуваат Бога. „Славата што Господ им ја дава на Светиите е голема“ – вели Преподобниот Силуан Атонски. „Кога луѓето би го виделе Светијата каков што навистина е, од длабока побожност и страв би попаѓале на земја, бидејќи плотскиот човек не може да ја поднесе величината на небесното јавување. Да не се чудиме на тоа. Господ толку го засакал Своето создание, што на човекот во изобилство му го дал Духот Свети. Преку Него човекот постана подобен на Бога“.

Еден од тие на Бога уподобени личности, кој „со светлоста на чудесата, посветли од сонцето, секогаш им свети на сите краишта“, е и преславниот Великомаченик Димитриј Солунски Мироточив, чиј спомен денес ги радува и небото, и земјата. Не случајно овој голем угодник Божји од незнабожците честопати бил нарекуван „солунскиот бог“, зашто како достојно чедо Божјо и бог по благодат, тој, преку чудесата свои, навистина покажува дела Божествени меѓу луѓето. Преку Духот Свети ја гледа славата Божја и живее во убавината на лицето Негово. Но, тој исто така, нè гледа и нас на земјата и се радува на нашето покајание и ги прима нашите искрени молитви. И ете, неговата небесна љубов повторно ги допре душите на монасите, монахињите и притекнатите верници во нашите две свети обители, коишто молитвено му ја изразија својата почит и благодарност. И додека Бигорски тоа го правеше преку ноќно бдение, сестрите од Рајчица, заедно со чредниот свештеномонах Макариј, му отслужија вечерна богослужба во неговиот прекрасен преродбенски храм во живописното дебарско село Елевци.

Главното, пак, торжество за споменот на Солунскиот Чудотворец беше, секако, денешната празнична Литургија, тајноводена од нашиот најмил Старец, Архимандрит Партениј. Неговата огромна љубов кон Св. Димитриј и кон Оној Кој него го прославил, моќно ја привлече благодатта Божја, така што беше богослужението едно наше таинствено заедничарење со Бога.

О, Свети Великомачениче Димитрие, заштити нè нас, кои „денес достојно го празнуваме твоето упокојување, славејќи Го Господа, Кој тебе те прослави“.