Велика Среда

Колку е беден Јуда! Гледајќи ја блудницата како нозете ги целива, тој размислуваше како со измама и со целив да Го предаде (Господа). Таа косата си ја одврзува, а тој со јарост се врзува, наместо миро, носејќи ја одвратната злоба, зашто зависта не знае да го претпочита полезното. О бедо Јудина! Од неа избави ги, Боже, душите наши.

Како некогаш пред древните Израилци кои четириесет години талкаа во пустината, пред нас е сега духовниот Ханаан – страдањата, смртта и воскресението на нашиот возљубен Господ. Што сè не направи светата Црква за да нè приготви за достојно влегување во таа ветена земја! И сега после толку долгото и внимателно подготвување на почвата и сеењето со надеж, еве богата жетва. Оние што добро се подвизуваа со подвигот на постот и се на крајот на четириесетдневното тугинување, нека влезат слободно во горната одаја на Сион, каде за нив е приготвена бесмртна трпеза. Таму нозете ќе им бидат измиени и од најситната прашина на земни помисли и ќе ги слушнат последните завештанија на Христа Кој поаѓа на страдање, ќе го примат мирот и ветувањето за Духот. Но претходно ќе треба да се сепнат пред една страшна опомена и да слушнат и зборови на трогателно вразумување, да станат сведоци на најужасното и најбезобзирно предавство, оти во тие пресудни мигови наспроти најголемото човекољубие и смирение Христово, се покажа и најголемата човечка неблагодарност прикажана во лицето на Јуда. О, безумство Јудино! Ни миењето на нозете, ни примањето на Телото и Крвта не можеа да те трогнат, страста на среброљубието задуши сè во тебе. А да беше само разбрал каква неисцрпна бездна е милоста на нашиот долготрпелив Господ, наместо кон погибелното дрво ќе поиташе со вера и покајание кон дрвото на Крстот Христов и ќе примеше прошка заедно со Петар и со покајаниот разбојник!

Затоа Црквата опоменувајќи нè со уделот на Јуда уште еднаш повикува да ги оставиме сите наши мрачни дела, да побрзаме во покајание кон својот Спасител, и да ја положиме во подножјето на Голгота сета тежина на нашите гревови, да ги натопиме со солзи стапалата Негови принесувајќи исповед за своите беззаконија и просејќи од Него исправување на својот живот и победа над своите лоши навики. Пример за тоа нека ни биде жената блудница, која Му пристапи на Исуса, барајќи не телесно туку духовно исцеление и заради ревноста со која Го возљуби, доби прошка на сите свои гревови.

Одекнува со нова сила во срцата на Бигорските монаси и големо мноштво верни тој апостолски повик за покајание макар и во овој последен единаесетти час. Се во храмот ја носи таа покајна боја на душата, која стои пред судот на сопствената совест, свесна дека ќе дојде миг кога ќе застане и на суд пред Бога. А кога дојде, пак, мигот за простување, одреден од Божествените отци наши, нашиот старец, Архимандрит Партениј, целосно предаден и соживеан со прекрасни богослужби, нѐ повика уште еднаш со своето смирение да си простиме еден на друг, но и на сите луѓе: „Отци свети и браќа, еве Светата Црква, пред самиот почеток на најсветите и спасителни Страдања на нашиот Спасител, уште еднаш нѐ повикува на искрено простување. Затоа да си простиме еден со друг, но да им простиме и на оние наши браќа и сестри кои сега не се со нас, како и мислено да им простиме на сите луѓе, зашто Синот Божји токму тоа и го направи – му прости на целото човештво. Најпрво ве молам да ми простите мене, грешниот и недостојниот, сѐ што згрешив во мојот живот со збор, дело или помисла.“

Избави ги Боже, душите наши од бедата Јудина! И таинствено се раѓа во срцето спасоносна решителност никогаш повеќе да не живееме така како Христовиот живот и Неговата смрт да се нешто потполно неважно за нас. Го примаме како печат на ова завештание осветувањето преку Христовото свето Тело и чесна Крв за прошка и исцеление на душите и телата, обновување на силите и подготовка за голема борба против секакво зло, како вистински воини Христови.

Нека Господ Благиот, откако ќе не вразуми со примерот на беззакониот Јуда и просветли со зраците на спасителното покајание, ги очисти нашите души и тела за да се удостоиме во следните денови да ги споделиме со Христа Неговите спасителни страдања, не како удел на смртта туку како средство за наше единство со Него во вечноста.