Велики Вторник

Младоженецу, по доброта покрасен од сите луѓе, Кој си нѐ повикал на духовна трпеза во Твојата брачна одаја, ослободиме од грубата облека на моите гревови, со учество во Твоите страдања и, откако ќе ме украсиш со облеката на Твојата убавина, покажи ме како светол гостин на трпезата од Твоето царство, како милостив

Стихира на стиховни од Утрената Богослужба

Во овие трогателни мигови, кога тивка благодат го обвиткува храмот на Бигорскиот манастир, кога покајните химни плачливо одѕвонуваат во нас, кога срцата силно ги чувствуваат и трепетно ги преживуваат овие свештени мигови на страдањата Христови – Црквата, така чудесно и благоговејно нѐ повикува и ни влева храброст да тргнеме заедно со нашиот Спасител; да бидеме будни и трезвени, да ги измиеме нашите души со покајание, да ги соблечеме нашите стари и изветвени од гревови одежди, и налевајќи ги светилниците наши со елејот на милосрдието да Го пресретнеме Небесниот Младоженец итајќи во радоста на Неговата брачна одаја. Ако вчерашниот ден беше пронижан со споменот за воздржанието Јосифово, еве денес, Црквата ни покажува уште една добродетел – милосрдието, кое е мајка на љубовта, клуч кој ги отвора вратите на духовно радосниот пир, одлика на сите Христијани што ги надминува сите останати знаменија, знак по кој се познаваат учениците Христови. Ете, параболата за десетте девојки, како силен потсетник за будноста, нѐ поттикнува, ако сѐ уште не сме го направиле тоа, барем сега, во овие последни мигови да ја прегрнеме не само чистотата, туку и неодложното извршување на добри дела – елеј кој ќе го запали светилникот на нашиот живот, светлина која ќе засветли во срцата на мнозина. „Бидете будни“, им вели Господ на десетте девојки, секогаш бидете будни и спремни да дадете одговор пред Мене.

Се однесува ли ова и на нас? Допира ли гласот Божји до нашето највнатрешно битие, размислуваме ли за силата на Неговите секогаш актуелни зборови? Колкумина од нас, кои со нетрпение го очекувавме ова свештено време, ги издржаа испитанијата што ги проверуваат сите сили на нашето битие, особено силите на верата, надежта и љубовта? Колкумина од нас можат искрено да признаат дека од немарност духовно изнемоштиле и дека не го направиле она што требало да го направат? Да се налее елеј и светилниците да се запалат, тоа значи да го умножиме дарот на љубовта, да принесеме пред Бога плодови на љубовта и простувањето, да го утешиме и прегрнеме ближниот – нашиот скапоцен сад во кој го излеваме милосрдието. Тоа е одговорност пред Бога и луѓето за доверените ни добрини. А Он, Најмилостивиот, штедро ќе ја испрати Својата благодат, доколку и само малку сме се потрудиле да го направиме тоа во Негово име. Времето минува, нашата иднина зависи од тоа што ни се случува сега, во овој миг, кој е веќе изгубен ако не сме го искористиле за да се дадеме себеси во полза на другите.

А Бигорскиот свештен храм, овој Велики Вторник – чудесно – како елеј го излеваше своето бескрајно благодарење пред Бога за пристигнатите верни од сите краишта на земјата, кои трпеливо ги чекаа овие свештени мигови за заедно со Старецот и Архимандрит Партениј и неговото братство и сестринство, да станат учесници во спасоносните настани. Своето срдечно молитвено благодарење низ отпеаните стихири на грчки јазик, го излеа и псалтот и конзерватор Николаос Манѕурис од Грција, кој заедно со хорот на Бигорското братство особено длабоко ги доживуваше овие свети и значајни мигови.

Еве сега, сите ние стоиме пред иконата на Младоженецот на Црквата, и со растреперени души и солзи во очите, во своите срца ја носиме болката поради сето она што нашиот Спасител го поднесе од неблагодарниот човечки род. Зашто и сега, дваесет века подоцна, ние луѓето го правиме истото: повторно Го плукаме, Му се потсмеваме, Го понижуваме; а го правиме тоа со својата крајна несовесност, со тоа што наместо да се дадеме за ближниот, ние живееме за своите потреби, себично и егоистички, наместо да спроведуваме мир насекаде каде што сме, ние продолжуваме со изливите на гнев, и валкајќи го пред сѐ сопствениот образ, ја презираме Христовата жртва со која Он нѐ ослободил од вечното проклетство.

Премилостив Господи, барем сега на крајот вразуми нѐ, за да се вброиме меѓу оние коишто со елејот на милосрдието ги помазале Твоите рани и се удостоиле да влезат заедно со Тебе во Твојата брачна одаја на радоста. Амин.