Велики Понеделник

„Одејќи на страдање, Спасителот им велеше на Своите ученици: Сите луѓе ќе знаат дека сте Мои ученици, ако ги запазите Моите заповеди; мир имајте меѓу себе и смирени мисли кога мудрувате, и ќе се возвисите; знаејќи Го својот Господ, пејте Му и превозносете Го во сите векови.“

Стихира од Трипеснецот на Велики Понеделник

Полека, со смирени мисли и сострадални срца, како што ги учеше Господ своите апостоли, чекор по чекор навлегуваме во таинственото пространство на црковните богослуженија кои ги откриваат пред нашите очи сите величествено трогателни собитија од последните дни на Спасителот наш овде на земјата. Оставаме сè земно и суетно и чекориме, патуваме заедно со апостолите, одиме за да се сораспнеме со Него, да умреме за плотските наслади, за вечно да живееме со Него. Оти тоа што ќе се случува во храмот во овие следни денови не е само мртов спомен за нешто одамна минато, туку реалност која извира од срцето на вечноста и на која почива светот и нашиот живот. Заборавајќи на себе и своите грижи, се препуштаме на вдахновените богослужбени стихови, кои ни го пронижуваат срцето и кршат душата со својата потресна едноставност, слевајќи ги во едно Стариот и Новиот Завет за да ни ги претстави идните безгрешни страдања на нашиот Христос преку старозаветниот праобраз на целомудрениот Јосиф, неправедно пострадан поради зависта на своите браќа.

И додека така молитвено чекориме, Црквата ни прикажува уште еден библиски образ, неплодната смоква, на која Спасителот, приближувајќи се, нашол само лисја, и ја казнил со исушување. Како да сака да ни напомне преку неа дека на Бога на Му се потребни само лисјата на надворешното лицемерно благочестие, туку вистински плодови на покајанието, слушање на словото Божјо и негово исполнување и дека ние, христијаните како негов избран народ и „нов Израил“ треба да го принесеме тој плод. Бидејќи тие кои лицемерно ја исповедаат верата ќе бидат исушени како неплодната смоква.

Напојувани од овие безвремени библиски прикази во молитвената тишина на Бигорскиот храм, додека со свештена почит се изнесуваше од олтарот иконата на Небесниот Младоженец, монасите и присутните верни со покајание и трепет се прашуваа: „Душо моја, ете Женихот твој доаѓа и „блажен е оној раб што ќе го најде буден“, имаш ли во себе елеј на добри дела, или немарно спиеш? Да не се случи да бидеш посрамена и наместо плодови Он да најде во тебе само лисја и дрво суво, неплодно, недостојно за Царството Негово? Поклонувајќи се пред образот на возљубениот Избраник на нивните души, тие со сета усрдност и надеж во молитвите на Пречистата Богомајка, и во неовоземната милост на нејзиниот Син, побараа од Бога барем во овие последни денови пред сеславното Христово Воскресение да го разбуди со нова ревност нивното срце, да ги утврди со подготвеност до крај да го изодат патот до Голгота, да не се поколебаат од страдањата, да ја понесат со сострадални солзи болката на Христовото Распетие и совоскреснувајќи со Него, да се облечат во нова свадбена облека:

„Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Спасителе мој, и немам облека да влезам во неа. Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина, и спаси ме“.