Ниедна друга духовна дејност не го поставува човекот толку блиску до Бога како покајанието. Не привременото душевно чувство на раскајание, туку постојаното дејствително покајание, искреното соочување со сопствената грешност и смиреното, но усрдно обраќање кон Бога… Тоа е внатрешниот духовен труд што светата Црква го посакува од нас и така грижливо кон него нè приведува, особено сега кога посното патешествие полека наближува до својот крај и Страданијата на Спасителот веќе се наѕираат.
Затоа, среде оваа Петта седмица од Великиот Пост, Црквата ни го положила бдението на кое се чита Житието на преподобната мајка наша Марија Египетска – најсилниот пример на покајание, и Великиот покаен канон на светиот отец наш Андреј Критски.
„Од каде да започнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно ридание, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите“.
„Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му“.
Така го започна својот плач Критскиот учител на покајанието, а заедно со него и нашите монашки обители на вчерашното сеноќно бдение, богато со внатрешни созерцанија, покајни воздишки и духовни солзи…
Што, пак, да кажеме за онаа чудесна жена, Света Марија Египетска, која одеднаш се оттргна од бездната гревовна, и во црквата ерусалимска се покаја, и стекна духовно совршенство во јорданската пустина, а и сила чудотворна? Нејзиното житие моќно ни покажува колкава е благодатта Божја над грешниците што се каат и нè повикува и ние од страстите да се оттргнеме…
Убавината од ова прекрасно богослужение оваа година ја украси и Светата Пречистанска Обител, каде нашиот Старец, Архимандрит Партениј, ја помина оваа ноќ на покајание и плач духовен, со тамошното сестринство. Гласот со кој Старецот го читаше Житието на Св. Марија и Покајниот канон ги приведуваше душите на присутните кон опитно познание на плодовите од покајанието… Со истата таа внатрешна задлабоченост тој ја отслужи утрово и Литургијата на предосветените чесни Дарови.
„Смилувај се, спаси ме, Сине Давидов, помилуј ме! Ти, Кој мачените од демони со збор ги исцели, збор милосрден како на разбојникот кажи ми: Вистина ти велам, со Мене ќе бидеш во рајот, кога ќе дојдам во славата Моја“.