Во прегратките на Мајката небесна

Похвала на Пресвета Богородица. Сабота на Акатистот. Бдение

Кога детето е исплашено, потиштено и збркано, доволна е само една љубовна мајчинска прегратка за сето тоа душевно студенило одеднаш да го снема и успокојувачка топлина и тивка радост да го исполнат детското срце. Подобно на ова, и нашите души, возмутени, исплашени и ранети од суровите напади и угрози од непријателот на нивното спасение и од внатрешните разорувачки страсти, наоѓаат неискажливо спокојство, и безбеден потслон, и исцелителен мелем, и пристаниште на радоста во љубвеобилната и најнежна, благодатна прегратка на Мајката Божја, на Мајката наша…

О, каква духовна красота и сокровиште на утехата и радоста е акатистното бдение во чест на Пречистата, што Светите Отци, тие послушни деца Нејзини, го положиле сега, пред крајот на великопосната борба, кога нашите духовни сили веќе ги трошат последните залихи! „Внатрешното богатство и убавина на Акатистот – и во богословско-догматска, и во молитвено-богослужбена, и во уметничко-поетска смисла – се оценува само со највисока оценка. Може да се каже дека тој самиот по себе претставува чудесен состав, што би се рекло, од тешко споиви нешта: догматската точност и длабочина, споредлива со точноста и длабочината на вероопределувачките Вселенски собори, и восхитувачката поетска префинетост, го прават Акатистот литературно-уметничко ремек-дело. Општо, таквиот состав е характеристичен за најубавите произведенија на христијанската химнографија од византиската епоха, коишто се употребуваат во богослужението на Црквата до наши дни“ (Архимандрит Јануариј Ивлиев).

Несомнено, акатистното бдение е едно најсилно мајчинско загрнување од Онаа Која „Светлоста надумна ја роди“, „рајската сладост ја расцутува“, Која е „на сиот свет очистување“… И кој од бројните присутни вчера на бдението во Бигорската Обител не би можел да го посведочи тоа? Зашто немаше меѓу нас срце што не ја вкуси радоста од милоста на Пресветата Богородица, Која „образот на воскресението ни го заблеска“. Особено, пак, кога стиховите од Акатистот ги пееше нашиот старец, Архимандрит Партениј, со вдахновена задлабоченост во нивната внатрешна суштина…

И Светата Златоустова Литургија началствувана од старецот, а со која се запечати вчерашното бдение, беше учество во небесната слава на Царицата на сè, и благодатно соединување со Христа најмилиот…

О, севоспеана Мајко, Родителке на Словото посвето од сите Светии! Примајќи го приносот сегашен од секоја напаст избави нè, и од секоја идна мака сочувај нè нас, кои ти воспеваме: Алилуја!