Благодат врз благодат за именденот на Старецот

Спомен на Св. Партениј Лампсакиски Чудотворец

Од сите безбројни Божји чуда едно е, сепак, неспоредливо најголемо и најизненадувачко; тоа не се Божјите проѕирања во невидливите нешта, предвестувањата на иднината, исцеленијата, воскресенијата… Не, туку и тие се на некој начин само последица на тоа едно највосхитувачко чудо. Тоа Божјо чудо е Неговата љубов и долготрпение. И како што таа љубов постојано нè изненадува со своите недосежни граници, така уште повеќе нè восхитува кога со истата сила се пројавува и во луѓето. И навистина, што се Светиите Божји, ако не носители на сеопфатната љубов Божествена?

Денес празнуваниот Светија, Преподобниот Партениј Лампсакиски, е еден од многуте пријатели Христови, кои ги восхитиле и земјата и небото, со својот подвиг за богоуподобување. Славното име, пак, на овој Светител, по Божјото семудро провидение, смирено го носи и нашиот најмил Старец и духовен татко, Архимандрит Партениј. Но, не само што му го носи името, туку тој понизно, предано и макотрпно се труди да го последува во неговото достигнување на Божјата љубов. Колку ли само пати нè изненадил и восхитил Старецот со своето трпение, милосрдие, снисходење, простување, пожртвувано слугување за наше спасение…!

Затоа сега, на неговиот именден, нашата монашка заедница и многубројните верни срдечно се потрудија, барем малку да му ја пренесат својата благодарност, а и да го изненадат со дарови на искрена љубов. Најнапред, тие мали изненадувања започнаа пред неколку дена, кога бигорското братство и рајчичкото и пречистанско сестринство го купија и поставија во нартексот на храмот, под Светијовановата купола, полиелејот што нивниот игумен долго време го посакуваше. Изненаден од глетката како целото негово монашко семејство со радост го пречекува во храмот, тој проговори: „Секогаш кога ќе го гледам овој полиелеј, ќе ме потсетува на вас, мои најмили браќа и сестри, кои наликувате на многу запалени свеќички, на многу светлинки собрани во едно, како што сте секогаш собрани заедно во моето срце“.

Вчера, пак, како дар на Старецот својата љубов му ја принесе и некогашниот бигорски собрат, сегашниот многупочитуван Митрополит Брегалнички, г. Иларион, кој со манастирско иподохи беше пречекан од целото наше братство и присутните верници. Во таа прилика, Архимандрит Партениј во своето поздравно слово најтопло му се заблагодари на ценетиот владика за неговото присуство, но и на сите свои духовни чеда и пријатели за нивните прилежни молитви за него.

Сепак, можеби, најголемото љубовно изненадување за нашиот отец, оваа година беше благодатната посета на уште еден Владика, но овој од небесната Црква – Светиот Партениј Лампсакиски, кој пристигна во храмот преку делче од неговите чудотворни мошти, што пред самиот почеток на вечерната ги донесоа наши долгогодишни искрени браќа во Христа од Грција. Видно трогнат од ова големо изненадување, Старецот низ солзи рече: „Морам да ви кажам што носев пред малку во ковчежето. Пред почетокот на богослужбата браќата ми рекоа дека имаат уште едно изненадување за мене – имено, дека ќе дошол некој епископ од Грција, мој голем пријател. Јас без сомнеж им поверував, бидејќи имам многу пријатели епископи од Грција, и си помислив дека станува збор за некој од нив, но само се прашував кој би можел да биде тој. И навистина, на необичен начин дојде мојот најголем пријател меѓу епископите, оној чиешто име со радост го носам. Значи, ова што го гледате е делче од чесните мошти на Св. Партениј Лампсакиски, што нашиот Манастир ги доби како дар од еден возљубен наш брат во Христа, архимандрит од Грчката Православна Црква. Кога го пречекавме пред портите, овој брат ми рече: ’Не знаевме каков друг поголем дар би можеле да ти донесеме од моштите на твојот небесен патрон‘. Навистина тоа е така, за што бескрајно им се заблагодарувам! Бог да ги благослови, по молитвите на Св. Партениј!“

Во радосната молитвена атмосфера во храмот, по завршетокот на Вечерната, од името на сите синови и ќерки во монаштвото на нашиот духовен татко, се обрати најстариот јеромонах, о. Доситеј, поклонувајќи му игуменски крст:

„Ваше Високопреосвештенство, наш секогаш скап гостин, на кого искрено сме Ви благодарни што, ете, на оваа наша своевидна монашка слава ни ја зголемивте радоста со Вашето присуство!

Ваше Високопреподобие, драги браќа и сестри, дел од Бигорската Света Обител!

Според Божјата Промисла, именденот на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, оваа година е сместен во подготвителниот период за Великиот Пост, и тоа после седмицата во која, согласно богослужбениот поредок, се читаа страдални евангелски зачала од Страсната Недела, како и после денешното Евангелие за Второто Христово Пришествие.

Утрово, на Светата Литургија имавме прилика да ги слушнеме Христовите зборови: Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене (Матеј 25,34-36).

И ете, отец Партениј, уште од самото свое доаѓање во Манастиров, кога пред скоро 22 години беше замонашен од страна на многуценетиот наш Владика Тимотеј, ги постави за основа на својот монашки подвиг овие спасителни Христови зборови. И не само што ги постави, туку тој ревносно ги применува во својот личен живот, а во истиот тој Евангелски дух, усрдно ги воспитува и сите свои духовни чеда, особено монасите и монахињите.

Во споменатите зборови од Евангелието гледаме дека Христовата справедливост се поистоветува со љубовта, односно љубовта Божја не треба да ја поимаме по човечки како наказание, туку како пројава на неизмерната љубов кон човекот. Во една прилика, на еден монашки синаксис, Старецот кажа: ’Светоста се состои во љубовта‘. За да се достигне, пак, таа совршена Божја љубов или светост, потребен е подвигот на себераспнување и жртвување за ближните, подобно на Христовата спасителна жртва на Крстот.

Токму затоа, возљубен наш Отче, Ве замолуваме да го примите од нас, Вашите недостојни чеда, монаси и монахињи, овој скромен по материјална вредност, но бесценет по духовното значење, игуменски крст, во знак на смирена благодарност за Вашето секојдневно распнување во подвигот на љубовта. Како што гледате, овој крст е малку невообичаен, бидејќи содржи два хоризонтална крака, а нивната симболика за нашите сегашни околности е следнава:

Двата крака нека ги симболизираат справедливоста и љубовта, коишто, рековме, се изедначуваат со светоста. Но, исто така, вториот крак нека го претставува и новото Пречистанско сестринство, коешто го зголемува Вашиот духовнички крст; самото, пак, тоа сестринство, како и сите ние, кои сме еднодушни во љубовта Христова, и понатаму се надеваме на Вашата пожртвувана крстна љубов.

Во тој претежок, но христоподобен подвиг, нека Ви помага Вашиот небесен закрилник, големиот пастир пред Господа, Светиот Партениј, Лампсакискиот Чудотворец, чиишто мошти, по големата Божја милост, Ви ги донесоа пред малку од православна Грција!

Ви благодариме за сè! Честит именден и на многаја лета!“

После тоа проговори и разбрануваното од љубов срце на Старецот:

„Навистина не знам кому повеќе да се заблагодарам: дали на Св. Партениј, кој на благодатен начин дојде вечерва во нашата Света Обител, преку неговите свети мошти; на кого 22 години непрестајно му се молам, зашто уште од самото мое монашење, тој ми стана неразделен и најверен пријател, другар и помошник; или, пак, на моите најдраги браќа и сестри монаси и монахињи, кои непрестајно ме опсипуваат со ваква небесна љубов, од која срцето радосно ми трепери. Оваа година ми приредија многу изненадува. Почнаа пред два дена со полиелејот во нартексот. Бидејќи јас секогаш им велам дека тие за мене преставуваат многу светлинки собрани во едно, се решиле да ми го купат тој дар и да го постават под ликот на Св. Јован Крстител, нашиот закрилник, за секогаш да ме потсетува на нив, на овие во Бигорски, на тие во Рајчица, на оние во Пречиста и во Кнежинскиот Манастир, на сите монаси и монахињи воопшто.

Ви благодарам бескрајно и на вас, мои мили духовни чеда и пријатели, за сета ваша искрена љубов и молитви. Мислам дека во овој миг зборовите се излишни, бидејќи нашата духовна заедница и љубовта што нè спојува меѓусебно, говори многу посилно од сите слова за тоа како заеднички сме се учеле да живееме по Евангелието, соединети во љубовта Христова. И дај Боже таа евангелска љубов и светлина што ја носиме вечерва во срцата да се шири насекаде во нашата Татковина и во целиот свет! Амин!“

Веднаш потоа, својата љубов на Старецот му ја принесоа и неговите духовни чеда отсекаде, изразена преку молитви, благодарствени писанија, дарови… Така, во продолжение беа прочитани благодарствените писма на духовните чеда од Скопје, Охрид, Кичево (кои подарија едно прекрасно големо кандило за ктиторската фреска во големиот синодикон), но и од оние што живеат далеку од родната Македонија. Нашиот многу вешт копаничар, пак, од Охрид, Даниел Колески, му подари на отец Партениј еден чудесен дрвен крст со Распетието Христово, изработен во префинета минијатура и обложен со сребрен филигран.

Вчерашниот изблик на благодарење беше заокружен со настапот на надалеку познатиот наш Ансамбл за народни песни, „Македонија“ од Скопје, кој со своето неочекувано доаѓање предизвика голем восхит кај Старецот и сите присутни. Членовите на Ансамблот, облечени во преубавата македонска мијачка народна носија, со прекрасните изведби на неколку чалгиски македонски песни во манастирската галерија, како и со своите светли и радосни лица на кои се оцртуваше само љубов и благодарност, беа скапоцен дар за нашиот игумен и за целата Обител.

Принесувањето на благодарствени дарови со несмалена сила продолжи и во текот на денешниот ден. А особено драг поклон за нашиот отец и за сите нас денес, беше доаѓањето на нашиот возљубен архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со Светата Литургија, во сослужение со Митрополитот г. Иларион, браќата јеромонаси и јероѓакони, како и неколку свештенослужители и ѓакони од нашата и од Брегалничката епархија.

Честитајќи му го именденот на отец Партениј и искажувајќи му најубави благопожелби, нашиот драг Владика, со своето пригодно слово, на една седмица до почетокот на Чесниот Пост, нè потсети на Христовиот успокојувачки призив за доброволно примање на Неговиот благ јарем на послушанието и лесното бреме на трпението.

На многаја лета, возљубен наш Старецу!