Откако ќе ја завршиме душеполезната Четириесетница, да повикаме: Радувај се, граде Витанијо, отечество Лазарево. Радувајте се, Марто и Маријо, сестри негови, зашто доаѓа Христос, со збор да го оживи умрениот брат.
Со овие зборови црковниот поет ни го возвестува крајот на Великата Четириесетница, воведувајќи нѐ во големите и нечуени собитија од светата Страсна Седмица. Нејзино предначинание е Лазаревото Воскресние. „Шест дена пред Пасха, со петте чувства, четиридневниот од Тридневниот, на двете (сестри) единствениот (брат) им се дарува“ (Св. Епифаниј Кипарски).
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да го оконча Неговото спасително дело и да ја исцели сечовечката рана, шест дена пред да биде предаден на неговите, секогаш споменувани Страданија, со коишто ќе го запечати нашето спасение, ни покажа, како некоја увертира во победничката симфонија, нам, Неговите ученици, но и на сиот свет, дека постои воскресение на мртвите и дека Он е навистина „Живот и Воскресение“. Денес Жизнодавецот го воскресна Лазар, пријателот Свој.
Во евангелското раскажување на Апостолот Јован за овој необичен и дотогаш, невиден настан, се опишуваат трогателни сцени: љубовта и тагата на сестрите Лазареви, Марта и Марија, сочувствувањето на нивните роднини и пријатели во нивната болка, а особено пројавата на човечката природа на Богочовекот: Христос просолзува за смртта на Лазара. Истовремено, при овој настан, Он самовласно и господствено потврдува: Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека (Јован 11,25-26).
А сведоштво за вистинитоста на овој животворен Христов исказ беше за нас благодатното богослужение и вдахновениот глас на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со кој ни го испеа тој чудесниот канон на Лазаревото воскресение…
„Господи, гласот Твој го разруши адовото царство и словото на власта Твоја го востана од гробот четиридневниот и стана Лазар спасителен предобраз на нашето пакибитие. Сѐ е можно за Тебе, Владико, Цару на сите: дарувај им на слугите Твои очистување и милост голема“.