Свет и Велик Вторник

Зафатен од дремка на духовна мрзливост, Младоженецу Христе, не ја стекнав светилката што гори од добродетели и станав сличен на безумните девојки, забавувајќи се додека беше времето за работа. Утробата на милоста Твоја не затворај ја за мене, Владико, но мојот мрачен сон растерај го, и со мудрите девојки во Твојата брачна одаја воведи ме, каде што е чистиот глас на оние што празнуваат и викаат: Господи, слава Ти“.


(Стихира на Хвалитни стихири)

Одново Светата Црква нè собира на овој Свет и Велик Вторник, воведувајќи нè во уште едно големо таинство. Одново нè повикува да се задлабочиме во собитијата што следат и нè подготвува онака како што Христос некогаш ги подготвуваше Своите ученици апостоли. Ете вчерашниот ден беше пронижан со споменот за неплодната смоква и за воздржанието Јосифово од блудната соблазна, а денес во срцата и мислите наши одекнува чтението за петте мудри и петте неразумни девојки. Едните ја сочувале својата душевна и телесна чистота, исполнувајќи го својот живот – светилниците свои – со елеј на љубов и милосрдие, а другите пак, мрзливи за секакво добро дело надвор од свадбената одаја останале.

Трепери срцето наше во овие свети мигови. Трепери и се прашува: „Блеска или згаснува мојот светилник? Љубам ли доволно? Давам ли доволно? Спремен ли сум да прегрнам, да простам сè и секому? Имам ли чисти дела на милосрдие? Имам ли вера дејствителна и надеж непосрамлива? Достоен ли сум да Го видам Христа и со Него да се соединам или надвор од свадбената одаја и јас сега ќе останам? ‘Твојата свадбена одаја, Спасителу, ја гледам украсена, а облека немам да влезам во неа. Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина и спаси ме’“, одекнуваат овие зборови, омекнувајќи ја секоја верна душа. Ја гледаме сега пред нас Неговата неземна убавина, божествениот Лик Негов, но не можеме себе да се видиме во Него. Не можеме зашто мала е нашата љубов. Зашто наместо со покајание себеси да се очистиме, ние брзаме да го извалкаме образот на ближниот; наместо да го прегрнеме, ние заедно со толпата безумно извикуваме: „Распни го, распни го!“ Наместо рака да му подадеме ние во рацете негови клинци коваме.

И додека се соживуваат срцата наши со овие трогателни настани, врзани за последните денови од земниот живот на нашиот Господ, сфаќаме дека не ни преостанува ништо друго, освен усрдно да Го молиме да нè разбуди од гревовниот сон во кој западнавме, да нè измие со водата на покајанието, да нè преоблече во светлата облека на духовната радост, да нè охрабри за делата на љубовта и милосрдието. Да Го молиме со Својата благодат да нè просветли за да можеме најпосле да разбереме дека не ние, туку Он прв нам ни се даде, прв ни се откри и ни пристапи, прв силно нè возљуби, прв надумна жртва на Крстот принесе, за преку неа да нè удостои со Него да воскреснеме, со Него да се соединиме, со Него постојано општиме. Од Него сме, Негови сме и Нему сецело сега треба да Му се предадеме. „Доаѓа Младоженецот, да побрзаме да Го пресретнеме“.

„Да се исправи молитвата моја како кадило“ – одѕвонува во душите тивкото и умилно пеење во свештените храмови на Бигорската, Рајчичката и Пречистанската Обител. Во овој Свет и Велик Вторник и ние сме заедно со Господа, Кој им беседи на Своите ученици. Одиме во Светиот Град Ерусалим, каде за скоро, од рацете човечки, ќе биде извршено најужасното собитие – убиството на Создателот на родот човечки. Да останеме со Него и да ги послушаме последните Негови поуки: „Бидете будни и молете се!“