(Видео) Четвртиот Акатист: Благоухан молитвен принос пред Пречистата

Во средоточието на Светата и Велика Четириесетница, кога Црквата Христова, оснажена со благословот на Чесниот Крст, со трепет го продолжува својот покаен пат кон славното Христово Воскресение, вечерва во манастирот на Пресвета Богородица – Пречиста кај Кичево, нашиот сакан Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, го произнесе четвртиот Акатист кон Неа, Царицата Небесна и наша неуморна Застапница. Со тивка молитвеност и длабока благоговejност, Старецот и овојпат со синовска љубов и духовна грижливост ги воздигна прозбите и благодарењата на своето монашко семејство и на присутните верни кон Пресветата Мајка.

Пред нејзиниот чесен образ, во нејзиниот величествен Пречистански храм, во кој толку многу молитви се слеани со солзи, љубов и надеж, секое „Радувај се“ од устата на Старецот и на хорот се претвори во благоуханен принос, во моќно повикување на нејзиното милосрдие коешто секогаш брза да помогне.

Во овие денови на духовна борба и внатрешно очистување, Пречистата Богородица повторно го простира Својот покров над сите што со вера и љубов прибегнуваат под нејзината мајчинска закрила. Нека не остави никого од нас без својата света помош и нека нè патеводи по патот кон светлото Воскресение!

Владичице небесна, преслатка Марие, радост на душата – Ти, Царице Мајко наша!

Кога говориме за Тебе, душата тивко пее и славослови, срцето потскокнува, а умот отстапува во немоќ пред величието на Твојата чистота и добрина.

О, Пресвета Владичице, Царице Небесна, Мајко на Словото, светилник на светлината и утехо на сите наскрбени, со каков ум да се приближиме до Тебе? Со какви зборови да ја искажеме благодарноста што сме Твои? Ние, недостојните, грешните, скршените од бурите на времето и притесненијата – само под Твојата покровителска сеница наоѓаме оддишка и радост.

Ти не си само една блага и нежна слика на мајка, нацртана на православните икони; Ти не си само поетско вдахновение на свештените химнографи и уметниците; пред сѐ, Ти си врховна Мајка на сите нас. Мајка која и кога ние се забораваме, Таа не заборава, туку се грижи; кога бегаме, не престанува да нѐ бара; кога грешиме, не престанува да се застапува за нас. Каква љубов е тоа, Мајко? Каква длабочина на милосрдие е во Тебе сокриена?

Сите светии, сите ангелски чинови, пред Тебе стојат со благоговение и истапление, знаејќи дека Создателот низ Твојата утроба мина, за да го прегрне Своето создание. Ти си мостот меѓу небото и земјата, Ти си вратата преку која Бог влезе во историјата и во времето и ни ги отвори небесните простори. Ти си новата Ева, не онаа што ни донесе смрт, туку Онаа Која ни го донесе Животот.

Светите Отци те нарекуваат „по Бога – бог“, најсвета по Света Троица; Ти Која во Твојата прегратка Го држеше Оној, Чијашто прегратка го држи целото создание. Свети Јован Дамаскин плаче кога пишува за Тебе, а Свети Григориј Богослов веќе не знае дали говори или немее во созерцание кога Те фали. Свети Паисиј не може да издржи без солзи кога раскажува за Твојата тивка мајчинска љубов, а Старец Ефрем се смирува доземи пред Твојата бескрајна чистота.

О, Мајко, Која Го роди Оној Кој суштествува пред времињата! О, Добра, Која стана заради нас Лествица небесна, преку која ние, земните и заборавените, се издигаме кон незалезната Светлина!

Не можам да не Те сакам, Пречиста! Не можам да не Те повикувам кога ноќта ја притеснува душата, кога болката го пара срцето, кога стравот ги парализира внатрешностите. Тогаш, само едно изговарам: „Пресвета Богородице, спаси ме!“ – и целиот Ад се повлекува, сите облаци исчезнуваат, и се чувствувам повторно како дете на Твојата милост.

Колку ли само Ти се радува Бог кога ја гледа Твојата милост како се прелива врз нас! Колку ли се зачудуваат ангелите кога гледаат дека Ти, земна по природа, постојано посредуваш за нас со сила ангелска!

Царице, не заборавај нѐ. Биди ни утеха кога срцето се плаши, сила кога волјата се губи, надеж кога сѐ изгледа изгубено. И кога ќе заборавиме, потсети нѐ. Кога ќе паднеме, крени нѐ. Кога ќе згрешиме, покриј нѐ со Својот мајчински покров и води нѐ до покајание.

Ти, Која си радост на скрушените и слава на обожените, биди со нас, сега и секогаш. Научи нѐ да Го љубиме Твојот Син со Твојата љубов. Да Му служиме со Твојата кроткост. Да Го бараме со Твојата решителност. И кога ќе пристигнеме до крајот на земниот пат, дојди и тогаш да нѐ пречекаш. Како што само Ти знаеш – тивко, нежно, мајчински.

Пресвета Богородице, спаси нѐ! Радувај се, Невесто Неневестна!❞ ✧ ೃ༄

Епископ Антаниски Партениј