Чиста среда – духовното величие на тримирот

Живеејќи ги првите посни денови од Светата Четириесетница во крајно воздржание, засилена молитва и внимателност врз себеси, денес, на првата света Литургија на Претходноосветените дарови, нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос нѐ удостои да се причестиме со светите, пречисти, бесмртни, небесни, животворни и страшни Тајни.

Огромен благослов се излеа над нашата Свештена Обител, над нашата Црква и Татковина, бидејќи заедно со монасите во исклучителниот подвиг учество зедоа и многумина млади Христијани од повеќе места, дојдени со голема храброст, подготвеност и побожност, подложувајќи се на тешкиот подвиг во тримирот – тоа блежно тридневие на целосно воздржување од храна и вода.

Со вера и љубов да пристапиме, за причесници на вечниот живот да станеме. Денес за прв пат во оваа Света Четириесетница, на Литургијата на Претходноосветените дарови, отслужена од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со толкава посветеност и богопреданост, заедно со браќата јеромонаси и јероѓакони, го слушнавме овој радосен призив. Оти, пристапувањето кон Светата Причест не е една вообичаена секојдневна пракса, една обична обврска за Христијаните. Тоа е нешто многу повеќе. Тоа е копнеж за Христа, тоа е кога душата ти гори да се соедини со нејзиниот Жених, со Љубовта на нејзиното постоење. Правилниот приод кон оваа најголема Тајна на Црквата значи свесност на душата дека таа не може без Христа. Тој неугаслив копнеж на душата за соединување за Христа, го посведочија и многубројните верни, коишто и покрај нивните работни и семејни обврски, притекнаа во нашите обители, за да го примат благословот од тридневниот целосен пост. Наместо леб, нивна храна беа превкусните Богослужбени пенија; наместо вода, нивно питие беа Божествените Давидови псалми, читањата од Светото Писмо, покајните изливи од Канонот на Свети Андреј Критски, непрестајната молитва Исусова… Навистина, во изминативе три дена господареше вечноста, просторот во кој одекнуваше ехото на Царството Божјо. Иако бевме на Земјата, како да се наоѓавме на Небото…

Старецот, пак, и овој пат татковски нѐ благослови и нѐ прегрна во љубовта Христова, обновувајќи ни ги душевните сили, за добро продолжение на остатокот од оваа стаза на подвиг за севкупно очистување, та со очистени срца и светли мисли да им се поклониме, најнапред на Светите Страданија Христови, а потоа и на Неговото Сесветло Воскресение.

„(…) А што друго би можело да биде духовното будење, ако не една напрегната борба? Токму тоа е нашиот монашки подвиг, деца, – борба. На прв поглед, борба со себеси, но во една подлабока, созерцателна смисла – борба со Бога. Да, имено тоа – борба со Бога! Се сеќавате ли на онаа чудна борба на Јаков во ноќта со Некого? Колку возвишен настан од Стариот Завет! Повозвишен не може и да биде! Еден смртен човек, еден сон, необичен Посетител во сонот, една борба. Јаков се бори со Некого во ноќта. Библиско приповедание полно со значење и длабочина, кое одново и во секое време се одигрува на поприштето на молитвата.

Јаков го измамил татка си и посоветуван од мајка си Ревека, го украл благословот што му припаѓал на брат му Исав и потоа побегнал. Поминале дваесет години и утре треба да се сретне со братот кој му постанал непријател, желен за одмазда. Се плаши. Што ќе биде со него? Во оваа ноќ, во длабока осаменост, размислува и се задлабочува во својата душа. Се соочува со минатото и се прашува за иднината. Во непријателство е со татко си и со брата си. Слаб е, неодлучен, колеблив и обесхрабрен: Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би кога ќе дојде да ме убие (Битие 32,11). Не може никако да се ослободи од стравот и да поверува на Божјото ветување дадено претходно, дека неговото потомство ќе биде колку песокот на земјата; и дека сите племиња на земјата ќе се благословуваат со него и во потомството негово (сп. Битие 28,14). И како одеднаш, после таа необична ноќ и борба, Јаков од слабак станува Патријарх и го добива името Израил, борец со Бога?

Неговата преобразба се случила ноќе, во самотија. Ја избрал ноќта како свое прибежиште. Време во кое може да се издигне над секојдневната суета и грижи, над минливите задоволства и беспокојства, радости и таги… Ноќе неговиот телесен вид замира, а духовните очи му се отвораат. Мислите му се возвишуваат нагоре, неговиот поглед се шири. И што се случува во оваа, за него дотогаш невидена ноќ? Нападнат е. Непознат напаѓач се впушта кон него и тој ја прифаќа борбата. Се борат напрегнато и борбата трае сè до зори. Дури тогаш напаѓачот ги изговара своите први зборови: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но Јаков не попушта, туку поставува услов, вели: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш“. Во една прекрасна прегратка продолжуваат да се борат еден со друг. И му рече: „Како се викаш?“ А тој одговори „Јаков“. Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш“. А Јаков праша и рече: „Кажи ми го името Твое!“ А Он одговори: „Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно?“ И го благослови таму. И Јаков го нарече она место со името Фануил, зашто, рече: „Бога Го видов лице в лице, и душата моја се спаси“ (Битие, 32,26-30).

Гледате? Јаков се борел со Оној во Кого го пронаоѓа вистинското себе, богосотвореното јас. Се борел со Бога. Постои еден чудесен, неопислив однос помеѓу Бога и човекот во молитвената самотија. Човек мора да биде са, како би Го слушнал и почувствувал Бога, а и да се бори со Него во молитвата, за да се избори за нешто ново и големо. Бог на некој начин сака да Го восхитиме со нашата ревност, со нашата упорност. Со нашата љубов. Јаков ја докажал својата непоколебливост да се соочил со Бога, бил дури и повреден – по таа пресвртна ноќ тој цел живот накривувал со едната нога – значи, отишол до крај, бил подготвен да се бори па макар и целосно да загинел. И бил победен, неспорно. Но да бидеш поразен од Бога, не е ли најголемата победа? Победа над сите победи; победа над гревовното јас, над исплашеното човече во мене самиот, над погубните страсти што ме делат од Бог. Има ли нешто поубаво од тоа!? Да бидеш достоен соперник на Бога во молитвата!

Е, монашкиот живот е токму тоа, борба. Борба Јаковова – упорно даваш сè од себе, или поточно целосно се даваш самиот себе. Долгите монашки богослужби ни го докажуваат тоа. Овие чудесни служби ги создавале отци кои токму такви биле: ревносни во борбата да Го најдат и да се соединат со Бога. Сите знаеме колку е понекогаш напорно, особено во овој период, да се издржи службата; часови и часови, умот ти лета некаде на друго место, главата ти паѓа, очите ти се затвораат… Но, се бориш и издржуваш, се будиш духовно, Го бараш Бога: Боже, Боже мој, почуј ме! Зошто ме остави? Далеку од спасението мое се зборовите на гревопадите мои. · Боже мој, дење и ноќе ќе повикувам и не ќе ме услишиш (Псалм 21,1-2). Боже, за споможението мое погрижи се; Господи, побрзај да ми помогнеш (Псалм 69,1).  Подвиг е богослужбата, навистина подвиг. Колку се долги православните богослужби, особено в манастир! И голем е благословот ако се трудиме да издржиме. Такво е православното богослужение – чудесно, таинствено, Божествено. Во него најмногу може да се почувствува духот на православното монаштво. Едно упорно барање на Бога. Борење со Бога! Подвиг. Давам сè од себе, за да стасам до Него, макар и некогаш да Го чувствувам толку далеку, со километри… Оти, богооставеноста е лично мој проблем, не Божји. Далечината што ја чувствувам е поради моите грешки и поради ништо друго. Меѓутоа, колку далеку и да Го чувствувам, викам кон Него: „Твој сум јас, Боже, само Твој! Помилуј ме! Тебе Те барам, само Тебе Ти припаѓам“. Упорност е потребна, многу голема упорност. Тримирот што го изминавме, не беше ли една таква упорност? Тешко е, ти се јаде, коските те болат многу, половината те врти, јазикот ти се лепи за непцето, а службите страшно долги… Но сето тоа го занемарувам, оти го барам изгубениот Рај, Го барам Љубениот. Го барам Бога, Кој ќе ме поткрепува, Кој ќе ме милува, ќе ме благословува за мојот подвиг, ќе ми испрати благодат…“

(Извадок од синаксис на Старецот Епископ г. Партениј со браќата).

Нека подвигот на тримирот, за сите што со љубов го понесоа на себе, им биде за спасение на нивните и душите на ближните, како и за благослов на целиот наш христијански род!