Чиста среда – круна на светото тридневие

Блажениот Тримир. Три дена на целосно воздржание, на молитва, на тишина, на напрегната борба и внатрешен мир. И денес, на Чистата среда, тој уникатен тридневен подвиг ја доби својата круна: првата преждеосвештена Литургија во овој Велик пост, отслужена како свет печат врз првите чекори на великопосното патешествие.

Светата Литургија на претходно осветените Дарови ја тајноводеше нашиот сакан Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, заедно со браќата свештенослужители. И кога во тој свештен миг на средба со Возљубениот, верните пристапија кон светата Причест, храмот беше исполнет со таква радост каква што само овој миг може да ја даде: радоста на гладните што се наситија не со леб, туку со Самиот Христос Бог! Околу сто и педесет тримирци – толкав број, досега невиден – се причестија со светите Христови Тајни, завршувајќи го тридневниот подвиг на целосно воздржание со највозвишеното и најубавото нешто: со соединување со најслаткиот Христос.

Химнографијата, пак, на овој ден е обележана со знакот на Крстот. Ако понеделникот беше ден на тргнување, а вторникот ден на продлабочување, Чистата среда е ден на кој погледот на Црквата јасно се вперува кон Голгота. „Преку Своето страдање, човекољубив Господи, на сите луѓе им даде слобода од страстите, умртвувајќи ги страстите на моето тело со Својот Крст,“ пее Црквата на утрената. Тука е тајната на постот во нејзината полнота: нашето мало воздржание, три дена без храна и вода, добива смисла единствено затоа што Он, Безгрешниот, го прими Крстот заради нас. Нашиот пост е одговор на Неговата љубов.

А канонот на утрената ни ја открива длабочината на тој одговор: „Да ги распнеме нашите членови преку воздржание, и како што е напишано, да бидеме будни во молитвата, живеејќи по примерот на Оној Кој пострада, со Своето страдање умртвувајќи ги страстите.“ Да ги распнеме, не другите, туку себеси и своите страсти. Не нашите ближни, туку нашите егоизам и алчност. Тоа е крстот што секој христијанин е повикан да го понесе, и тоа е крстот што постот ни помага да го земеме врз себе.

И среде оваа строгост, каква нежност во зборовите на хмнографот: „Печката на страстите ја изгорува мојата душа; но угаси ги нејзините пламења со росата на Својата милост. Зашто во Твоето човекољубиво самопонижување, Добротвору, при Своето распнување, Ти направи извор на бестрастие да потече од Твоето пречисто ребро.“ Извор на бестрастие од прободеното ребро Христово! Тоа е сликата што ги обединува Крстот и Причесната: од истото тоа ребро потекоа крв и вода, и ние, причестувајќи се денес, пиеме од тој ист извор.

Затоа канонот со сигурност пее: „Го фалам Твоето распнување, Христе, и прободувањето на Твоето божествено ребро, од кое секој ден црпам бесмртен напиток и се осветувам.“ Тоа „секој ден“ е во случајов преждеосвештената Литургија. Тоа е тој бесмртен напиток што денес толку многу души го примија во нашиот храм. Тоа е тоа осветување што постот го подготвува, а светата Причест го завршува.

Стихирите на вечерната, пак, ни ја даваат целосната слика на вистинскиот пост, не само телесен, туку и духовен: „Додека постиме телесно, браќа, да постиме и духовно. Да го раскинеме секој јазол на неправдата; да го раскинеме секој неправеден сојуз; да раздаваме леб на гладните и да ги примиме во нашите домови оние кои немаат покрив над главата, за да примиме голема милост од Христа нашиот Бог!“ Колку е моќен овој повик! Постот без милосрдие е празен; воздржанието без љубов кон ближниот е – глума. Вистинскиот пост е отворена врата на домот и отворена рака кон оној кому му е потребно.

И уште една слика, исполнета со надеж: „Постот ни засвети на сите, посветло од сонцето, донесувајќи ни ја светлината на благодатта, благовестувајќи го Крстот, чесното страдање и спасоносниот ден на Воскресението.“ Еве каде води постот: не кон мрак, туку кон светлина посветла од сонцето. Не кон смрт, туку кон Воскресение. Крстот не е крај, тој е пат кон животот.

„Преку Својот Крст, Човекољупче, ми даде сила,“ пее деветтата песна на канонот. „Дарувај ми да го завршам времето на постот со добра храброст!“ И ние, утешени и засилени со денешното свето Причестие, ја повторуваме оваа молитва од длабочината на срцето.

Голем е благословот што Господ ни го дарува. Да го види Бигорскиот храм исполнет со толкав народ, со толку души гладни за Христа, кои тридневниот подвиг на целосно воздржание го завршија со пристапување кон Чашата на Животот – тоа е знак дека верата е жива, дека народот е жеден за Бога, дека Црквата е мајка која храни. Затоа, со голема радост Старецот ги поздрави и ги благослови сите тримирци, молејќи се Господ да им го прими подвигот на сите кои постеа и се причестија, за благослов на нивните семејства, за благослов на нашите Црква и народ. Постот продолжува. А Крстот нè носи понатаму.