Четвртиот ден. Телото веќе се навикна на гладот, но душата – таа штотуку почна духовно да се буди и да расцветува. Зашто постот има свои скриени законитости: првите денови се борба, а потоа, полека-полека, се отвора нешто внатре, нешто тивко и длабоко, како извор среде пустина. И токму на овој четврти ден, кога телесниот подвиг станува полесен а духовниот повнатрешен, Црквата го свртува нашиот поглед кон Апостолите, кон тие мисловни ѕвезди што Христос ги запали на небосводот на Црквата Божја.
„Слове Божји, ги направи Своите ученици како ѕвезди, осветлувајќи ги краиштата на земјата со нивната проповед,“ пее седалниот на утрената. „Озари ги нашите срца со светлината на добродетелите; очисти нè преку постот; дарувај им на Своите слуги покајание и обраќање!“ Ѕвезди, не украсни, туку водечки. Како што некогаш ѕвездата ги водеше Мудреците кон Витлеем, така Апостолите нè водат нас кон Христа, особено во овие денови на постот, кога патот е темен а чекорот несигурен.
Во Бигорскиот манастир, четвртиот ден од Великиот пост тече во ист ритам на молитва и тишина, но со нешто поинакво во воздухот – со чувство на постојаност, на издржливост, на тивка радост дека чекориме и не паѓаме. Браќата го чуваат молкот, часовите се нижат помеѓу богослужби и послушанија, а канонот на утрената ги исполнува ѕидовите на манастирот со зборови што блескаат како молња: „Стани како молња, душо моја, примајќи ги блескавите зраци на воздржанието, и побегни од мракот на гревот, за преку божествениот Дух светлината на проштавањето да те озари како зората.“
Какво видение! Постот не е помрачување, тој е осветлување. Не е лишување, туку примање. Кога гладот ги стишува бучните барања на телото, тогаш душата почнува да гледа, и она што го гледа е светлина. Светлина на проштавањето, светлина на зората, светлина на Христа Кој доаѓа кон нас не како судија, туку како Зорнина по долга ноќ.
А Апостолите во химнографијата на овој ден се повеќе од историски личности на Црквата. Тие се „лира на Спасителот, свирена од Духот“, тие се „труби на Духот“, тие се оние кои „пророчки ја црпеа водата на бесмртноста од изворот на Спасителот, давајќи им да пијат на жедните од поуките на животот.“ И ние, жедни по четири дена пост, пиеме од истата таа вода, преку богослужбите, преку читањата, преку моленијата, преку тишината во која Свештеното Писание одекнува погласно отколку во секој друг период од годината.
Триодот го свртува нашиот поглед повторно кон Крстот, кој од средата не престанува да биде присутен во великопосната химнографија. Стихирите на вечерната со исклучителна сила ни ја откриваат тајната на Крстот и постот: „Големи се чудата на Крстот! Тој го насади воздржанието цврсто во Црквата, а го искорени Адамовото невоздржание во Рајот. Едното дрво во Едем му донесе на човекот смрт, а другото на Голгота му подари на светот вечен живот.“ Колку е величествена оваа паралела! Две дрвја, две јадења, два исхода. Адам јадеше и умре. Христос „се прилепи на дрвото како лоза“ и го наполни светот со виното на нетлението. И ние, постејќи, ја преминуваме границата од едното дрво кон другото: од дрвото на смртта кон Дрвото на Животот.
И веќе сега, на четвртиот ден, химнографијата појасно ни го покажува крајот на патот – Светата Пасха: „Посакувајќи да се причестиме со божествената Пасха – Пасхата не од Египет, туку од Сион – да се откажеме од пијанството на гревот преку покајание! Да ги опашеме слабините со умртвување на сладострастијата! Да ги покриеме нозете со обувки што не стапнуваат по лукав пат! Да се утврдиме со штитот на верата!“ Пасха е веќе тука, се разбира, не како датум, туку како цел. И секој ден на постот е чекор кон неа: чекор на воин кој се вооружува не со меч, туку со вера, не со оклоп, туку со покајание.
На крајот од утрената, Канонот нè враќа кон молитвата во нејзината наједноставна форма – молитва на оној кој потонува: „Фрлен во бездната на сетилните задоволства, ја призивам бездната на Твоите нежни милости: Кормилару, спаси ме!“ Кормилар е Самиот Христос. А ние, среде бурата на посното пловење, сме во Неговиот брод. И бродот плови. И Кормиларот не спие.
„Апостолски собору, чувајте ги оние кои ви пеат восфаленија,“ се молиме со зборовите на катавасијата, „и дарувајте им да поминат со скрушено срце низ сите денови на светоносниот пост.“
Со скрушено срце и со очи вперени кон ѕвездите. Зашто ноќта на постот не е без светлина. Апостолите светат над нас. А зад нив – зората на Воскресението, која секој ден е сè поблиску.




















