Допирот на покајанието


Симнете ја проповедта на вашиот уред


Прекрасниот пример на покајание и потполна преобразба на личноста е Преподобната Марија Египетска, за која Црквата Христова си спомнува во оваа петта недела од Велигденскиот пост, објавувајќи ни светла надеж за секоја грешна душа, па и за онаа најдлабоко ранетата од стрелите на злото, од тиранијата на кнезот на овој свет, припадната во очај и безнадежност.

Чудесното житие на оваа нималку обична личност, која слегла до најниските места на гревовниот пекол и страстните дна, а потоа се издигнала до висините на бестелесните и најсветли ангели, е едно секогаш силно сведоштво за силата на покајанието и на неискажливата Божја љубов и милост кон секого поединечно.

Нежниот и најсилен допир Божји во нејзиното срце и душа се случил токму преку сечесниот и животворен Крст Христов, белегот на љубовта Божја кон човештвото, вечно отворената прегратка за најмилото Божјо создание – човекот, и преку најчистото создание, утешението на грешните, радоста на ангелите – Пресветата Богородица и секогаш Дева Марија. Колку вистински и силен бил тој допир, што жената острастена со блудот и развратот во најголема мера, жена која сите ја знаеле како таква и која тоа го правела со целото свое срце, без да зема пари, а живеела во сиромаштија, наеднаш го променува својот живот и се предава на многугодишна најсурова борба со страстите во Јорданската пустина.

Навистина покајанието е плод на Божјата благодат, која одново го раѓа човекот за Царството Небесно и вечниот живот. Примерот на Преподобната да допре до секого од нас, да тргнеме по патот на покајанието, па да станеме причасници на вечната радост, во љубовта Господова.