Еве со нова ревност и неминлива љубов кон Богомајката и нејзиниот Божествен Син, нашиот сладок и добар Господ Христос, влегуваме во успенскиот пост. Пост во кој не сме сами во подвигот оти тука покрај нас е нашата небесна Закрилничка, подготвена во секој миг да посредува за нас и да ни го заслади посното воздржание со духовна сладост. Токму таква сладост ни исходи денес од Крстот Христов кој таинствено ни го отвора и подготвува духот за оваа двонеделна духовна гозба. Оти како што некогаш во Стариот Завет горчливата вода на Мера стана слатка со потопувањето на дрвото, така и сега, допирајќи се до Крсното знамение, нашиот живот, горчлив од пелинот на гревот, да се измени во тивок копнеж за небесното и непрестајна молитвена сладост. Така предлагајќи ни го во предворјето Господовиот Крст Црквата нè подготвува за примање и созерцавање на тајната на Богородичното Успение, кое е откривање на победата на Христовото Распетие. А и како би можеле да ја видиме Небесната Царица надвор од Крстот кога нејзината вистинска сила и љубов се пројавува токму таму, во неговото подножје. Таму е најголемата болка но и најсилниот триумф.
Спомнувајќи си молитвено за маченичкиот подвиг на седумте маченици Макавеи со нивната мајка Соломонија и знаејќи дека нема за нас подобра подготовка за постот од духовното понирање во тајната на Крстот, нашите свети обители, утврдени во љубовта кон својот возљубен Старец и владика Партениј, и поткрепени во посниот подвиг од неговите мудри душеспасителни поуки, го започнаа ова кратко но сладосно посно патување со победничкото издигнување на Христовото Крсно Знамение. Нека светиот Крстот нè осени со духовна сила, и нека го осветли нашиот крстовоскресен подвиг, за да можеме достојно да го поминеме постот и да се зарадуваме во духот, славејќи го торжествено славното Успение на Царицата Мајка.