Денес пред нас се издигнува Крстот, чија што сила безброј пати како моќен предводник во житејските борби се покажува.
Господи, Кој му помагаше на Давида да ги победи иноплемениците, и на верниот народ наш помагај му, и со оружјето крсно одбиј ги нашите непријатели; покажи ги на нас, Милосрден, твоите древни милости, и да разберат навистина дека си Ти Бог и дека ние, коишто се надеваме на Тебе, победуваме, ние кои се молиме на Твојата пречиста Мајка да ни дарува милост голема.
Заблеска и третата недела од Великиот Пост. Црквата низ богослужбите ревносно патува кон целта; народот Божји ги полага сите свои сили за да истрае во овој толку посебен и благодатен подвиг; природата полека живнува, се обојува во свежи бои и му се насмевнува на човекот, а мелодијата на птиците ги краси утрата, влевајќи некој таинствен спокој. Сета твар издивнува, тивко и неуморно плови низ великопосното време, брза да го прими својот венец на победата над сите зла: Воскресението на Спасителот Христос.
И ете, денес пред нас се издигнува Крстот, чија што сила безброј пати како моќен предводник во житејските борби се покажува. Оти крстот е надеж непосрамена, излеана во срцата на оние што со љубов го целиваат, оружје непобедливо кое страшната смрт ја победи, утеха на човештвото и радост негова, украс на Црквата, тивко пристаниште на оние што во бура се наоѓаат. Пред нас силно засветлуваат неговите четири краци и до четирите краишта на светот силна порака испраќаат, низ божествената уста на Оној Кој на него беше распнат: Не плашете се, Јас сум со вас во сите денови на вашиот живот (Матеј 28, 20).
Силно заблескува ова знамение на победата, издигнато од рацете на возљубениот ни Старец и чудесно ги озарува лицата на присутните во Бигорскиот храм на Претечата; пофалба е тој и во Обителта на Светиот Георгиј Победоносец и моќен благослов врз сестринството излева; сигурна заштита и поткрепа на нашиот народ во ова време на телесни и духовни страданија; спасение на светот низ сите периоди на големи испитанија. Празничната богослужба благодат излева и прави нашите срца да испратат утеха обилна: Христе Боже, Кој си Единствен Добар и Човекољубец, со силата на Твојот Чесен Крст, осени го Твоето создание; издигни се, о Крсту, и подигни го паднатиот народ. Дарувај му благослов голем, та да може со скрушено срце на Твоите неискажливи страдања да се поклони и да Го види славното Ти Воскресение. Амин!