Свештеник во Италија се откажа од користење на респиратор за да спаси помлад пациент

Извор:

Си замина тивкиот херој на Италија, неговата жртва нека ја запомнат сите.

Дон Џузепе Берардели (72 г.), кој беше заразен со опасниот вирус Covid-19, се откажа од користење на респираторниот апарат што му го купила неговата парохиска заедница, за да му го отстапи на друг заразен помлад човек, кој не знаел за овој милосрден чин на самопожртвуваноста.

Италијанскиот свештеник од местото Касниго, кое се наоѓа во провинцијата Бергамо, се упокои од вирусот Корона, откако се жртвуваше за помладиот пациент.

„Длабоко сум трогнат од тоа што тој се одрече од помошта, за да ја додели на некој што е помлад од него“, рече здравствениот работник од старечкиот дом што се наоѓа во ова место. „Тој беше свештеник што секого го слушаше, знаеше како да ислуша, секој што ќе му се обратеше, знаеше дека може да смета на неговата помош“. Бил радосен и полн со ентузијазам, ѝ давал мир и радост на заедницата.

Отец Џузепе Берардели беше многу возљубен од верниците од неговото место. Го помнат како некој што многу им помагаше на луѓето со финансиски проблеми. Херојот кој никогаш не побара ништо за себеси, се упокои во болницата „Ловере“.

Досега во Италија од коронавирусот животот го изгубија најмалку 30 свештеници, од кои 16 во Бергамо.