Соборното ликување во Имврос пред два дена, за споменот на Светиот отец наш Кирил Архиепископот Александриски и за именденот на Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, продолжи и вчера, во петокот, со круната на црковното единство – Божествената Евхаристија. Таа тајна на верата, тајна на единството, тајна над сите тајни, беше отслужена во сечесниот митрополитски храм Успение на Пресвета Богородица, во непосредна близина на Имвроската митрополија. Со Светата Литургија чиноначлствуваше славеникот, Митрополит г. Кирил, а му сослужуваше нашиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, со отците Архимандрити, јеромонасите и јероѓаконите од нашата Света Обител, како и Архимандрит г. Григориј од Имврос. Светата и Божествена Литургија беше едно вистинско духовно патување низ убавините на единството кое со децении наназад беше невозможно дури ни да се се замисли, а камоли да се доживее.
На крајот од Светата Литургија Митрополитот г. Кирил произнесе благодарствено слово, полно со Христова љубов:
„Преосветен епископе Антаниски, г. Партение,
Почитувани отци,
Почитувани монахињи и возљубени браќа и сестри,
Денес во Евангелието, кога едниот апостол Му побарал на Христа да седи од десната страна, а другиот од левата, едниот да ја има оваа власт, другиот таа власт, Он им рече: Вие сте светлината на светот. Не барајте ништо друго освен да бидете светлина за светот. Тоа го слушна Црквата, го слушнаа нашите светии. И тие навистина станаа светлина на светот.
Како што е светлина и денешниот прославен и удостоен Свети Кирил, Патријархот Александриски. Велик отец и светилник на Црквата наша. Неговиот живот беше едно мачеништво. Доброволно мачеништво за љубовта Христова. Во негово време имало многу ереси. Еднаш бил толку многу претепан од еретичка група монаси, што доколку не помислеле дека е мртов, ќе продолжеле да го тепаат сѐ додека да умре. Тој поминал, како што реков, еден живот на мачеништво. Но, тој беше и истиот оној кој претседавал со Третиот Вселенски Собор во Ефес, град кој се наоѓа малку појужно одовде. Така, таму на Соборот, тој силно се борел за личноста на Пресветата Мајка Божја. И кога за прв пат на тој Собор бил усвоен терминот ‘Богородица’ за Пресветата – како за Онаа Која роди Бог, а не само човек – Свети Кирил станал и го испеал она што пред малку го испеавме, земајќи делови од Евангелието и составувајќи ја химната со догматско учење на нашата Црква: ‘Богородице Дево’. Овој призив, ‘Богородица Дево’, го додал тој самиот, а во продлжение го испеал поздравот од Архангелот Гавриил: ‘Радувај се, благодатна Марија, Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и Благословен е плодот на Твојата утроба’. На крајот уште додал: ‘оти Го роди Спасителот на душите наши’. Неговиот придонес во догматското богословие на нашата Црква е огромен, бидејќи врз Кириловото изложување се изградени сите православни догмати на нашата Црква, од времето на Третиот Велик, Свет и Вселенски Собор, па натаму.
Тој бил велик Светител особено поради долготрајното смирение. Под влијание на неговиот вујко, патријархот Александриски Теофил, не го признавал Светиот Златоуст за светија. Но, по едно видение што му го открила Богородица, тој го прифатил светителството на Светиот Златоуст, па отишол со смирение, го зел омофорот на Светиот Златоуст и го положил на својата глава. И бидејќи дотогаш постојано боледувал од страшна мигрена, откако го направил тоа, тој бил исцелен. Затоа православните зографи во нашата Црква, со каква боја го цртаат омофорот на Свети Јован Златоуст, со таква боја ја сликаат и капата што ја носи Светиот Кирил. Тој е оној кој ја напиша службата за Велики Петок, на Епитафот. Има оставено многу теолошки списи и затоа Црквата го нарекува Велик.
Чествувајќи го, значи, денес овој голем Светилник, Светијата кој стана светлина на светот, чувствувам потреба да му се заблагодарам на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, за сета негова татковска грижа и љубов со кои ја прегрнува мојата ништожност. И Му благодарам на Светиот Бог и на Патријархот кој ме испрати тука, во местото каде што е роден, за да ѝ служам на Црквата Христова и на малкуте, но истовремено и недобројни православни Ромеи.
Им благодарам на нашите црковни одборници, на светите псалти, на луѓето тука, за нивната соработката во Божјата служба на ова свето место.
Денес имам повод, пред сѐ и пред сите да Ви се заблагодарам Вам, Ваше Преосвештенство, како што кажав и вчера, заедно со вашата синодија, клирици, монаси, монахињи и верници од Северна Македонија, кои дојдовте тука, за да празнувате и да се радувате заедно со нас, претвкусувајќи ја големата радост што ќе ја имате утре на средбата за празнувањето на именденот на нашиот Патријарх.
Не би должел повеќе, бидејќи помина време, а треба да Ви дадам збор и Вам, Преосветени. Школското ѕвоно ме потсети дека треба да завршам. Сакам да Ви се заблагодарам од длабочините на своето срце и да Ви кажам уште еднаш дека благослов е голем тоа што се запознавме и што се поврзавме со вас и со сите Ваши свештени обители.
Ве замолувам да му ја пренесете нашата љубов на Архиепископот и на Синодот на Охридската Архиепископија, и сакаме што поскоро да дојдеме до благословениот миг кога во Света Софија Охридска, Сесветиот наш Патријарх ќе го додели Томосот за автокефалија на вашата Црква, за да се исполни радоста во целост.
Во знак на благодарност, ќе ми дозволите симболично да дадеме неколку подароци, најпрво Вам, потоа и на отците и монахињите, симболично и репрезентативно заради Вашата голема љубов, но и заради останатите подароци што ни ги имате дадено.
Ви благодариме и сакаме и понатаму да ни доаѓате на Имврос, бидејќи ве сакаме и сакаме почесто да ве гледаме тука, вашето присуство нѐ оживува“.
За возврат, нашиот Старец Епископ г. Партениј се обрати со пригодно слово, честитајќи му го уште еднаш именденот на широкоградиот и гостољубив домаќин, Митрополитот г. Кирил:
„Ваше Високопреосвештенство,
Возљубени отци и чеда на најсветата Мајка Црква,
Денес повторно Сесветиот Дух нѐ собра во единство на поредна Педесетница, за секој на својот јазик, но со една душа да Го прославиме Божјото величие врз нас и да Му заблагодариме за преголемите дарови на нашата света и чесна вера. Вакви зборови би звучеле премногу вообичаено и како да се повторени многупати; но нив не ги изговараат едноставно нашите усни, туку нашето срце ги извикува гласно, зашто е преполно со радоста на единството. Преполно е со радост која не стивнува, бидејќи пред не многу време, пред само една година, ние кои ви говориме од ова свето место, не бевме во можност личните пријателства да ги прославиме и да им се радуваме на оној начин кој им е соодветен на Христијаните – на Божествената Евхаристија. Како Јона во китот, ние мислевме дека никогаш нема да нѐ озари светлината на Божјата милост, но таа го беше допрела сожаливото, човекољубиво и мудро срце на Сесветиот Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, кој снисходливо ни подаде рака и нѐ зеде во својата татковска прегратка. Поради неговата љубов и трудови ние стоиме овде пред вас и со вас, да му се радуваме заедно на нашиот возљубен брат и неуморен пастир на овој свет остров, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил.
Раздавајќи огнени јазици, Светиот Дух сите ги повика на единство и тоа единство, кое денес се чини дека е највисокиот идеал на Црквата, нешто посакувано, но тешко остварливо – е практично суштина и основа за нејзиното постоење. Тоа слегување на Светиот Дух имало за цел да го обнови повреденото од гревот единство на човековата природа, да го поправи она што беше неминовен резултат на човековата суета, буквално и метафорички претставено преку Вавилонската кула.
Доколку некој не може да замисли како се чувствувале ѕидарите на Вавилонската кула во оној миг кога Духот слегол и им ги измешал јазиците, кога добро познатите лица станале потполни странци, кога устите што дотогаш изговарале зборови на единство станале извор на разногласие – еве, нека погледне во нашево совремие и нека ја види нашата суета, нашето непослушание, нашите малечки кули кои амбициозно сакаат да достигнат до Небото. Концентрирајќи го сиот свој труд кон истакнување на себеси, ние потполно се застранивме еден од друг, станавме заблудени како овци без пастир. Некои од нас, истоверни, дури и истородни браќа, со кои сме јаделе леб заедно, сега станаа потполни странци, зашто го презреа востановеното од века предание на светата Црква. Тие Го отфрлија Духот Божји во своите залудни напори да изградат црква која, наместо Бога, во средината на нивниот култ ќе го има нивниот лик и идолите кои тие си ги изградија. Идолите на моќта, идолите на парите, идолите на нацијата, идолите на политичката држава, идолите на нездравото порамнување, теоретизирањето, мудрувањето и релативизирањето.
Една од жртвите на тоа релативизирање е и еклисиологијата на Светата Црква, која во нашево време е безмилосно повредувана и жртвувана на олтарот на световната моќ и на нацијата, која пак, се основа на граници и поделби кои не се востановени од Бога и од природата, туку од самиот човек, по човечки критериуми. Гледаме како во нашево време, едната соборна Црква е претворена во федерација на независни помесни цркви, кои честопати ќе најдат повеќе нишки на различност, отколку на заедништво. Послушанието, кое постои на секој степен на црковната јерархија, парадоксално престана да важи за нејзиниот највисок степен – на една таква федерација повеќе не ѝ е потребен Првојерарх кој ќе ја координира и обединува. Привилегиите на Вселенскиот Патријарх, востановени и утврдени со каноните на Вселенските собори, надополнети и дообјаснети од врвните Отци на Црквата, им станаа излишни, непотребни и неприфатливи на десетиците мали папи во секој агол на вселената.
Доколку во светот соперништвото може да роди иновативност и да биде корисно за оние кои спорат, доколку спорат доблесно, во Црквата не смее да има непријателство и спротивставени табори, зашто еден е Патот, една е Вистината, еден е Бог и една е Верата. Од житијата на мачениците знаеме дека Бог се сведочи докрај и од житијата на Светите Отци знаеме дека Верата се брани без компромис.
Болките и трудовите на Свети Кирил Александриски за верата биле огромни, а неговата љубов кон Богочовекот и Богомајката ги надминувала неговите човечки сили и го оспособила да стане столб на црковните догми. Но, да забележиме нешто што не е воопшто подробност, туку цела една страна на Кириловиот живот… Бидејќи сите луѓе, па дури и светителите, не се имуни на човечките слабост, така и свети Кирил, поттикнат од својот стрико Теофил Александриски, чисто од лични, а не од догматски причини, хранел голема омраза кон свети Јован Златоуст, Патријархот Константинополски и не сакал да го спомнува, ниту жив, ниту покоен. Но Пресвета Богородица, чија љубов го имала исполнето неговото срце, не сакала нејзиниот верен слуга да загине, туку му се појавила во својата слава, имајќи го Светиот Златоуст од својата десна страна. По ова видение тој се покајал и во продолжение станал еден од најголемите поддржувачи на делото на светиот Патријарх Константинополски.
Затоа, да се помолиме на Богородица и на Светиот Кирил Александриски, да се охрабрат сите срца на оние што од лични и суетни причини не сакаат да го спомнуваат наследникот на Свети Јован Златоуст, бидејќи во својата заблуда тие не сфаќаат дека Првиот престол на Вселената не може да биде одделен, туку само тие да бидат отсечени од него. Нека Бог ни го врати потполно единството на Црквата и да ги собере сите свои чеда заедно.
Уште еднаш би сакал да му се заблагодарам на светиот пастироначалник, Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, за огромната чест што ни ја направи при нашиот престој на ова благословено место, а кое се овенча со ова свето литургиско празнување и повторно да му посакам многу и благословени години!“
На крајот од произнесените духовни и просветителни слова, кои од небото излеаја благодат врз слушателите и „кога го чуја тоа, во срцата им стана мило“ (Дела 2,37), светите архиереи, во духот на љубовта и единството, си подарија архиерејски енколпии во спомен на историското прво сослужување на Имврос, по повод именденот на Имвроскиот Митрополит. Тој, исто така, на Архимандритите од нашата Обител им подари по еден граден архимандритски крст, а на старешинките на двата женски манастири по една икона за молитвен спомен. Нашиот домаќин не изостави во текот на овие два дена да приреди богати трпези на љубовта за многубројните монаси, монахињи и верници.
Нека му се многубројни и благословени годините на Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил!