Вистинско пасхално торжество во Бигорски за споменот на Светиот Партениј Лампсакиски, закрилникот на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј
Вистинско пасхално торжество беше во Бигорски денес, зашто споменот на Светиот Партениј Лампсакиски, закрилникот на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, се совпадна со неделниот ден во којшто го живееме и го славиме Воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Пасхалниот благомирис и светлина се разлеваа низ дворовите на „Иконата на Бистра“ – Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча. Насекаде радост и светлина, длабоко спокојство и мир, сплотеност, љубов и убавина.
Динамичноста и силата на богослужението ја подигаше и загреваше секоја човечка душа. Духот на предците, гледајќи ја посветеноста, се радуваше и соучествуваше. Низ покајните стихири за Параболата за блудниот син се откриваше милоста и љубовта на милосрдниот Татко, нешто што монасите го имаат доживеано во прегратките на својот возљубен Старец и татко во Христа, Епископот г. Партениј, во чија чест и се потрудија во овој ден да му се принесат целосно на Бога, како благодарност за тој непроценлив дар.
Круната на празничното торжество, Светата Божествена Литургија, беше предводена од нашиот возљубен архипастир и татко на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополит г. Тимотеј, во сослужение со нашиот Старец, Епископ г. Партениј, браќата јеромонаси и јероѓакони, како и други свшетенослужители од нашата богочувана епархија. Нашиот Старец, во името на Христовата воскресенска радост, му подари на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј пасхален енколпион, изразувајќи му благодарност за архипастирскиот благослов и поткрепа во изминатите 27 години од обновата на монашкиот живот во Бигорски, којашто започна со негов благослов. Старецот, исто така, ја истакна и монахољубивата широчина на Митрополитот г. Тимотеј, со која беше создаден соодветен амбиент за развој на монашкиот живот во епархијата.
Митрополитот Тимотеј, пак, со пастирска почит и љубов, произнесе пофалби кон нашиот Старец и му го честиташе именденот, преку боговдахновеното слово изговорено на Светата Литургија, а воедно, длабоко созерцавајќи во богооткриените тајни, тој нѐ поучи и за значењето на Параболата за блудниот син.
Заедно со многубројните духовни чеда и прајатели на Старецот, со своето присуство на дешеното празнично торжество нè почестија Неговото Високопреподобие, Архимандрит г. Доситеј, Старец на Манастирот Гргетег во Србија, Министерката за одбрана, г-ца Славјанка Петровска и Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски.
На нашиот Старец, Игумен и Епископ г. Партениј, нека му бидат годините многубројни и крепки!