Свештениците Твои ќе се облечат во правда, и преподобните Твои со радост ќе се возрадуваат
Премудрата Божја Промисла која ги устројува и води сите нешта кон спасение на човечкиот род, денеска уште еднаш го покажа своето блескаво човекољубие. Древниот и преславен храм на Премудроста Божја, соборното средиште на охридски архиепископи, неприкосновениот сведок на нашата црковна историја – стана домаќин и паметник на уште едно небоземно собитие. Имено, во сенародно државно и црковно торжество, во Света Софија Охридска, на споменот на Светите славни и првоврховни Апостоли Петар и Павле, нашиот возљубен духовен отец, старец и игумен Партениј го прими врз своите плеќи крстот на апостолското служење и беше хиротонисан во највозвишениот свештенички чин – епископскиот, понесувајќи ја титулата епископ Антаниски, според некогаш славниот црковен центар Антанија.
Светите Апостоли, „мудрите риболовци на вселената“, „сезлатните усти на Словото и на Божествената вистина“, „Духоговорниците“ и „Божествени неботајници“, „столбовите на Црква“, „органите на благодатта“, му го испратија својот апостолски благослов на Старецот и преку мудрото вдахновение на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА, го ракоположија за преемник на Божјата благодат. Навистина, беше тоа една нова Педесетница, која разновременски го продолжува испраќањето на благодатта на Светиот Дух во вид на огнени јазици. А оваа лична Педесетница на нашиот игумен, епископот Антаниски г. Партениј, се случи во мисловната „горна одаја“ – раскошно украсената Света Софија, во нашиот симболичен Ерусалим – светителородниот град Охрид, кој со севкупната атмосфера и благородното настроение на мноштвото верници и гости што допатуваа во него токму за настанот, заприлега на вистински центар на христијанското благолепие. Сведоци на таа необична радост беа нашите почитувани архијереи, возглавени од Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и особено нашиот многу почитуван и сакан пастир и владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој се покажа како вистински татко и гостољубив и штедар домаќин; потоа бројното духовенство од сите епархии на нашата Црква, како и од Бугарската, Грчката и Албанската; претставници од општествениот, културниот, научниот, политичкиот и јавниот живот кај нас, бајрактари од мијачките долнорекански села, облечени во традиционални носии од својот крај, со црковно-народни бајраци, верната мијачка гарда и многу други гости, духовни чеда и пријатели. За жал, поради општата неповолна ситуација во светот, многу наши пријатели од соседството и пошироко беа попречени физички да учествуваат во благодатното торжество, но тоа ни малку не ја намали нивната молитвена и благосрдечна поткрепа, изразена и преку преубавите честитки и благопожелби, упатени кон новиот Епископ Антаниски.
Свештенолепието на денешното единствено ликување го украсија бројните духовни чеда на Старецот Епископ, кои со својата добрина и духовна убавина му дадоа посебен украс на целито амбиент, претворајќи го Охрид во метропола на сеправославно торжество. Едноставно, сиот град, како со една душа да воскликнуваше: Таков Првосвештеник и ни требаше… (Евр. 7,26)
А на смирениот служител на Словото Божјо, со особено трогателно и боговдахновено архипастирско слово му се обрати нашиот возљубен Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан:
ПРОДОЛЖИ ГИ БОГОЉУБИВИТЕ И РОДОЉУБИВИТЕ ДЕЛА[1]
„Преосветен владико,
Денес, на празникот на светите првопрестолни апостоли Петар и Павле, со силата на Пресветиот и Животворен Дух, во заедничката молитва со присутниот народ Божји, и преку возложените раце на архијереите, ти постана епископ во Црквата Христова и приемник на апостолското служење.
Епископите, во црковната традиција, се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнуваат важноста на службата и високата мисија на која се назначуваат оние коишто се удостоиле на тој чин. Оној што ја примил Божјата благодат, тој презема и обврска да се грижи, како што вели светиот апостол Лука, и за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на Црквата на Господ Бог, која ја придоби Тој со Својата крв[2].
Ние веруваме дека Оној, Кој им дарувал сила на апостолите за да сведочат за Него, им ветил и дека со нив ќе биде преку сите дни до крајот на светот[3], и Тој ги поткрепувал сите генерации приемници, од апостолско до наше време. Ете, преку Тој Дух на вистината, Кој што Го примија Христовите апостоли на Сионската височинка, а во Светата Црква се чува со сета своја полнота, и ти, на денешнава хиротонија, се удостои да примиш дух на мудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост[4]. Токму сето тоа, веруваме, ќе ти помага да продолжиш и, преку новата должност, уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите[5]. Епископската служба бара секојдневен подвиг и постојана истрајност, и, како што советува апостолот, ако така постапуваш, ќе се спасиш и себе самиот и оние што ќе те слушаат[6].
Со денешниов чин, преку Светиот Дух, врз тебе се изли љубовта Божја[7], и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на луѓето и да ги исполнуваш задолженијата што ќе ти бидат определени од нашата Света Црква и од надлежниот архијереј. Продолжи да ги надградуваш доверените души во доброто и во благочестието. Постојано моли се за твоите дела да Му бидат угодни на Бога. А љубовта Божја ќе ти дава сили за секое добро дело, зашто, како што вели свети Ефрем Сирин, „кој има љубов, тој ја исполнува волјата Божја и тој е ученик Божји“[8], односно кој има љубов, тој никогаш и никого не одбегнува: ни млади ниту возрасни, ни славни ниту непознати, ни сиромашни ниту богати, туку себеси се поставува подолу од сите, за сѐ се извинува и сѐ претрпува[9], како што порачува светиот апостол Павле.
Ваквите совети нека ти бидат водилка и нека ти помагаат за да бидеш добар пастир[10], трудејќи се да имаш мир со сите и да имаш светост, без која никој нема да Го види Господа[11]. А сето тоа ќе можеш да го постигнеш служејќи Му на Бога и на верниот народ, преку послушност кон Господа и кон Мајката Црква.
Љубовта евангелска и понатаму нека ти биде мерка во сите твои дела, во сите твои постапки и однесувања, како кон монаштвото и кон свештенството, така и кон верниот народ. Биди пример во верата, која дејствува преку љубовта[12], и труди се со личниот пример да упатуваш кон Патот на спасението и кон Изворот на надежта.
Како архијереј, викарен на Дебарско-кичевскиот Митрополит, и игумен на Бигорскиот манастир, во крај и меѓу народ од различни националности, култури, верски и други припаѓања, продолжи да негуваш добри односи со сите, труди се да покажеш дека Црквата има обединувачка задача, дека сѐ и во сѐ е Христос[13] и дека во Него сите треба да сме едно[14].
Од она што си го постигнал како игумен и духовник на Бигорскиот манастир, покажуваш дека Бог те дарувал со различни дарби: да насочуваш кон вистинскиот пат, да привлекуваш за Господа и да упатуваш кон Господа богокопнежливи души, да им ги откриваш тајните на монашкото живеење, да го шириш словото Божјо и да ги умножуваш оние коишто ќе живеат достојно според заповедите на верата.[15]
Продолжи да градиш и да надградуваш дела со трајни вредности, дела за слава на Бога и дела спасоносни за нашиот народ. Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука[16], за да можеш што појасно и што поубедливо да ја сведочиш евангелската вистина и на верните да им служиш како пример во словото, во поведението, во љубовта, во духот, во верата и во чистотата[17], како што советува светиот апостол Павле. Ако така постапуваш, ќе можеш и понатаму да привлекуваш, и во манастирот и во Црквата, уште побројни души коишто копнеат по вистината и по Бога.
Во досегашниот 25-годишен монашки живот, ти покажа и богољубие и родољубие, се стекна со мудрост и искуство потребни за секој духовник и пастир. Твоето име ќе биде забележано меѓу оние коишто го продолжија и го помогнаа воскреснувањето на монаштвото во Македонија. По твојот пример тргнаа десетици и десетици монаси и монахињи, па, денес, покрај во Бигорскиот и во Рајчица, се црнеат монашки раси уште во неколку наши други манастири. Прилика е да го истакнеме и тоа дека под твое раководство воскресна и мијачката градителска мајсторија, а покрај неимарските убавини, Бог те дарувал и луѓето духовно да ги надградуваш и да ја градиш Црквата во нивните души ‒ да придонесуваш во градбата на живата Црква.
Досегашното монашко и игуменското искуство, ќе ти бидат од голема полза и во епископската служба. Денешниов чин е за сеопшта радост на нашиот верен народ и на нашата Света Црква, но, веруваме, се радуваат и душите на славните претходници: на Јован Дебарски, првиот и славен Архиепископ Охридски, на родољубивиот Мијак Партениј Зографски ‒ Епископот Кукушко-полјански, како и на Иларион и на Арсениј, и на сите доблесни игумени и црнорисци од сите генерации на Бигорските братства и од сите места во Бигорската околина, коишто ги красела љубовта кон Бога и кон родот наш.
Поткрепувајќи ги духовно слабите и морално паднатите, помагај им на оние коишто тргнале по лош пат и се оддале на современите зла, како и на сите коишто не ја нашле или скршнале од вистината. Во овие времиња преполни со најразлични искушенија и предизвици, наоѓај време за сите, а особено за помладите. За жал, како народ, држава и Црква, сѐ уште сме пред портите на правдата: и за националната и за црковната македонска вистина. Но силно веруваме дека ќе истраеме и дека се ближи денот кога и последните неверни томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба за нашата вистина и правдина, повикани сме сите да учествуваме: и јерархијата, и монаштвото, и свештенството, и верниот народ и сите коишто оваа земја ‒ Македонија, ја чувствуваат за своја Татковина, а Црквата Македонска и Охридска ‒ за своја духовна Мајка.
Преосветен владико,
Внимавај и чувај ја довербата што ти се дава и, по молитвите на светиот Јован, Претечата и Крстителот Господов, на светите првоврховни апостоли Петар и Павле и на светите Климент и Наум, охридските чудотворци, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашите народ и Црква, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христа, чија слава и владеење се вечни[18].
Прими го овој епископски жезол и благослови го народот Божји, принесувајќи молитви кон милостивиот Бог, за да ти испрати изобилни дарови од Животворниот Дух, да те усоврши, да те укрепи и да те направи непоколеблив[19]! Амин!
Долгоденствувај, Преосветен владико!“
[1] Слово на хиротонијата на г. Партениј, Епископот Антаниски, во Катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на 12.7.2020 година.
[2] Дела 20, 28.
[3] Мт. 28, 20.
[4] Иса. 11, 2.
[5] Сп. 1 Пет. 5, 2-3.
[6] Сп. 1 Тим. 4, 16.
[7] Сп. Рим. 5, 5.
[8] Свети Ефрем Сирин, Творения Tом 1, издава манастир „Свети Вмчк. Георги Зограф“ Света Гора, 2002, 28.
[9] 1 Кор. 13, 7.
[10] Сп. Јн. 10, 11.
[11] Сп. Евр. 12, 14.
[12] Гал. 5, 6.
[13] Кол. 3, 11.
[14] Сп. 1 Кор. 12, 13 и Гал. 3, 27-28.
[15] Сп. Дела 6, 7.
[16] 2 Тим. 4, 2.
[17] Сп. 1 Тим. 4, 12.
[18] 1 Петр. 4, 11.
[19] Сп. 1 Петр. 5, 10.
Во продолжение, нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со солзи и срдечна длабочина го произнесе своето пристапно архијерејско слово:
Да си биде епископ значи да се биде прв во служењето
„Ваше Блаженство,
Ваши Превосходства, почитувани претставници на државната власт,
Ваши Високопреосвештенства,
Ваши Преосвештенства,
Ваши Високопреподобија,
Сепреподобни браќа монаси и себлагоговејни и чесни отци,
Возљубени браќа, сестри и гости,
Ви благодарам, Ваше Блаженство, за топлината со која архипастирски ми се обративте, како и за возвишените зборови што далеку ги надминуваат моите скромни сили и познавања.
Честа да се обратам пред ова свештено собрание, пред невидливите припадници на небесната и пред присутните членови на земската Црква, е несомнено голема, но истовремено таа ми претставува и огромен товар. Треба да ви се обратам како новохиротонисан архиереј на Господа Исуса Христа, како образ на Неговата првосвештеничка благодат, а себеси се сметам за немоќен да се носам со тоа превозвишено достоинство и со таа безмерна одговорност. Затоа, смирено ги просам молитвите и поддршката од сите вас.
Да се биде епископ, преемник на апостолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро, според зборовите Спасителови упатени кон учениците Негови: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите![1]. Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служител на тајната на љубовта, на тајната на Евхаристијата, не само во храмовите Божји, туку и во живите храмови – срцата на луѓето. А светата Евхаристија, делото на Божествената Литургија, е дело на едно непрестајно благодарење кон Бога.
Ете зошто ова пристапно слово ќе биде токму тоа – свештена благодарност од моето срце „за сите и за сè“.
Најнапред Му Благодарам на единствениот вистински Бог, пројавен во три Лица, за тоа што сум дел од Неговото спасително откровение, за сите Негови „знајни и незнајни, јавени и нејавени добродетелства што ми се направени“, вклучително и за оваа велика служба на која ме повикал.
Веднаш по Троичното Совршенство, безмерно Ѝ благодарам и на Царицата Мајка, Пресвета Богородица, чијашто мајчинска заштита и љубов ја чувствувам од дете, а исто така и на чесниот, славен Пророк и Претеча Господов, Свети Јован Крстител, чиј сум и кому 25 години со почит му служам.
Посебна благодарност му должам на мојот надлежен пименарх, многу почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој е неразделно сврзан со мојот монашки живот: имено, тој е архијерејот којшто ме замонаши, тој ме ракоположи за јероѓакон и за јеромонах, а еве сега, на негово барање, Светиот Архијерејски Синод ме хиротониса и во третиот степен на свештената јерархија. Неговата севкупна поткрепа, за мене се покажала насушна. И понатаму го просам неговиот татковски благослов и останувам да живеам под негово послушание.
Неизоставен дел од ова свештено благодарење се и моите родители, татко ми Борис, мојата биолошка мајка Светлана, за која чувствувам како непрестајно ме благословува од небесната Црква – нека ѝ биде споменот вечен! – како и мојата втора мајка Живка, која буквално во сè, а најмногу во љубовта, се покажа како вистински незаменлив родител. Нивниот благослов и поддршка во стремежот временото и земското да се заменат со вечното и нераспадливото, беше за мене темел врз кој почнав да го градам мојот монашки живот. Тие Му дадоа на Бога едно чедо, а денес имаат неколку десетици деца, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене.
Кога сме веќе кај родителството, неизбежно е да ја изразам синовската благодарност и кон блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, поранешниот игумен на светогорскиот Григоријатски манастир. Неговата беспрекорна духовничка љубов – а беше вистински духовен татко со родителско чувство на грижа – останува за мене поттик и вдахновение во исполнувањето на мојот призив на духовен раководител. Се сеќавам на зборовите со кои Старецот нè поучуваше на Света Гора: „Вашето дело треба да биде свештено-апостолско. Со мрежите на апостолската љубов да собирате што повеќе души за Христа. Но, да знаете дека тоа воопшто нема да ви биде лесно, затоа што ќе треба, преку подвиг, страдање и жртва, да освојувате педа по педа територија од духовниот непријател“. По неговите свети моливи, до денес се трудиме да го исполнуваме неговото послушание. Нека му биде споменот вечен и неговиот благослов нека биде со нас!
Набрзо по мојот избор за епископ од страна на светите архијереи на Синодот на нашата најсвета Македонска православна црква – Охридска архиепископија, изјавив дека „монашкиот живот за мене останува врховен животен призив“. Седобриот Бог ме удостоил со едно прекрасно христоподобно монашко семејство, со моите браќа и сестри монаси и монахињи, кои, всушност, се мојот живот и мојата сила, најкратко кажано – тие се моето сè! Сведочам пред Господа и пред сите Светии во овој небоподобен храм на Премудроста Божја: сè што правам, вклучително и тоа што денес стојам пред вас со ова архијерејско одејание, го правам првенствено за нив, за нивното благоуспевање на патот кон обожението и полагам свештен завет дека ќе останам со нив до крајот на мојот земски живот, а ако Бог се смилува на мене, последниот и најмалиот – и во вечноста. Смирено ги просам и нивната верност и нивните молитви, бидејќи молитвите на монасите го крепат светот. Секогаш досега сум ја чувствувал нивната љубов и нивната поддршка, па таа, мили мои чеда, ќе ми биде двојно попотребна отсега па натаму.
Им благодарам и ги просам молитвите и на сите мои духовни чеда, кои по послушание од Бога, навистина ги сакам како свои синови и ќерки. Нивната љубов е од животно значење за мене и затоа ги замолувам со својата љубов да бидат постојано блиску до мене, како што и јас им ветувам дека ќе бидам секогаш тука за нив, како и досега, бидејќи тие се мојата пофалба и мојот идентитет во Господа Исуса. Нивната радост е и моја радост, нивната жалост е и моја жалост, нивното спасение – моја животна цел.
Тука се, секако, и моите духовни деца, штитениците од нашите манастири, со кои заедно сме го делеле и го делиме манастирскиот леб, сме доживеале многу борби, падови, но и бројни воскресенија. Во пристапот кон нив, главен мотив ми се Христовите зборови, дека голема радост настанува на Небото за еден грешник што се кае.[2] Следствено, нивното растење, нивното благоуспевање во животот во Христа, за мене е вистинска духовна храна, одмор и успокојување. И навистина, нема поголема радост за еден татко, особено духовниот, од тоа кога гледа како неговите чеда напредуваат во преумувањето и во добродетелите, се трудат во подвигот на љубовта заради Христа, и нема поголема награда за него од нивното спасение, кое го посакува повеќе отколку своето. Сакам тие да знаат дека никогаш нема да бидат оставени од наша страна, им барам прошка доколку со нешто сум им погрешил, но и ги замолувам и тие да ми бидат поттик со својот добар живот и со молитвите.
Најпосле, ви благодарам и вам, на сите мои пријатели и познаници, присутни сега овде, но и коишто се наоѓате насекаде низ светов и длабоко ве замолувам за вашата поткрепа, за вашите молитви и вашата љубов. Сега, на мојата лична Педесетница, кога врз мене се излеа сеопростувачката благодат на Светиот Дух, смирено барам прошка од сите вас, како и од оние со кои не сум се согласил во некои работи, доколку некого сум разжалостил или некому сум му погрешил со збор, дело или помисла, та да можам со помирена совест да започнам нов почеток во работата на нивата Господова. Денес, кога го славиме споменот на Светите Првоврховни Апостоли, добро е да се потсетиме на покајанието на Апостолот Петар и на неговото трикратно исповедание на љубовта кон Христа: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам![3] Истовремено, сакам да кажам дека и јас од срце им простувам на сите кои на каков било начин ме повредиле или со нешто ми погрешиле. Нека Бог на милоста и љубовта се смилува над сите нас!
Чувствувајќи ја Пристапната епископска беседа и како своевидна исповед и како своевидна платформа, пред Вас ќе ја доверам и јавно ќе ја исповедам својата неприкосновена предаденост кон мојот македонски народ и кон мојата Татковина Македонија и најмногу кон мојата МПЦ-ОА, Мајката Црква на сите православни во рамките на нашата држава, на кои, како монах, веќе 25 години безрезервно и сеоддајно им служам. Едноставно, не е можно кој избрал и се труди да живее за Царството Небесно, да не ја сака и својата земска татковина, како и своите ближни, зашто тие се благословениот од Бога простор и опкружување, каде што Бог благововил да ги твориме делата на спасението. Впрочем, важно е сведоштвото на зборовите, но поважни се делата и жртвата. Па така, ќе оставам сработеното досега, што, секако, е плод не на нашата праведност, ами на Божјата благодат – самото да говори за нашата посветеност кон Татковината и кон нашиот верен народ.
Секако, во контекст на ова, неизоставно е да се спомне дека Црквата, живее и постои за да го изразува совршеното дело на љубовта, дефинирано во зборовите на апостолот: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса[4]. Сите ние кои ја претставуваме полнотата на Црквата треба постојано да ја сведочиме смислата на кажаното со животот и делата, бранејќи го христијанскиот идентитет од секаква идеолошка, национална и политичка заробеност, што е појава особено истакната низ православната екумена во денешни дни, а која предизвикува огромна штета, очигледна во неколкуте последни актуелни случувања. Токму поделбите, по принципите или желбите од овој свет, се опасност за соборниот карактер на православната Црвка, и ова современо и опасно искушение, кое нѐ оддалечува од Христа и ја подрива соборноста на телото Христово, можеме да го победиме токму со љубовта и молитвата на Синот Божји, Кој бараше од Својот Отец Небесен сите да бидат едно во Него[5].
За вистинскиот монах не е воопшто неприродно ниту туѓо да го последува подвигот на откажувањето, зашто тоа е основниот завет според кој монахот, бегајќи од светот, се откажува и од придобивките. Впрочем, како што велат древните отци подвижници, „светот, луѓето, предметите – сето тоа е добро. Стануваат лоши за нас кога ги гледаме острастено“. Ете, сведок сум, во изминативе две и пол децении, моето братство и сестринствата немаат добиено никаков личен финансиски надомест за својата севкупна дејност, ниту земаат некаква државна или црковна плата, а исто така, не се ни социјално ни пензиско осигурени. Секако, ова важи и за мене, како дел од таа монашка заедница. А и во иднина, да не звучи нескромно, воопшто намерата не ми е таква, туку е искрена и во согласност со досегашната реалност на мојот живот и однесувањето – доколку како на викарен епископ би ми следувал некаков надоместок, истиот во целост ќе го распределам за потребите на братството и на неговата мисија.
Накрај би сакал уште еднаш да ви се заблагодарам на сите и да ги побарам вашите молитви, за да можам со непосрамен образ да го износам архијерејскиот крст, во слава на Триединиот Бог наш и за доброто на поверената ми паства. Нека апостолскиот благослов се спушти врз сите нас, како и врз целото општество, разбранувано од бројни искушенија, та по молитвите на Светите Апостоли, Христовата Црква да извојува победа над злите сили и да остане неповредено нејзиното свето предание, традициите и начинот на живот во неа. Што и да се случува денес во светот, ние, Христијаните, не смееме да дозволиме стравот да ја надвладее нашата љубов кон ближниот и силната вера во промислата Божја. Всушност, од што би се плашеле, доколку ги имаме постојано пред нас зборовите на денешниот славеник, великиот Апостол Павле, кој вели: вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“[6]
Мили мои, ви благодарам на вниманието и ве молам да ми простите за сите мои грешки!“
[1] Марко 9,35
[2] сп. Лука 15,7
[3] Јован 21,15
[4] Галат. 3, 28.
[5] сп. Јован 17,21.
[6] Рим. 8,15
На крајот од празничното духовно веселие, со пригоден поклон, на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј и игумен на Бигорскиот Манастир, му честитаа: најнапред, нашиот најсакан надлежен Митрополит г. Тимотеј и свештенството на Дебарско-кичевската епархија, богољубивите архијереи од Светиот Синод, нашето монашко братство претставено од јеромонахот Доситеј, претставници од Владата, од општина Охрид, од политичките партии, од духовните чеда од повеќе градови и бројни институции и поединци.
За крај ќе кажеме дека денес Црквата Христова му подари на верниот народ уште еден достоен пастир и сведок на Воскресението!
На многаја лета, Владико на срцата наши!