Навечерие на Свети Григориј Палама

Веќе пристигнавме до вториот неделен ден од Чесниот и Велик Пост, кој пред нас го открива блескавиот лик на проповедникот на Божествената благодат, Светиот Григориј Палама. Ова силно светило на нетварната светлина нѐ води како патоказ до уште една духовна оаза, каде што собираме сили, за да го продолжиме четириесетдневното патување, со надеж дека во светлината на Воскресението ќе ја достигнеме целта – нашето лично воскресение.

Но, Бог знае дека ние, Неговите чеда, повикани да живееме во Неговата вистина и благодат, сме слаби и немоќни. Создателот на нашиот богословесен образ знае дека не издржавме и не ја исполнивме целта за која бевме создадени, ниту го изобразивме во себе Неговиот божествен лик. Затоа, во Својата неизмерна љубов, Он сака постојано да нѐ причестува со благодатта што некогаш поради стрелите на гревот ја изгубивме. Он дојде меѓу нас, ги пресоздаде срцата наши и се јави во плот, за да ја обнови нашата плот и да ни даде нова можност да станеме причесници на Божествената светлина, преку уделот и застапништвото на Светиите.

И нема поревносен поборник на оваа вистина од денешниот славеник, Светиот Григориј Палама. Зашто тој, просветлен со зраците на нетварната светлина, сјаеше во мракот на ересите и ја поучуваше вселената во чистотата на верата. И денес тој ни сјае, уверувајќи нѐ дека во борбата со страстите ни е моќен спомагател, а во подвигот за обожение на духот учител и застапник. Овој смирен монах и архиереј, оваа жива икона на служењето, избран сад што ја носеше великата тајна на познанието на Бога, не престанува да нѐ бодри со уште поголема ревност да го продолжиме патот што води кон крајната цел – Пасхата Христова, нашиот Премин од смрт кон живот.

И токму таа проповед за обожението, кое во полнота се остварува во Царството на Славата, но започнува уште овде, на земјата, повторно силно одекна и привлече многубројни поклоници во рајчичкиот двор на Победоносецот. Честа за сестринството беше неизмерна што тука, по благословот на возљубениот ни Старец, епископот Антаниски г. Партениј, верно и благодарно беше прославен споменот на великиот Григориј Палама. Неизоставно, тука беа и сестрите од манастирот на Богомајката Пречиста Кичевска и од манастирот на Свети Георгиј во Кнежино, браќата од Бигорската Обител на Крстителот Христов, како и многубројните верници кои побрзаа кон оваа земна оаза, за да се освежат и наоружаат со благодатни сили и да го продолжат своето великопосно патување. Симфоничната молитва, исполнета со умилното пеење на псалтите, свештеничкото служење на браќата свештенослужители, како и топлите прозби на нашиот возљубен Старец, кој претстоеше на молитвеното празнување, испросија изобилен дожд на благодат што ги ороси нашите жедни души. А Старецот не изостави ни овој пат да ги надогради наши умови и души со свое вдахновено слово, излеано како еден силен синопсис за возвишеното учење на Свети Григориј Палама, коешто е всушност и наша животна цел.