Денес силно заблескува верата апостолска, верата на Отците, верата православна која Вселената ја утврди. Денес сјаат подвизите на мноштвото преподобни, на храбрите маченици и на смирените монаси, кои тивко и ненаметливо, со вера непоколеблива, ја сочувале спасителната вистина за чистота на љубовта Божествена. Ова е ден на торжество на љубовта над омразата, ден – победа на вистината над лагата, ден кога се открива полнотата на радоста. Оти преку воплотувањето на Синот Божји, целата земја зеде учество во полнотата на Неговото Божество, се нахрани со Божествената љубов што во полнота се открива во телото Негово – Црквата Христова. Затоа денес таа верно се поклонува и чесно го целива пречистиот и непорочен лик на Христа Бога, Кој примајќи го телото човечко, ја издигна падната човечка природа, избавувајќи го целото човештво од власта на смртта распадлива. Не, ова не е ден за светско торжество над другите, ниту, пак, е ден кога се изразува победата на моќниците врз слабите, туку е ден во кој заблескува и победува вистинското богопознание – познанието на совршената љубов Божја, на Богочовекот Христос, Кој се искачи на Крст, за да претрпи срамна смрт и Кој воскресна, за да нè избави нас што нè создаде, од ропството на духовниот непријател.
И ете, она што срцата наши ги развесели, откако претходно душите ни ги очисти од многуте нечистотии, кое од падовите пред духовните врази и ударите непријателски нè подигна, многуте чудеса што очите наши ги видоа и слатките духоносни зборови што ушите ги слушнаа, крстовоскресната радост што ја живееме и ликот Божји Кој непрестајно верно го целиваме – тоа и на сиот свет денес му го пренесуваме и во свештен собор громогласно извикуваме: На Твојот пречист образ се поклонуваме Благи, просејќи прошка за гревовите наши, Христе Боже, оти доброволно си благоволил со тело да се искачиш на крст, за да ги избавиш оние што си ги создал од ропството на ѓаволот. Затоа благодарствено Ти викаме: со радост си ги исполнил сите, Спасителу наш, Кој си дошол да го спасиш светот (Тропар на Неделата на Православието).
И навистина, сѐ што се случи во Бигорската Обител во слава и спомен на верата православна – и ноќното бдение и денешната Света Литургија, под тајноводство на нашиот најсакан Старец, Епископот г. Партениј, и литијата со чесните икони и Синодиконот на Православието, кој прочитан со трепетниот глас на Старецот, побуди солзи и возвишени чувства кај многуте присутни – сето тоа беше исполнето со една необична сладост, со успокојувачка светлина, со некоја сила што ги осветуваше нашите срца, ги возвишуваше нашите помисли, ја обновуваше „како на орел младоста“ на душите наши… Денешното торжество беше едно потсетување дека Љубовта Христова знае само за победи, а никогаш за порази. Секогаш победува, секогаш живее. Таа љубов победува во вековите и животите ги преобразува. За да му ја зрачи на целиот свет својата светлина, надеж, радоста Божествена, својата слобода во Господа, својата духовност, присуството на Господ Седржителот…