Недела на заедничарење во Христа: три поклонички групи од Србија во Бигорски

Во дванаесеттата недела по Педесетница, во светлиот период на попразненството на Успението на Пресвета Богородица и во денот на сечесниот спомен на великиот балкански светилник – преподобниот отец наш Јован Рилски Чудотворец, нашата света обител беше благословено украсена со присуството на бројни поклоници од соседна Србија.

На денешната Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот собрат, архимандритот Анатолиј, сослужуваа и тројца парохиски свештеници од Српската православна црква, кои заедно со своите духовни чеда – вкупно околу 150 верници – пристигнаа кај нас од три различни епархии: Белградската, Бачката и Крушевачката. Особено беше радосен фактот што овие три групи пристигнаа сосема независно една од друга, но Божјата промисла ги соедини токму овде, во оваа духовна оаза на православното единство, за заеднички да се причестат и да Му принесат благодарение на Христа.

Молитвениот собор во манастирскиот католикон и срдечната средба меѓу духовните чеда од различни краишта уште еднаш ја потврдија вистината дека Црквата Христова е една и неделива, дека нејзиното срце чука во секое место каде што верните се собираат со љубов и вера, да го вкусат вечниот Живот од Чашата на спасението.

Бог да ги благослови сите поклоници и нивните духовници, и да ги врати во мир во нивните домови, дарувајќи им радост, утеха и духовна крепост.