Литургиско торжество во Фанар, Константинопол

Сечесниот Патријаршиски Храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во смирениот Фанар, седиштето на Првиот престол на Црквата Божја во неделата го одразуваше духовното величие и свештеното наследство на светото Православие. Архиереи, монаси, свештеници и верници од сета православна екумена, се слеаја во срцето на Константинопол, за да го прослават именденот на Првојерархот во Црквата православна, Неговата Божествена Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј.

На Божествената Литургија, среде тоа разновидно, но обединето во љубовта и молитвите множество, со благослов на надлежниот Високопреосветен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, се наоѓаше и нашата монашка заедница од Свештените Обители Бигорски, Рајчица и Пречиста, возглавена од нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Како претставник, пак, на нашиот почитуван Архиепископ, почесно место меѓу архиереите имаше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.

На крајот од Светата Литургија, пред Неговата Сесветост беа прочитани поздравни слова испратени од претстојателите на неколку помесни православни Цркви, вклучувајќи го и словото на нашиот Блаженејши Архиепископ г. г. Стефан.

Опсипан од љубовта на присутните, но и на сите оние ширум светот кои го почитуваат неговото делото и неговата личност, Вселенскиот Патријарх зрачеше со посебен сјај што произлегуваше од неговиот врховен авторитет и духовното татковство, додека неговите очи светкаа со болскотот на мудроста и на Божјото просветление. Со секое свое движење, со секој изговорен збор, тој емитуваше спокојство кон сите кои имаа благослов да бидат во негово присуство.

По завршетокот на торжеството во храмот, Неговата Сесветост, и покрај многубројните гости, ја удостои нашата монашка заедница за лична средба. Во знак, пак, на благодарност за востановувањето на канонското единство на нашата Црква, нашиот Старец, од името на сите браќа и сестри, на Вселенскиот Патријарх му подари архиерејски енколпион, а монасите и монахињите му приредија едно благодарствено слово.

На многаја лета, Ваша Сесветост!