Богомудрите жени со миро брзаа кон Тебе, Кого како мртов со солзи Те бараа; се поклонија радувајќи се на живиот Бог и Пасха тајна Христе на Твоите ученици им благовестеа.
(стихови од Пасхалниот канон)
Во екот на пасхалното веселие, среде оваа светла недела која се смета како еден ден, радоста за Христа Воскреснатиот особено силно одекна во рајчичкиот дом на Победоносецот Георгиј, каде монашкото сестринство и братство и мноштвото пристигнати верни со посебна љубов го пречекаа својот Старец и владика, епископот Партениј, за со него да го прослават и уште еднаш објават Воскресението на нашиот Господ. И така славниот Великомаченик, кој пострада за Христа, утврден со вера во Неговото Воскресение, се израдува бескрајно на громогласната објава за сеопштиот триумф над смртта, чиј носител е и тој самиот. А благодатта што изобилно се спушти од небото на Пасхалната Литургија сведочеше несомнено за неговото моќно учество во таа неминлива, несекојдневна, неопислива радост што извираше од нашите души. Прегрнати од неговата љубов, озарени од воскресната светлина, благодарни за присуството на љубениот ни Старец, чиј светол лик беше вистински благовесник на вечноста, не пропуштивме уште еднаш со своето радосно „Христос Воскресна“ да ја запечатиме и до сите дебарски краишта испратиме пораката дека дојде спасението на светот.