Радувај се, Невесто неневесна!
Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат (Јован 15,4-6).
Радувај се, Невесто неневесна! Најрадосниот поздрав кон Богомајката, што го радува секое христијанско срце! Каква љубов и каква убавина го обзема Христијанинот, а особено монахот, кога ќе сака да ѝ состави пофалба на Пресветата, Пречистата, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, обидувајќи се да сплете најубав и највеличествен букет од одбрани зборови и смисли, за да ги истакне љубовта, величието и славата на Онаа Која е поширока од небесата, Која е пославна од Ангелите, Која е најсмиреното човечко суштество, најголемото и најраскажувано чудо, недогледлива длабочина, недостижна височина, но воедно и најголемиот принесен дар од човештвото за Бога, бидејќи се удостои да биде Мајка Божја, да биде мост помеѓу небесните и земните, да биде Онаа, како што велат некои Свети Отци, за Која светот беше создаден!
Радувај се, ти ги соедини спротивностите! Радувај се, ти ги обедини девството и раѓањето!
Најубавите и најумилни песни во православната химнографија се посветени токму на Мајката Царица и нема богослужение во кое не се воспева и прославува Таа Која е причината на радоста наша. Така и оваа акатистна пофалба, прва во оваа Света Четириесетница, беше умилно принесена и љубовно испеана од богољубивото срце и мелодичниот глас на нашиот возљубен Старец, Епископ г. Партениј, преку која, како да ни носеше и раздаваше разни благомирисни рајски цветови од љубовта и нежноста на Застапничката на Христијаните, чуварка на Православието и мајка на монасите, песна на Ангелите и пофалба на Вселената – Пречистата Богородица Марија.
Во склад со преубавите стихови посветени на послушната Дева Марија, преку чиешто послушание светот беше спасен, нашиот Старец, вљубеник во Мајката Божја, од своите созерцанија за суштественоста на послушанието состави, исто така, едно прекрасно поучение:
Да ѝ благодариме, мили мои, на нашата најмилна, најсакана Пресветата Богородица, што нè удостои да ѝ ги вознесеме првите акатистни пофалби, првите благодарствени поздрави „Радувај се“, во оваа Света и Велика Четириесетница.
Според богослужбениот типик, на првиот Акатист се чита и Евангелие, она што пред малку го слушнавме. Овој извадок се однесува на догмата за Светата Троица, на единосуштноста меѓу трите Лица на Божеството. Притоа, во него се истакнува еден основен, суштествен елемент за битисувањето, најнапред, на Троичниот Бог, а потем и на Црквата, на Христијаните. Тоа е послушанието. Имено, Синот Божји нè поучува дека ако не сме во Него, ние не можеме да направиме ништо: Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат (Јован 15,4-6). Оној кој од нас Христијаните не е во послушание кон Синот Божји и кон устројството што Он го одредил во Црквата Своја, не може да даде плод, да има битие во Бога.
Најголемиот, пак, пример за послушание ни го даде Самиот Христос. Иако рамен на Бога Отецот и на Светиот Дух, Он целиот Свој живот на Земјата го помина во послушание. Апостол Павле тоа вака го објаснува: Иако беше во обличје Божјо…, Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, и тоа смрт на крст (Филип. 2,6-8). Послушанието, значи, е тоа што ги поврзува трите Ипостаси, трите Лица на едниот Бог во взаемната врска на совршената љубов.
Па така, мили мои браќа монаси, да ја молиме нашата Закрилничка, Пресветата Богородица, да нè пази особено во блажената послушност, да нè води по овој тежок, стрмен пат на светото послушание, та да останеме во монаштвото, во Христа, и накрај да принесеме добар плод. Послушанието не е неопходно само за нашето лично спасение, ами, пред сè и над сè, е од особено голема важност за целата Црква, на која сме се ветиле дека ќе ѝ служиме. Несомнено, монасите треба да бидат пример за луѓето. Нашиот голем учител во монаштвото, Преподобниот Јован Лествичник, многу добро го искажал тоа во својата позната изрека, дека за монасите пример се ангелите, а за луѓето пример се монасите. Е сега, внимавајте како ќе постапувате во својот живот, во своето монашко жителство. Кој ќе отпадне од својот Старец, од послушанието, тој во никој случај не ќе може да вроди со добар плод и да остави безукорен пример. Зашто, Епископот во епархијата, Старецот во општежитието, е ништо друго освен подобие на Христа. Затоа, тој кој ќе отпадне од својот Старец, од својот духовен родител и раководител, тој отпаѓа не од човек, ами од Самиот Христос и повеќе не може да се нарече монах. Не може да се нарече ни Христијанин. Не може некој кој го напуштил манастирот без благослов, кој се наоѓа некаде надвор од својата заедница на која претходно ѝ се ветил, кој прави беззаконијата и соблазни, во одбрана на своето отпадништво туку така да рече: „Па, добро, можеби е Божја волја тоа што си заминав“. Не може да биде Божја волја во никој случај. Напротив, не е ништо друго освен чин на твојата волја, самоволие, непослушание, отпаѓање од Бога и соблазна за сите.
Да ја молиме Царицата Небесна да ни дава сили во послушание да го изодиме патот на постот, а и на целиот наш живот, во смирено и покајничко настроение, какво што треба да имаме во Великиот Пост. Оти, ако на крајот од овој Пост нè чека влегувањето во „ветената земја“ на пасхалната благодат, на Празникот над сите празници – Воскресението Христово, тогаш на крајот од нашиот личен живот, после гробот, нè чека Ветената Земја на вечното Царство Божјо, коешто, впрочем, е целта на нашето суштествување на Земјата. По тој стрмен пат, на тоа премрежно патешествие, нека биде секогаш со нас и до нас Пресветата наша Богородица, Која е особена заштитница на монасите; нека ни дава сили, бидејќи, како што и самите гледате и знаете, патот што сме го одбрале и на кој нè повикало Божјото провидение, воопшто не е лесен. Сетете се само колку долготрајни и напорни беа богослужбите во изминатава седмица: нозете болат, стомакот кркори, умот се расејува, телото малаксува. Но, затоа потребна е ревност. Сиот наш живот ќе биде таков. Овој пост, Великата Четириесетница, за мене отсекогаш бил еден вид слика на целиот човечки, а особено на монашкиот живот. Труд, напор, ревност, борба, подвиг – за да стасам до Бога. Нема ништо лесно. Со самоволие и непослушание не можеме да го наследиме Царството. Единствено оние кои својот животен пат ќе го скончаат во труд за љубовта Божја и во послушание, ќе го наследат вечното Царство, коешто е, всушност, Самиот Христос. Молете се и бидете бодри, останете во Христа, за да дадете многу плод. Амин!