Средишните денови на разнобојниот октомври нашата Свештена Бигорска Обител ги минува во благодатно заедничарење во Христа со Преосвештениот г. Дамаскин Дорниски, викарен Епископ на Архиепископијата на Сучава и Радауци, од сестринската православна Црква на Романија. Тој допатува во Манастирот со својот архиѓакон, отец Ефрем. Драгите гости и браќа ни дојдоа во вторникот попладне, кога според востановената манастирска пракса за пречек на архиереј, беа пресретнати со свечен и топол монашки прием.
Во согласност со чинот на манастирското иподохи, по тропарите и молитвените прозби во храмот, нашиот Старец Епископ Антаниски г. Партениј му се обрати на ценетиот гостин, посакувајќи му од името на сите нас срдечно добредојде и пријатен престој во Обителта. Старецот, помеѓу другото, кажа дека иако за прв пат се среќава и го запознава својот гостин во живо, токму поради заедничката љубов кон Христа и кон монаштвото, како и поради мистичното единство во Божествената Евхаристија, го чувствува за мошне познат и близок, како вистински брат во Господа.
Епископот г. Дамаскин, од своја страна благодарствено возврати дека тоа чувство на духовно познанство и единство во Христа е обострано, дотолку повеќе што тој и неговиот архиѓакон редовно ги следеле видео-содржините од нашата Обител и особено биле воодушевени од документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“. Всушност, откако го изгледале ова јубилејно филмско остварување, тие конечно се решиле да дојдат и да ја посетат бигорската скинија на Чесниот Претеча. Владиката од Романија ја истакна и својата нескриена радост што со одлуката на Вселенската Патријаршија од месец мај минатата година, нашата Црква се наоѓа во литургиско и канонско единство со сите останати помесни православни Цркви.
Денеска, пак, кога го чествуваме споменот на Светиот Апостол Тома, оваа свештена личност од хорот на дванаесетте велики ученици Христови, којашто во себе ги комбинира човечкиот сомнеж и Божественото откровение, двајцата богољубиви архиереи, Светиот Дорниски и Светиот Антаниски, ни подарија едно незаборавно мистагошко доживување, преку сепреданото, посветено и побожно сослужување во пречистите Тајни Христови. Заедно со Преосветените Епископи г. Дамаскин и г. Партениј, околу чесната и свештена Трпеза, богослужеа и нашите архимандрити Доситеј и Кирил, јеромонахот Еразмо, благоговејниот свештеник отец Зоран Паниќ од Банатската епархија на православната Црква на Србија и архиѓаконите Порфириј и Ефрем. Среде притекнатите верници, пак, во Претечевиот храм имаше и една група од десетина верници од Србија, коишто, исто така, допатуваа за поклонение во нашиот Манастир, предводени од нивниот богобојазлив јереј отец Зоран. Празничното сослужение се одвиваше во духот на непрестајната љубов и единство што ја карактеризираат нашата православна вера. Навистина, средбата на повеќе души во прегратките на Распнатиот и Воскреснатиот е секогаш настан полн со благослов и радост. Оти, во современиот свет, кој се чини дека е прилично задушен од осуди, поделби, нездрави ревнувања и ограничувања, моментите на единство и љубов се светилник што нè води кон патот на духовната слобода. Преку братската љубов и искреното заедничарење во Христа ја откриваме вистинската смисла на нашето суштествување и на нашата мисија во овој свет.
На крајот од Светата Литургија, во знак на благодарност за посетата и за сослужението, нашиот Старец Епископ г. Партениј му подари на гостинот владика архиерејски енколпион со ликот на Свети Јован Крстител од неговата чудотворна бигорска икона, изработен во чест на илјадагодишниот јубилеј од постанокот на Манастирот. Во своите вдахновени зборови, Старецот нагласи дека му е посебна радост тоа што во Преосвештениот Епископ г. Дамаскин виде вистински пастир на Црквата Христова, монахољубив владика со монашки етос, кој го љуби и го применува светото православно предание. Поради тоа, нашиот Игумен укажа дека му преставува особена чест тоа што токму Епископот г. Дамаскин е првиот архиереј од православната Црква на Романија кој сослужуваше во нашата Обител по примањето на нашата Црква во канонско единство со православниот свет.
Трогнат до солзи од љубовта и почитта на Старецот, Епископот од Романија сесрдно му се заблагодари и нему и на нашето братство за сета љубезност и грижа околу нивниот престој во Бигорски. Притоа, тој го окарактеризира своето доаѓање тука како „личен призив од Светиот Пророк Претеча и Крстител Господов Јован“, кој го повикал во своето десетвековно светилиште, за да го запознае со „длабочината и убавината на монашкиот живот и предание во него, коешто Старецот и монасите свето го пазат и до префинетост го исполнуваат“ и „духовно да го одмори и поткрепи преку Старецот на Манастирот, Преосветениот и возљубен брат во Христа г. Партениј, и неговото христоподобно монашко братство“. Владиката Дамаскин посебно се заблагодари за енколпионот со ликот на Свети Јован Крстител, кого уште од мал го љубел и го чувствувал како свој заштитник, откривајќи ни дека бил телесно роден токму на празникот Раѓање на Свети Јован – Иванден.
Изминативе дена, нашите ценети гости од Романија имаа можност да ги посетат и да се запознаат со христијанските светињи во Ростуше, Битуше, Рајчица и Охрид, а денес тие остварија средба и со почитуваниот надлежен Митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, со чиј благослов и се оствари денешното сослужение.
Зарадувани од неколкудневната посета на владиката Дамаскин и на архиѓаконот Ефрем од православна Романија, продолжуваме да Му благодариме на дародавецот Бог, Кој ги обновува нашите сили, нѐ патеводи кон вечната радост и нè поврзува сите заедно со врските на единството и мирот, дарувајќи ни ја безграничната светлина на Својата неизречива љубов, која сјае непроменета низ вековите. Обединети во Него, се движиме кон иднина полна со надеж, со духовен мир и со светло созерцание. Амин.