Преображенски блесоци во Пречиста

Денес пред очите на Светата Црква одново се радува и блеска со неискажлив сјај славната Гора Тавор, озарена од нетварната светлина на Творецот наш, Господ Христос, Кој во сета Своја слава се преобрази на неа, за наше полно уверување во идното сеопшто преображение. Оти Оној, Кој прв се преобрази пред Своите Апостоли, правејќи нè преку нив и нас Свои сведоци на тој светол чин, ќе ги преобрази и нашите тела тогаш кога времето ќе се исполни. Ние што со очите на Светите Петар, Јаков и Јован го видовме непреодниот сјај на Неговата слава, не можеме а да не извикаме заедно со нив дека навистина ни е добро да сме до Бога, да се поучуваме од Неговите слатки слова и да се насладуваме од непресушната Негова благодат.

Со таква непресушна благодат и неопислива светлина зрачеше раскошно украсениот пречистански храм на Богомајката уште од вечерта спроти празникот, на свечената Вечерна богослужба, на која претстоеше нашиот највозљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во присуство на бигорските монаси и монахињите од Пречиста, Рајчица и Кнежино, како и на големо множество богокопнежливи души. Вдахновениот византиски хор, со такво умиление ги пееше празничните стихири, што во нашите души полека се иконописа сцената на нашиот Господ опкружен со неовоземна светлина, пред запрепастените Апостоли, кои паднати на земја, со раце си ги покриваат лицата. Чиниш сите ние присутните таинствено се преселивме на Таворскиот настан, за духовно да го созерцаваме Преображението на нашиот Спасител. Така подготвени, подготвено ги примивме во своите срца просветлените слова на Старецот, кои со благодатна сила ја запечатија во нас недостижната тајна на Христовото Преображение, покажувајќи ни го патот што води до нашето лично преображение.

Светлината, пак, со која осамна празничниот ден, не можеше ни да се спореди со светлоста во нашите души, додека стоевме молитвено на архиерејската свечена Литургија. Двата распеани хора, со своите хармонични воспеви, просто ни ги галеше и онака растреперените срца и во нив раѓаше благодарност и славословија кон Милостивиот, Кој постојано нè радува со Своите Дарови а и денес не нè лиши од изобилната преображенска благодат, што слободно се излеваше на сите: Ти благодариме, предобар наш Господи што не нè презре нас, недостојните, туку нè покани на Своето Преображение, за да ни покажеш за какво достоинство сме создадени и кон што треба да стремиме во овој краткотраен живот. Дај ни благодатни сили и усрдност да го започнеме и ние својот духовен препород, преобразувајќи го стариот човек во себе според мерата на Твојата добрина и љубов.

И одново тоа моќно внатрешно доживување беше крунисано со нова ревност за возрастување на внатрешниот човек, поттикната од благоглаголивата и созерцателна беседа на саканиот Старец Епископ г. Партениј, кој чиноначалствуваше со Таворската Литургија, во сослужение на бигорските архимандрити и на благоговејните јереи од Кичево.