Повторно ни засветли светлоносниот спомен на таткото на црноризците, Светиот Наум, великиот охридски светилник. Колку цврсто православните, а особено народите славјански се сраснале со личноста на Светиот Наум! Овој верен ученик на Светите Кирил и Методиј, сотрудник на Светиот Климент, славјански просветител и подражател на големите Свети Отци подвижници, стана и началник на општежителниот монашки живот среде словенските народи. Како грижлив татко на монасите, тој и по своето блажено успение не престана молитвено да ги поткрепува своите духовни синови и ќерки.
Таа негова духовно-молитвена поткрепа денес ни беше излеана преку богослужбата во Манастирот Пречиста Кичевска и особено преку Светата Литургија, отслужена од нашиот духовен татко Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со своите во Христа браќа јеромонаси. Во своето боговдахновено слово на Литургијата, тој го возвеличи апостолскиот труд на преподобниот отец Наум, кој целосно се предал за духовно просветлување на Славјаните, станувајќи поттик на нашиот народ, за докрај да го негува и да го сочува православниот славјански бит, дури и во времето на тешки испитанија:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Го славиме, возљубени мои, со умиление и благодарност, сечесниот спомен на Преподобниот отец наш Наум Охридски Чудотворец – еден од најблиските ученици на Светите и славни, рамноапостолни сесловенски просветители и учители Кирил и Методиј, коишто го просветлиле нашиот род со зраците на Евангелието и му подариле свештено слово, го направиле словесен.
Според една етимолошка теорија, етнонимот Словени доаѓа токму од зборот слово, што значи дека Словените се народ што го имаат Словото, кои се словесни. Пред богоблагословената мисија на Божествените Браќа Кирил и Методиј и на нивните ученици, нашите предци биле безбуквен, примитивен народ и како таков бил нарекуван скитски, варварски, мизиски – со различни имиња, па дури и погрдни. Но, со подвигот на Светите Рамноапостоли и на нивните ученици, словенскиот род се вброил меѓу цивилизираните народи, добивајќи логос, Божјо слово и своја словесност. Во тоа евангелско дело на описменување и просветлување, во нашите краишта посебен придонес дале светите Кирилометодиеви ученици Климент и Наум, кои со своите бесмртни подвизи и рамноапостолски подвиг го прославиле градот Охрид.
Нашиот отец меѓу Светиите, рамноапостолниот Климент бил првиот словенски епископ на овие простори. Тој, кон крајот на 9 век, го основал познатиот манастир на Свети Пантелејмон Чудотворец, на Плаошник во Охрид. По неговото разурнување и подигање на џамија врз неговите темели во 15 век од страна на Османлиите, Бог нè удостои повторно да го обновиме во 2000 година, што беше голем благослов за нашиот народ и за нашата Татковина.
Манастирот, пак, на Свети Наум, посветен на Светите Архангели, со векови бил и останува прибежиште за нашиот род, пристан во неволјите и утеха на душите. Од гробот на Свети Наум до ден денес се испраќа голем благослов од угодникот Божји, кој непрестајно посредува за верните пред Троичниот Бог, творејќи безбројни чудеса. Навистина, огромен е неговиот култ и неговата слава среде македонскиот народ. Наш свештен долг е да продолжиме да му се молиме, за да ни дава благослов и сили, да ни влева бодрост и ревност, за да се бориме и да живееме, најнапред за небесната татковина, за Царството Небесно, за така да би можеме да ја сочуваме и нашата земска Татковина. Духовно правило е кога еден народ ќе се стреми кон Небесното Царство, кон вечноста, да го запазува и наследството што Бог му го доделил овде. И во спротивно, доколку некој народ не мисли на небесното, не се залага прилежно за вечниот живот, таквиот е изгубен, нема основа, пропаѓа.
Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј, Климент и Наум и другите со нив, им припаѓаат на сите денешни словенски народи, бидејќи во времето кога тие проповедале, сите Словени биле еден народ. Денес, од едниот словенски род се создале повеќе модерни нации, со свои имиња и држави, меѓу кои и македонската нација и држава. Затоа, многу погрешно, би рекол, дури и тежок грев е да се изменуваат текстовите на древните богослужби и во нив да се додаваат некакви си „национални“ придавки, според денешното наше национално чувство. Не можеме да ги „национализираме“ Светиите. Тие Му припаѓаат на Христа и на Неговото Царство. Светите писанија се напишани од обожени луѓе и грев е пред Бога ако ние ги изменуваме. Така се губи благословот Божји, се губи и духовното наследство од нашите предци.
Доаѓајќи вчера наваму, забележав дека на новопоставените официјални сообраќајни знаци по патот, за Кичево – но и за други топоними во крајов – прво со кирилско писмо пишува Кичево, а веднаш одоздола со латиница на албански Kërçovë. А некаде дури кирилското име е ставено последно. Кога доаѓаат, значи, странци коишто не знаат да читаат кирилица, ќе ја прочитаат само албанизираната форма на топонимот, што е, се разбира, неправедно. Тука би сакал да нагласам дека ние немаме ништо против нашите сожители Албанците и нивниот јазик – напротив, ние како Христијани, сакаме да живееме со нив како со браќа, што, впрочем, и го правиме тоа во нашата заедничка држава. Нема народ или јазик што не е од Бога благословен, бидејќи, согласно учењето на Светите Кирил и Методиј, секој народ може да Го слави Бога на својот јазик. Меѓутоа, се прашувам, каде е нашето духовно достоинство? Каде е нашата борба за својот јазик, за своето духовно и културно наследство? Но, бидејќи ние не мислиме на Царството Христово, на Небесната Татковина, според духовните закони, се повлекува благословот од нашето поколение и така ја губиме земската татковина. Каде се Македонците сложно да кажат и да се изборат за своите права? Ние не сакаме да ја оспориме употреба на некој друг јазик, донесен врз правна основа, не сакаме да одземеме ничие право, туку само го бараме сопственото, загарантирано и според Уставот и според Охридскиот договор, според кои за секого во оваа држава има еднакво и рамноправно место. Меѓутоа, тоа што е постигнато со договор, и тоа на највисоко, парламентарно ниво, треба од сите да се почитува, за да има благослов и доброденствие за сите граѓани, без разлика на нивната народна припадност. Според тој договор, значи, секаде на прво место треба да стои името на топонимот со кирилско писмо, потем истото име во латинска транскрипција и потоа албанската форма, или некоја друга, согласно законот за малцинствата. Зашто, само ако се почитуваме еден со друг и се држиме за меѓусебниот договор за сожителство, можеме да имаме напредок и добра заедничка иднина.
Пред малку реков дека треба да се молиме на Свети Наум, за да ни дава ревност и љубов за стекнување на Небесната Татковина, преку што ќе можеме да ја запазиме и оваа наша држава. Кога човек се стреми кон вечното, лесно е да се избори и за земското. Но, наместо таа благословена борба со злото во себеси, со зависта и со омразата, ние се бориме меѓусебно, т.е. како да се уништиме еден со друг. Оваа појава може да се види насекаде, во секој сегмент од нашето општество. Доволно е само да фрлите еден поглед на социјалните мрежи и веднаш ќе ја увидите омразата и зависта што се истура преку нив. Никој не го покрива и не се застапува за својот брат, за општите права и придобивки, туку еден со друг очите си ги вадат, се клеветат, се навредуваат, се мразат. Како да постои кај нас една таква ужасна појава, една злокобна ревност за меѓусебно омаловажување, за завист, за самодеструкција…
Светиот отец наш Наум да нè сочува од духовно ропство на омразата и на зависта и да ни дарува правилна ревност, ревност за молитва, за смирение, за добра волја, за служење во доброто. Така ќе можеме да ја зачуваме и државата, и јазикот, и писмото, и културата, духовното наследство. Јазикот и писменоста што како свештено наследство ни ги оставија нашите родоначалници и најсвети духовни татковци, Светите Кирил и Методиј и нивните Свети ученици Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј и другите.
Денешниот славеник, Свети Наум Охридски, се вложил себеси како жртва сепаленица за таа писменост и за нашата култура; плачел и се борел за свештеното писмо и за евангелските правдини. Затоа денес, на Светата Литургија, во негова чест се читаше Евангелието за Блаженствата, за оние што плачат, оти ќе се утешат. Ова зачало се чита за Преподобните, за оние кои станале слични на Господа Исуса Христа, среде кои се вбројува и овој наш најсакан Отец. Додека бил жив на земјата, тој плачел за својот народ во неговиот Манастир и затоа Бог му дал слобода да ги брише нашите солзи кога ќе заплачеме на неговиот гроб и кога ќе побараме негова заштита и помош. Нека се моли тој, најмилиот, пред Божјиот престол, за овој народ да се разбуди, да се освести, да ја прими евангелската порака на љубовта и во ревност да напредува во доброто, во подвигот за обожението. Амин!“