Според Божјата милост и целесообразност пристигнавме до втората станица на Богородичната мајчинска закрила во ова Света и Велика Четириесетница. Втора благодатна прегратка и душевно утешение од Царицата Мајка по стрмниот пат на постот и духовната борба. Второ таинствено откровение дека нашата небесна Војвотка е посилна од секое искушение. Нејзината бездна од милост и сожаление е место за оддив на тие кои ја љубат, надеж за тие кои грешат, потпора за немоќните, светлина за помрачените по разум. Кажано со едно слово, нема човечко битие што нè е прегрнато од нејзината мајчинска грижа и сострадание.
Акатистот на Пресвета Богородица е возљубено свештено чинодејствие за Христијаните и особено за монасите, за кои тој е вистински празник и радование. Затоа тие со нетрпение го чекаат ова богослужение и со сесрдна радост на Мајката ѝ благодарат и го полагаат пред Неа секое свое воздихание. При оваа втора акатистна пофалба за Сецарицата, посебно средоточие на нејзината благодат беше Манастирот на Победоносецот во Рајчица. Таму нашиот најсакан Старец и Епископ г. Партениј, со својот медоточен глас ѝ ја изела својата синовска љубов на Пречистата преку стиховите од втората статија на радосните поздрави.