Радувај се, Невесто неневесна! Би можело без претерување да се каже дека во овие зборови се крие сето таинство на Божјата икономија, сета тајна на вочовечувањето на Синот Божји и на спасението на светот. Пресветата Дева стана Невеста. А тоа значи дека Таа ни Го роди Христос, Оној Кој е спасение наше. Спасение, коешто започнува уште во овој свет, а целосно се исполнува во другиот, во вечниот. Од друга страна, Пресвета Богородица е и неневесна, безмажна Невеста, бидејќи сè стана преку Светиот Дух. Оваа тајна, ако сакаме да се задлабочиме во неа, крие и подразбира многу. И можеби ништо друго не ја одразуваа нејзината содржина толку јасно, како стиховите на Акатистот, на таа чудесно небоземна поетска творба во чест на Родителката на нашето Избавување. Убавината, богатството, теологијата, догматиката на Божјиот план за спасение на човекот е раскошно опишан, колку што може, се разбира, со збор, во тие дванаесет кондаци и икоси на тоа поетско совршенство.
Токму затоа, Акатистот на Пресвета Богородица, како Богослужба со која се крунисува молитвениот великопосен неделен подвиг, зазема посебно место во литургискиот живот на нашите Обители. Тоа е настан што сите нас нè соединува во еден радосен и благодарствен собор, околу Онаа преку Која ни дојде „вечното веселие“. И тогаш сè се менува, сè добива еден посебен, свештен тон. Особено, кога нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, ќе застане пред Нејзината чудотворна икона и со синовска љубов ќе ѝ ги принесе Божествените благодарствени стихови на Царицата Мајка.
Радувај се, низ Тебе радоста заблеска;
Радувај се, низ Тебе клетвата исчезна.
Радувај се, на паднатиот Адам исправување;
Радувај се, на Ева од солзите избавување.
Радувај се, височино, и за помислите човечки недостижна;
Радувај се, длабочино, ни за очите ангелски несогледива.
Радувај се, зашто си царски престол;
Радувај се, зашто го носиш носителот на сѐ.
Радувај се, ѕвездо, Која Сонцето Го објавува;
Радувај се, утробо на Божественото воплотување.
Радувај се, преку Тебе тварта се обновува,
Радувај се, преку Тебе на Творецот Му се поклонуваме.
Радувај се, Невесто Неневестна!