Рождество Христово

Кон небесниот хор, кој го славослови достославното време определено за наше спасение и го благословува денот предвиден за неискажливи радости, во  ова светлосјајно деноноќие, со љубов се присоедини и Бигорската Обител. Заедно со тој хор се развесели и со торжествени песнопенија Го восхвалува родениот Богомладенец. Зашто овој ден ги радува царевите, првосвештениците и пророците; во него се изврши и исполни сѐ што било предречено од нив. Денес Дева Го роди Емануил во Витлеем; денес се исполни изреченото од Исаија слово. Денес се исполни песната испеана од Давид, денес се исполни изговореното од Михеј слово: Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста (Мих. 5,2). Ете, изгреа Ѕвездата од Јаков и се издигна Кнез од Израилот. Денес Валаамовото пророштво стана јасно. Скриената Светлина слезе и од Нејзината плот Ѝ блесна убавината. Истокот, за кој говори Захарија, денес заблеска во Витлеем. Царската светлина се појави во царскиот град Ефрат. Денес се исполни благословението на Јаков, се јави Дрвото на животот кое им дарува живот на смртните. Денес се роди Синот и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот (Иса. 9,6).

„Благословен е Младенецот, Кој денес го развесели Витлеем! Благословен е Отрокот, Кој денес му подари на човештвото младост! Благословен е Плодот, Кој денес слезе при гладните! Благословен е Богатиот, Кој одеднаш ја обогати нашата бедност и го дополни недостигот! Благословен е Поттикнатиот од Своите штедрости да нѐ посети нас, немоќните! Да Му благодариме на Изворот, Кој се излеа за да нѐ очисти!“ (Преподобен Ефрем Сирин)

Во атмосферата на овие благослови и благодарности, бигорското братство и нашите сестринства од Рајчица, Пречиста и Кнежино, заедно со својот старец, Архимандрит Партениј и многубројните поклоници на Богомладенецот, соединети во молитва през целата ноќ, беа мисловни сведоци на Витлеемското собитие и причесници на Рождественската благодат. А во неа таинствено нѐ воведе божикното слово на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј:

 

Возљубени поклоници на Витлеемскиот Богомладенец,

„Нѐ посети од висините нашиот Спасител“. Со овие зборови црковниот поет го започнува т.н. светилен на празникот на Рождеството Христово. Навистина, навидум едноставни зборови, а истовремено, толку големи и тешко поимливи! Нѐ посети Оној Кој е Творец на сето создание, видливо и невидливо; нѐ посети Премудроста Божја, Умудрителот на сите умови и Осмислителот на сите твари; нѐ посети Мирот, Кој ги помири земните со небесните; нѐ посети Радоста, нетлената радост која е за сите луѓе (сп. Лука 2,10); нѐ посети Синот Божји, станувајќи она што сме ние, за и ние да станеме она што е Он.

Нè посети Исток од висините (Лука 1,78). Нѐ посети. Самиот Он нѐ посети, доброволно, личносно. Без наша заслуга или некаква подготвеност да Го примиме. Без и да бидеме свесни за Него, не познавајќи ја ни оддалеку Неговата несебична, крајно самопожртвувана, чиста, несфатлива љубов. Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, пишува великиот учител на народите, апостолот Павле, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни (Рим. 5,8). Рождеството Христово е, во буквална смисла, недостижна тајна, совршен дар на Божјата милост. Предвечниот Совет на Светата Троица не испрати при луѓето некој моќен ангел избавител, за да ги ослободи од распадливоста, смртта и смртната тага, туку лично Самиот Син, предвечното Словото на предвечниот Отецот. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен – говори големиот тајновидец, Свети Јован Богослов (Јован 3,16). Љубовта беше причината за создавањето на светот и на човекот, истата таа љубов беше причина и за пресоздавањето на човечката природа, којашто, поради непослушанието и егоизмот, беше се предала на смрт и тление.

Воплотувањето на Богочовекот Христос не значи само избавување на заблуденото човештво од гревот и смртта. Тоа е нешто многу повеќе. Во една од стихирите на Празникот слушаме: „Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија; денес Бог дојде на земјата, а човекот се искачи на небото“. Избавувањето, значи, од темнината на незнаењето и пределот на смртната сенка на гревот (сп. Матеј 4,16 и Лука 1,79), беше само дел, еден преоден поход, во Божјиот љубовен домострој за човештвото. Всушност, главна цел на Бога е обожувањето на човечката природа. Бог Словото, примајќи плот од Пречистата Дева, стана истоприроден со нас, за ние луѓето да станеме причесници со Божеството.

Оваа голема и страшна тајна на човековото обожение се одвива преку светотаинскиот живот во Црквата, којашто, бидејќи Тело Христово, непроменливо ја чува обновувачката благодат на Рождеството. Единствено во Црквата, во која Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови (Евр. 13,8), „се избавуваат од распадливост нашите животи“ и „се обновува младоста“ на душите, остарени од игото на гревот (сп. Псал. 103,4-5). Тука, во просторот на Црквата, беспросторниот Бог е присутен во полнота. Неопфатливиот, Неограничениот, Надвремениот, примајќи човечко тело од Пресвета Богородица, се покажа за нас видлив, опиплив, ограничен со нашата природа, наш сопатник во времето. Истовремено со тоа, со Неговата благодат, Он и Своите луѓе ги прави неограничени, надвремени, вечни. Ги прави жители на Царството на вечната радост, слобода и убавина.

Оттука, крајно нецрковни и туѓи на духот на Христовото човекољубие се чинат постапките и изјавите на некои членови на црковниот клир, коишто тесноградо се обидуваат да го ограничат дејството на безграничната Божја љубов и благодат. Под плаштот на навидум оправдан, а во суштина лицемерен фанатизам за наводно запазување на боговостановениот канонски поредок на Црквата, самите тие ја поткопуваат соборноста на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Непочитувајќи го првопрестолното, во православна смисла, началство на Великата Христова Црква во Константинопол, основано од вселенските собори, оставаат лош пример на несмирение и непослушание, и ја претвораат Црквата во инструмент за остварување на земски интереси. Притоа, самите понесени од соблазната на апсолутизмот, неосновано обвинуваат други за тоа.

Никој нема право на монопол и ексклузивитет на благата вест од доаѓањето на Спасителот на светот. Ангелот што ги пресретнал Витлеемските пастири во онаа таинствена ноќ, им рекол: Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе (Лука 2,10). Значи, не само за определени народи, не само за некакви општествени елити, не само за едно поколение, туку за сите луѓе, од сите времиња. Никој не може да биде исклучен од љубовта Господова. Месијата, Исус Христос, се роди за сите. За секој поединечен човек, од Адама, па до последниот – големи и мали, богати и ништи, од сите места и од сите поколенија, призвани се кон спасение.

Во светот во кој живееме, сериозно обременет од длабоката поларизираност на богати и сиромашни, моќни и слаби; обеспокојуван од духот на консумеризмот и глорифицирање на сластољубието, што неизбежно води кон „неподнослива леснотија на постоењето“, радосната вест од некогашното Витлеемско собитие изгледа како да ја изгубила својата сила. Како суштината на Боговоплотувањето да не наоѓа свое место во нашево совремие, потонато во грижи и тага. Меѓутоа, тајната на Рождеството дејствува во сета своја полнота во отворените за Бог срца; во битието на изморениот од егоизмот и обременетиот од грев човек, кој смирено се одѕвал на Спасителовиот повик за мир со себеси и со Бога и со благодарност го понел Неговиот благ јарем на трпение со надеж, и послушание со вера и лесното бреме на љубовта и радоста во духот (сп. Матеј 11,28-30).

За да ја почувствуваме и ние моќта на денешната сепразнична благодат и реалното меѓу нас и во нас присуство на Емануил, што значи: „Со нас е Бог“, потребно е и ние, подобно на пастирите и мудреците, со смирение да ги преклониме нашите срца пред величието на безмерната Божја љубов и исто како и нив, да Му ги принесеме на Божественото Дете на дар, нашите злато, темјан и смирна: богатството на нашиот живот, мирисот на молитвата и благоуханието на љубовта и смирението. 

Добро бдение на сите и честито Рождество Христово!

Христос се роди!“