Дојде Спасителот наш, се роди тивко во ноќта. Блесна како ѕвезда, се спушти како дожд на руно, како капки што наросуваат земја. Светот не Го позна, но Он дојде за нас, дојде да нѐ побара како загубената драхма. Како добар Пастир, Кој го бара загубеното јагне за да го врати во Својата закрила. Не Те познававме Христе, но Ти нѐ бараше, слезе во пештерата на нашиот мрак и нѐ најде. Дојде и ни подари спасение. Иако небесен Цар, не ги посети земните палати, туку ја прими нашата беда, за да нѐ повикаш во светлите одаи на Своето Царство. Од љубов за нас во прегратките на Светиот Дух си истка тело, за сите ние што носиме тело да се причестиме со Светиот Дух. Од љубов за нас Ти, Кој со рака го држиш целиот свет, сега спокојно лежиш во прегратките на Својата Мајка. Ти, Кој го облекуваш небото со облаци, сега си облечен во скромни пелени. Тебе, за Кого мала е Вселената, Те ставија во јасли на животните, зашто немаше место во гостилницата. Ти, вечен и безвременски, влезе во нашата историја. Не како гром што одекнува, ниту како огнена стрела, туку смирено како мало незлобиво дете, влезе и го освети времето со Својот живот. Заради човекот, Ти самиот стана човек, а заради синовите човечки, сега си и Син Човечки, иако си вечно Божји Син. Дојде и светот стана поинаков. Дојде и донесе надеж за оние кои се распаѓаа во своите страсти и похоти. Дојде и сега веќе Царството Божјо не е таму некаде, туку овде во нас.
Така смирено и со тивка радост ги осени Богомладенецот и душите на присутните во Бигорското светилиште што пристигнаа да ја прослават радосната вест за раѓањето на Оној Кој му донесе нова надеж на светот. Први благовесници на тоа пресвето Рождество беа секако нашите бадникари и драги гости, хорот при храмот „Свв. Петар и Павле“ во Кичево, кои со прекрасната изведба на неколку божикни каланди, нѐ воведоа во празничниот амбиент и ги отворија нашите срца за претстојната молитвена ноќ на трепетно исчекување Христос да се роди во нив. Со секој миг во таинственото благодатно присуство во храмот, со секој испеан стих пред нашите очи се откриваше предвечната тајна на нашето спасение и ги бришеше тие 2000 години човечка историја, така што како одново да бевме во онаа ноќ кога ангелскиот поздрав ги израдува пастирите, а Витлеемската ѕвезда ги донесе пастирите на поклонение. Стоиме пред Божественото дете со подготвени души и срца да Му ги принесеме нашите покајни солзи, зашто згрешивме и беззаконувавме и неправедни бевме пред Него, но Он и сега со Своето раѓање ни ги отвора прегратките и нѐ прима во милоста на Својата неискажлива љубов и светлина. А нашиот највозљубен Старец и владика, епископот Антаниски Партениј духовно нѐ внесе во тие благодатни Божји прегратки со своето топло и љубовно слово за Светлината што свети и мракот не ја опфати, изговорено на Божествената Литургија, по читањето на Светото Евангелие:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, нека ни е честит и среќен големиот празник на сесветлото Рождество Христово и благодатта Божја од него да ве крепи и да ве чува!
Бдението што го отстојавте вечерва е навистина голем подвиг и следствено, голем благослов од Господа. Бог се радува кога нè гледа собрани сите заедно, во Негово име, бидејќи целта на Неговото доаѓање на Земјата што го славиме во оваа серадосна ноќ е токму таа, да го собере растуреното, да ги соедини луѓето, да го обедини сиот свет во Својата љубов.
Забележавте дека празничното Евангелие што го прочитавме сега започна со патешествието на тројцата Мудреци од Исток, кои допатуваа во Јудеја, во гратчето Витлеем, носејќи дарови за новородениот Цар, за Богомладенецот Христос. Според светоотечката херменевтика овие Мудреци, или Цареви како што уште се нарекуваат, се претставници на целиот тогашен незнабожечки свет, односно на трите човечки раси, на народите кои, согласно пророштвото на Свети Исаија, одеа во темнина и живееја во земјата на смртната сенка (сп. Иса. 9,2).
Овие тројца просветлени луѓе знаеле за доаѓањето на Месијата, затоа што го читале Светото Писмо и знаеле за пророштвата за Неговото пристигнување. До пештерата во Витлеем, пак, дошле водени од некоја необична ѕвезда која светела со чудесна светлина. Зошто Господ им испратил знак во вид на светлина, во вид на ѕвезда, за да ги води? Затоа што, од една страна, тие биле астрономи кои знаеле да го читаат движењето на небесните тела и Господ го избрал за нив најпогодниот начин да ги повика. А од друга страна, Господ им се јавил како светлина, за на симболичен начин да им покаже дека Родениот во пештерата доаѓа како вистинска духовна светлина за народите и за светот; доаѓа за да го исполни познатото пророштво: Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина (Матеј 4,16). Словото Божјо прими човечка плот, за да го причести родот човечки со нераспадливата и невечерна светлина на Троичното Божество.
Па така, мили мои, и оваа ноќ, во продолжение на Светата Литургија, вистинската Божја светлина ќе ни се даде како наша наслада и храна, преку молитвеното учество во Троичното таинство и преку пречестувањето со светите Христови дарови. Веќе две илјади години Богомладенецот Христос ни се дава на секого од нас. Се раѓа по неброен пат во човечките срца, подготвени да Го примат во љубов и смирение. На оние што го примаат во своите души и тела, им го дава залогот за вечноста и ги прави причесници на „неискажливата и славна радост“. Тоа причествување, тоа Божествено соединување се случува преку целокупниот светотаински живот во Црквата, преку умно-срдечната молитва, а особено на Светата Евхаристија, како средоточие на Христовиот живот и присуство на Земјата.
За Божик имаме обичај да се поздравуваме и да си посакуваме убави и големи нешта, како на пример: здравје, љубов, мир, радост, благоуспевање. Меѓутоа, да знаете дека најважно од сè е да си посакуваме и да се молиме за заедништво со Христа, во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето (Колос. 2,3). Во Христа е содржано сè што е добро и убаво, сè што е вистинито и трајно. Без Него ништо од овој свет нема смисла и вредност. Единствено во Него се состои нашето здравје, нашата среќа, нашиот благослов, сè што е добро и прекрасно во нашиот живот. Само средбата со Бога е вистинското утешение и правата цел на нашето суштествување. Ете зошто среќавањето и соединувањето со Христа е тоа што постојано треба да си го посакуваме еден на друг и да се молиме за тоа.
Мили мои, не човештвото Го покани Христа во овој свет, туку Самиот Он, од љубов кон светот и кон Своето создание стана човек, за нас да нè направи богоподобни по благодат. Свети Атанасиј Велики вели: „Бог стана човек, за човекот да стане бог“. Па така, Он чека да Го примиме во своите срца, да Го повикаме да живее со нас и во нас и Он со најголема љубов ќе го направи тоа. Зашто, со овој ден, со роденденот на Господ на Земјата, се промени целата траекторија на историјата. Цивилизираниот свет започна да живее по еден нов правец и за сите луѓе започнува една нова епоха. Адот повеќе не е крајна дестинација и суров поседник на човечките души. Сега се отвора нов хоризонт што гледа кон Троичниот Бог и на човека му се дава можност да живее во заедница со Бога, во вечниот живот, заедно со својот возљубен Цар и Бог.
Отворете ги своите срца оваа вечер, помолете се искрено за сите, бидејќи светот во кој пребиваме, како што и самите гледате, станува сè покомплицирано место за живеење, затоа што луѓето сè повеќе се оддалечуваат од љубовта Христова. Да побараме во молитвата да се чујат насекаде зборовите на Ангелите со кои им објавија на пастирите дека во нивниот град се роди Христос Бог: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја! (Лука 2,14).
Нека има добра волја и љубов меѓу сите луѓе во овој свет. Амин!