Ти си дошол, Христе, за да нè спасиш; прими ги сега оние што со вера се упокоиле во Тебе, во прегратките на Авраам, и всели ги заедно со Лазара, како единствен добар.
(од Канонот на упокоените)
Денес Црквата благодарност принесува и молитвено си спомнува за сите верни нејзини синови кои животот свој за верата и татковината го положиле и во вечен живот што не старее се преселиле. Но денес на сите нам ни се дава можност молитва да упатиме и за нашите покојни ближни, кои со надеж заспале во Господа и кои со надеж ги упатуваат своите очи кон нас очекувајќи милосрдно да си спомнеме за нив, да Го смилостивиме Христа благиот за прошка на прегрешенијата и покој на нивните души. Да најдеме време среде сиот тој животен метеж што ги заробил нашите души не само да појдеме на гробот и запалиме по некоја свеќа, туку и да застанеме за миг и го воскреснеме во нашите сеќавања она што тие биле. Да го слушнеме во пеењето на Црквата гласот на нашите одамна или неодамна заминати ближни и нека нашиот личен спомен за упокоените се слее во евхаристискиот принос на Црквата за сите и за сè. Заедно со застапништвото на оние кои, приопштувајќи се кон Христа, животот свој го положија за другите. Нашата љубов е мала, и сега, кога ближните не се повеќе со нас, сфаќаме дека недоволно сме ги љубеле, недоволно време сме им посветиле, недоволно радост сме им направиле. Но тука е милостивиот наш Господ Кој од крстот сите ги прегрнува и нашите покајни молитви за душите на покојните ги прима, облеката на душата од гревовните нечистотии им ја мие и така, во избелени облеки во своето Царство ги воведува. Наше е само да не ги оставаме во своите молитви, помнејќи дека еден ден ќе дојде и нашето време за разделба од овој свет кога ќе посакаме и ние некој тогаш молитвено да си спомне за нас. Да Го помоли Бога да ни ја отвори вратата на вечноста. А знаеме добро дека таму во вечноста каде што одиме, во полнотата на Својата љубов, Христос веќе подготвил средба лице во лице со оние што Го љубат.
Спомнувајќи си за сите од века упокоени наши отци, браќа и сестри, бигорското монашко семејство го положи пред нозете Божји својот скромен молитвен принос и заедно со нив ја сподели заедничката радост за сеопштото воскресение од мртвите, кое најнапред им беше објавено на оние во адот, кога Христос Спасителот слезе кај нив и им ја проповедаше Својата победа над смртта. А токму таа вечна радост и триумфот од победата на смртта ја огласи словото на нашиот возљубен Старец и владика Партениј, кој на сите длабоко созерцателно ни го разгоре копнежот за дружба со Христа – како единствен вистински пат кон вечноста:
Го слушнавме, мили мои, Евангелието за Воскресителот, за Синот Божји, Кому Отецот Небесен ќе Му ги даде во наследство сите што со вера приоѓаат кон Него. Господ Христос е Творец на целиот свет, на сè видливо и невидливо и сите луѓе Му припаѓаат Нему, како од Него создадени. Но вистински Негови, сонаследници на Неговото вечно царство и блаженство, ќе бидат оние што Го љубат и во таа љубов се трудат да живеат по Неговите заповеди: Сè што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор. Он е воскресението и Лебот на животот, како што чувме од евангелското зачало на Свети Јован Богослов, што се чита на чинот на панихидата: Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.
Мислам дека сите сме осознале колку краток е животот на земјата и токму затоа уште одовде треба да почнеме да ја живееме нашата вечност, живеејќи и хранејќи се со Оној Кој е вечно жив, Кој е нашето воскресение, со Христос. Ете, ние секогаш молитвите за покојните ги завршуваме со зборовите: вечен им спомен. Но, каде споменот би можел да остане вечен? Единствено во Христа вечно живиот, бидејќи тука сè е минливо, сè завршува. А кога некој е во Него, тој ќе живее со Него и по смртта и затоа велиме дека споменот за него ќе биде вечен.
Да се трудиме, мили мои да не бидеме мртовци кои ги погребуваат своите мртви. Знаете од Евангелието дека кога Христос ги повикувал апостолите, еден од нив Му одговорил: Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми. Татко му се упокоил и тој требало да оди на погреб. Меѓутоа, во таа прилика Господ ги искажал споменативе невообичаени и страшни зборови: Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци! (Матеј 8,21-22) Се разбира, тука Христос не зборува општо против погребението како израз на грижа и љубов за покојните, туку дека оној кој не е со Него и не верува во Него уште при живот станува духовен мртовец. Споменот за неверните ќе биде избришан, како што нè поучува светиот пророк и цар Давид: нечестивите се поскоро како прав што го одвејува ветрот од лицето на Земјата. Па така, да не бидеме мртовци кои ги погребуваат своите мртви, туку да станеме деца на живиот Бог, Кој го посакува нашето спасение: волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сè што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Сите сме повикани да отидеме при Него, да Го спознаеме, да Го возљубиме, да Му бидеме пријатели и така, преку Него да бидеме вечно живи.
Бог нека ги прости и нека им даде покој на сите наши починати отци и браќа, на монасите коишто го граделе и се подвизувале во овој манастир. Нив секогаш ги спомнуваме со најголема љубов и почит, бидејќи поднеле тешки подвизи за ова место да опстане и денес ние да принесуваме молитви овде. Да Му се молиме на Господа и за душите на нашите отци кои се осветиле овде и сега имаат слобода пред Него, за и по нас во оваа света Обител да има монаси кои ќе се молат и кои и нас ќе нè спомнуваат, и нека овие кандила останат да горат до Второто Христово пришествие. Амин!