Дојдете сите верни на Божјата Мајка чесниот покров да го прославиме, зашто кон Синот свој рацете свои милостиво ги простре и со нејзиниот свет покров целиот свет ограден беше. Затоа со усти и срце, со песни и химни духовни, со сите коишто приоѓаат, светло да празнуваме.
(Слава од вечерната богослужба на Покров)
Ревнувајќи за праведност уште од раната своја младост, побрза кон Светата Гора и таму целиот на подвиг се предаде. Затоа твојот манастир го закити со твоите прекрасни химни што како скапоцен дар ни ги даде. И сега св. Јоване, слаткогласна струно, не престанувај да се молиш за нас.
(Стихира од богослужбата на Св. Јован Кукузел)
Голема и неопислива е милоста што Небесната Царица ја излева врз целиот наш грешен човечки род, и низ вековите, оние кои од сѐ срце ја возљубиле, кои како сјајна ѕвезда водилка постојано ја следеле и кои во тешките мигови на испитанија потполно ѝ се довериле, во Неа својата непоклатна помош и закрила ја добиле, а подоцна и за вечна награда од Неа се удостоиле. И зарем случајно денес, кога го чествуваме нејзиниот чесен омофор што Tаа мајчински го распослала по цел свет и сите нас нѐ прегрнала во својата грижа, си спомнуваме токму за два нејзини слатки плода, две ангелски души кои сиот свој живот со дела и химни ја славеле и од неа прославени биле? Славниот Јован Кукузел и умилниот Роман Слаткопевец се светол пример за тоа колку големо достоинство ни се дало нам, верните, да Го славиме Бога и Неговата пресвета Мајка заедно со ангелите. И за поголема слава од ангелската да се удостоиме.
Токму затоа сестрите од Mанастирот на Победоносецот во Рајчица со голема радост ја искористија можноста да му пеат химни и пофалби на својот патрон, чијшто живот и подвиг и неизмерна верност кон Богомајката и нејзиниот Син секојдневно се трудат да го подражаваат, предадени на истата таа љубов, која некогаш преподобниот го изведе од царскиот двор и приведе во манастир, а сега и нив ги повика од светот кон постојана служба во слава Божја. Подражавајќи ја неговата ревност за постојано славословење и пеење на Бога, тие на ова сеноќно бдеење во негов спомен одново се потсетија на неговиот стремеж своето пеење да го претвори во молитва и својата срдечна молитва кон Бога да ја излее во едно прекрасно, умилно пеење, кое ги буди душите на присутните и самите ги поттикнува на молитва. Токму тоа и беше оваа ноќ исполнета со вдахновени стихири и благодарствени слова заради мајчинскиот покров на Преблагословената – една непрестајна молитва излеана од богокопнежливите души на присутните во свечениот спокој на Рајчичкиот параклис. А таа благодатна молитва беше крунисана со блаженството на празничната Света Литургија, отслужена од нашиот најсакан Старец, Архимандрит Партениј, што сите ја примивме како прекрасен дар од Христа Бога.
Закрилени од омофорот на пресветата Владичица, и поткрепени од молитвите на слаткогласните преподобни Јован и Роман, благодатно нахранети од бесмртната храна на светите Христови Дарови, ги упативме своите смирени прозби кон нашиот човекољубив Творец, барајќи да ни ја заштити земјата во овие судбоносни за нас мигови, да ги просветли заблудените и да ги скроти разгневените, па да надвладее разумот и заблеска братољубието и сиот народ да ја прослави големата милост и љубов Божја. Амин.