Дваесет и осум години подвиг, усилби, болки, страданија, жртва заради Христа и Неговата Света Црква. Денес, на споменот на Светата маченица Христина броиме полни дваесет и осум години од мигот кога во далечната 1995 г. нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј крстообразно се положи пред светиот олтар на бигорскиот храм за од раката на нашиот надлежен и многу почитуван Митрополит Дебарско- Кичевски г. Тимотеј, да прими монашки потстриг. Во тој благословен ден нашиот Старец ја положи својата душа пред престолот Божји, заветувајќи се на Христа за вечна љубов и заедница со Него преку монашки устрем и полет кон вечноживиот и најпрекрасниот Син Божји и Спасител, Господ Исус Христос.
Нашите свештени Обители радосно го прославија овој за нас значаен јубилеј, смирено благодарејќи Му на Бога што по Својата неискажлива промисла благоволи да ни даде и да нè благослови со таква грандиозна личност за да ни биде не само игумен туку и најпожртвуван, најгрижлив и највнимателен татко, да нè води низ годините кризни и несигурни, како искусен морнар по разбрануваното животно и духовно море на овој свет, да стои цврсто на кормилото покрај Христа и сигурно да нè приведува кон тивкото пристаниште на вечниот живот и блаженство.
Како пчели собрани околу својата матица, браќата и сестрите монаси и бројни духовни чеда се собраа на вечерна богослужба во својата духовна кошница – бигорското светилиште за тука во закрилата на Претечата и во татковските прегратки на нашиот свет Старец и владика, да ја споделат со него радоста за богатиот плод од дваесет и осум годишното неуморно работење на нивата на благиот наш Господ. Трогнат до солзи и умилно спомнувајќи си за своето монашење а истовремено и бескрајно вдахновен од призивот и возвишеноста на монашкиот живот, тој ги сподели своите размисли за поука и поткрепа на сите.
Следниот ден богослужбеното торжество се пресели во светиот дом на Победоносецот Георгиј во Рајчица, каде што во благословен подвиг се трудат сестрите монахињи, и каде една од сестрите го носи името на славната маченица Христова Христина. Тука нашиот Старец, Неговото Преосвештенство г. Партениј Антаниски благоволи да отслужи Света Божествена архиерејска Литургија, на која зедоа удел големо мноштво верни пристигнати од секаде, што го преполнија рајчичкиот храм и ја зголемија сеопштата радост. Вдахновен од длабоката смисла на Евангелското четиво, Старецот ни беседеше за силата на верата со која бестрашно треба да чекориме кон Христа, исто како што Светиот Апостол Павле зачекорил кон Христа по разбрануваното море.
Долгоденствувај и преуспевај Старче наш свет и Владико на нашите срца, имајќи ги секогаш молитвите и љубовта на Пресветата Мајка Богородица, на Светиот Јован Претеча, Свети Георгиј, Света Христина и сите светии, а од нас грешните ваши чеда секогаш ќе ја имате почитта, љубовта, и бескрајната благодарност во веки веков!