…зашто Господ милостивиот нејзините молби ги слуша…
Кога со леењето солзи го угасна распалувањето на телесните страсти, а го запали огнот на божествената љубов, ти се озари со бесмртноста на Царот Христос, и Му се придружи Нему, добра девојко, и со Него влезе во духовната палата. Параскево, моли се за душите наши.
Денес Црквата пее и ја слави прекрасната невеста Христова, Преподобната Параскева, пофалба на девственоста и миризлив цвет на пустината, чиста гулабиа од Светиот Дух позлатена, која со своите добродетели на земјата умствен рај си посади. Со подвизи, пост и молитва телото го скроти и со несфатливо смирение од него пречист храм на Господа изгради. Со своето слабо женско тело демонот го порази и откако во него Христа Го прослави, нетлена да биде се удостои. Нејзините мошти сите наши балкански краишта ги осветија, најпосле во своето обиталиште во Јаши се сместија. Тука постојано исцеленија и чудеса се излеваат и затоа неа сите православни ја воспеваат. Во своите искушенија на нејзиното молитвено застапништво се надеваат и усрдно се трудат нејзиниот свет живот да го подражаваат. А таа од небесата изобилен благослов им испраќа, молитвите нивни пред својот Жених ги принесува. Затоа се радува секоја христијанска душа, зашто Господ милостивиот нејзините молби ги слуша.
Отсекогаш дебарчани ја полагале својата надеж во молитвената закрила на славната преподобна мајка Света Параскева. Својата љубов и почит кон неа ја претвориле во еден прекрасен храм, изграден во центарот на градот, каде верно го почитуваат нејзиниот свет спомен. И денешната Литургија во тоа светилиште што дебарската душа го посветила на Преподобната, бликаше од соборна љубов и неизмерна радост. Таа ги собра во своето таинство сите верни, обединети во еден дух околу бигорскиот старец, Епископот г. Партениј, кој чиноначалствуваше со литургиското свештенодејствие, заедно со дебарскиот свештеник, отец Миле и браќа јеромонаси. Длабоко допрен од благодатното присуство на Светителката, Старецот им ги погали душите на сите присутни во храмот со едно топло љубовно слово за мајчинскиот призив на кој се повикани сите Христијанки:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, собрани во овој свет храм, со радост и благодарност кон Бога, го прославуваме сечесниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, светителка од монашкиот род. Оваа славна светица е особено почитувана кај сите балкански народи, бидејќи, по Божја промисла, нејзиното нетрулежно тело благословило многу места на Балканот, од териториите на некогашна Византија: се упокоила во родниот град, потем нејзиното тело било пренесено во Константинопол, оттаму во Трново, па повторно во Цариград. При османлиските завојувања нејзините свети мошти биле однесени во Белград, за најпосле да завршат во романскиот град Јаши, каде што нераспаднати почиваат до ден денес, творејќи многу чудеса.
Оставајќи ја духовната пустина на овој свет, во кој сите нешта се суета, Света Параскева како монахиња заминала во географската Јорданска пустина, принесувајќи се себеси на Христа како жртва сепаленица. Била голема подвижница, непрестајно трудејќи се во многу лични подвизи, и телесни и духовни, а не оставајќи го, се разбира, и делото на милосрдието. Впрочем, милосрдието е елејот што гори во срцето човеково за просветление и спасение на душата, без кој залудна е и девственоста и сите други подвизи, како што чувме пред малку од светото Евангелие за петте неразумни и петте мудри девојки. Имено, иако сите тие биле девственички, само тие што безрезервно им ги предале срцата на својот Младоженец Христос и што имале дела на милоста, милосрдието и љубовта кон ближните од овој свет, влегле во радоста и славата на својот Господар, во Царството Небесно.
Подвигот што оваа преподобна жена доброволно го вршела сиот свој живот од љубов кон својот Господ, ја направил толку многу славна, што веќе илјада години нејзиното име се слави и со побожност и почит се споменува од безброј верни. Ѝ се молиме и ни помага. Тука е во нашите маки, неволи, во нашите искушенија. Иако таа телесно не родила ниедно дете, на некој начин, сите ние сме нејзини духовни чеда. Ја нарекуваме преподобна мајка наша Параскева. Мајка е зашто што го примила на дар и совесно го исполнила призивот за духовното мајчинство. Да се роди телесно е нешто природно и лесно, но духовното раѓање подразбира голема жртва и подвиг. Колку ли само самоодрекување и посветеност е потребно, за правилно да се издигне едно чедо и да се упати на добриот спасителен пат, та да стане вистински човек во Христа! Уподобувањето на Христа е, всушност, нашето исконско предназначение. Создаден првобитно според Божји образ и подобие, човекот по гревопадот во Рајот го загубил подобието, сличноста со својот Творец, па следствено, треба да се труди повторно да го стекнува, воспитувајќи се и издигнувајќи се во законот на љубовта, испишан во нашите срца преку крштението и преку светото Евангелие.
Божествениот апостол Павле вели дека во Христа нема повеќе машки пол и женски, туку сите се едно во Него (сп. Гал. 3,28). И навистина, еве, Светата Параскева според нејзината биолошка природа била жена, но гледате дека таа била похрабра од илјадници мажи; извојувала победа над себеси, над страстите, над поднебесните сили на злото и станала застапница за сите верни. Колку ли само е славно нејзиното име денес, впишано во нашите срца, коишто ја чувствуваме нејзината мајчинска помош! Вие знаете дека просто и да нема град кај нас, а да нема во него храм посветен на оваа преподобна мајка; нејзиниот култ кај народот е огромен, нејзините чуда – недобројни. Верниците секогаш притекнуваат кон неа како кон мајка, барајќи го нејзиното молитвено застапништво пред Христа. Таа, пак, никогаш не нè остава, туку усрдно ни помага и нè благословува.
Оттука, да ѝ се молиме, мили мои на нашата мајка Параскева да посредува за нас, та да станеме дејствителни Христијани. Да го стекнеме дарот на духовното родителство, коешто раѓа плодови за живот вечен. И монасите и брачните треба да се огледуваат на Преподобната Параскева. Особено жените мајки, кои го имаат призивот да бидат духовни атлети, непоклатни столбови на христијанските добродетели, затоа што ако погледнеме низ историјата, ќе увидиме дека жените, како стожери на христијанските семејства, биле причината за силните и здрави заедници и општества. Мајката како воспитувач во Христа, била таа што во синовите и ќерките го всадувала и одгледувала евангелското слово и го впишувала Хриството име во нивните срца. Затоа мајката има преголема одговорност.
Преподобната мајка Параскева била и до денес останува блескав пример за сите мајки, поучувајќи ги со своето житие да застанат на правиот пат и да Го постават Христа над сè. За жал, малкумина се тие што го применуваат ова и затоа времето во кое живееме ги изгубило основните животни вредности. Всушност, сите благородни принципи, устреми и ментални издигнувања за свој темел го имаат Христијанството. А тие денес се сериозно расклатени токму затоа што луѓето ја изгубиле и не живеат според својата христијанска вера. За да би се вратиле, пак, на вистинските вредности што го облагородуваат и возвишуваат човекот, неопходно е да го погазиме својот егоизам, тој страшен деструктивен и сеуништувачки ѕвер, од кого произлегуваат сите погубни страсти. Егоистичиот и острастен човек не е повеќе човек во онтолошка смисла, туку едно несреќно битие поробено од злото. Единствено охирстовениот човек е вистински човек, суштина во полнотата на битисувањето. Тоа ни го покажуваат безбројните светии, обожените мажи и жени, како, на пример, денешната славеничка, Преподобна Параскева. Нека ни биде нејзиниот живот парадигма според која треба да ги сообразиме и нашите стапки по Христа, согласно зборовите од нејзиниот тропар: „по стапките на Христа, твојот избраник, си тргнала и благиот Негов јарем од младоста си го зела, со крстот си се наоружала против враговите на душата, со пост, молитви и капки од солзи си ги угасила страстите, многуславна Параскево“.
Нејзините молитви и мајчинска закрила да бидат со сите нас! Амин!