Сретението со Христа – вистинска среќа

Зарем има нешто порадосно од средба, многупосакувана и долгоочекувана? Колку се радува душата на човекот при здогледувањето на некого што во неговите очите претставува огромно богатство и врата кон нови доживувања? А колкава, пак, радост се доживува при средбата со Животот? Колку благодарност и умиление се излева од срцето кога ќе се застане пред својот Создател – причината и целта на сопственото суштествување? Зар би биле доволно зборовите и речениците за опис на еден таков настан, на една таква средба, на едно такво Сретение? „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико…“ – говорел со душевен восторг праведниот Симеон кон Детето Кое Го примал на раце, препознавајќи Го во Него предвечниот Бог!

Чудесна глетка! Белобрад старец којшто го надминал и најдолгиот животен век бара отпуст од Младенецот принесен во Ерусалимскиот храм, а и пророчицата Ана го велича величието Божјо и Неговата милост изобилна. Исполнувањето на сите пророштвата, Спасението од Бога подготвено пред очите на сите, Светлината за просвета на незнабошците, Надежта на Израилот и неговата Слава – сето тоа денес Симеон Богопримецот Го прима во прегратките.

Мајката и Дева заедно со свршеникот Јосиф стојат со восхит и созерцание пред неочекуваното сведоштво на свештеникот Божји и вдовицата Ана.

Бигорскиот храм, подобно на Ерусалимскиот во она време, беше сведок на Божјото Сретение преку литургискиот време-простор, каде верните чеда, преку молитвите и тајноводството на својот возљубен Старец и Епископ Антаниски, г. Партениј, Го примија во своите срца Богомладенецот Христос.