Бигорските Карамани на европска изложба во Будимпешта

На самиот крај на 2021 година, делегација предводена од Претседателот на КСМ г-дин Јордан Христовски ги презентираше македонските Карамани пред светската кинолошка аудиторија, на „ЕуроДогШоу Будимпешта 21“.

Пет Карамани, водени од пет професионални хендлери:

  1. Г- дин Мишо Костовски – Генерален секретар на КСМ со „Каро“; сопственик: Даниел Колевски
  2. Ирене Џорџиа со „Рама“; сопственик: Димитар Христов
  3. Анастасија Золотукхина со „Црнка“; сопственик: Илија Каров
  4. Сашка Самоилик со „Црни Бигорски“; сопственост: Бигорски Манастир
  5. Никола Иванов со „Астор Бигорски“; сопственост: Бигорски Манастир

гордо продефилираа во главниот ринг на „ЕуроДогШоу 21“ и со тоа ги испишаа првите редови на новата страница, со наслов „Меѓународно признавање“ – од старата книга на МОК наречена „Караман“.

Презентацијата и излагањето во врска со расата го реализираше претседателот на ККМОКК г-дин Илија Каров, кој беше придружуван од две големи кинолошки имиња: г- дин Влатко Костовски (почесен Претседател на ККМОКК) и г-дин Владимир Бурсаќ (Хендлер и почесен член на ККМОКК). Обајцата господа беа облечени во свечени галички носии, или попознати како носиите на Бигорската почесна мијачка гарда. Македонската носија, исто така, предизвика голем интерес кај посетителите на „ЕуроДогШоу“.


Оваа најголема кинолошка манифестација се одржуваше во 5 хали на ХунгЕкспо, а учество земаа околу 22 000 расни кучиња, најдобрите од сите страни на светот. Во главната хала, крај главниот ринг КСМ во соработка со ККМОКК имаа штанд, поточно два споени штанда, кои служеа како музеј, а внатре беше изложена поставка со историски фотографии и изложена сталажа со традиционални шипови-огрлици. Во нашиот мал музеј пристапија најголемите имиња од светската кинолошка сцена, и во прво лице ја посведочија и историјата и преродбата и што за нас беше најважно, предвидоа светлата иднина на МОК Караманот.

Сега на крајот, кога веќе сме на прагот на портата која води напред кон светот, не смеам а да не ги споменам оние неколкумина кои своите имиња ги врежаа длабоко во процесот на преродбата: г- дин Југослав Крстиќ, отец Порфириј Бигорски, г- дин Влатко Симоновски, г-дин Никола Крбалески, г-дин Горан Колев. Се разбира, тука со посебна благодарност ќе го наведам името на Игуменот на Бигорскиот Манастир, Епископот г. Партениј, со чијшто благослов бигорскиот монах Порфириј, со голема љубов и саможртва, го негува во Бигорски едно од најубавите легла на македонското овчарско куче Караман.

Овие неколкумина луѓе со голема ревност и пожртвуваност го поделија товарот на процесот на ревитализација и презервација на МОК Караманот,откако г-дин Влатко Костовски ме предложи за Претседател на ККМОКК во 2017 година.

Стрмен и долг е патот од Бистра до Будимпешта, од трлото до рингот, но доживувањето е неописливо.

Линк од презентацијата: Presentation of the Macedonian Shepherd dog “KARAMAN”


Со почит, за Бигорскиот Манастир пишува:
 Илија Ико Каров, Претседател на ККМОКК