Еве спасителниот брод на Црквата веќе влезе во водите на Страсната седмица и полека, смирено плови кон Голготското Распетие, зад кое зрачи нашата блескава цел. На патот кон тоа толку посакувано и долго очекувано пристаниште, во овој свет ден, пред нас се открива Господовата парабола за десетте девојки. Всушност, во нив Он умешно ги отсликал сите христијански души, кои тргнале на средба со својот небесен Младоженец. Значи и сега, во најсветите мигови и настани на оваа единствена седмица, кога сме речиси на допир од вечноста, што ни се објавува преку Воскресението, Божествениот Човекољубец преку оваа парабола татковски и љубовно нè поттикнува да бидеме будни и подготвени да влеземе во брачната одаја на Небесното Царство. Зашто сите ние ревносно го почнуваме својот духовен пат, но постепено попуштаме пред тестот на времето и полека ја губиме нашата вера и надеж, нашите добродетели слабеат, и најпосле гаснат. Така малку по малку гасне и љубовта наша кон Бога. Токму затоа треба да ја одржуваме и храниме со елејот на словото Божјо, молитвата, таинствата и верноста кон заповедите. Без тој елеј светилките на нашите души тивко и полека гаснат и ние паѓаме во страшна рамнодушност, безумно велејки си во себе – уште има време, утре ќе се сменам. И наеднаш доаѓа часот, Младоженецот пристига а ние неспремни со изгаснати кандила тапкаме во мракот, одејќи Му во пресрет. Но Оној Кој нè возљуби до крај и Кој го посакува нашето спасение неуморно нè повикува да се разбудиме од гревовната дремка и во овој единаесетти час да го наполниме садот на нашите души со елеј на покајание и сострадание, да ги оставиме сите земни грижи и да Го следиме по голготскиот пат што води кон вечноста.
Бигорското монашко семејство, собрано околу својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кое живее и дише за оваа најсвета седмица, и која со сето срце и душа го очекува расплетот на овие историски настани, спасителни за целиот свет, крунисани со сесветлото и славно Воскресение, неусетно се слеа со молитвениот таговно радосен амбиент на страдалните денови. Храмот на Претечата веќе богато се украси со бројните молитвеници кои уште од понеделникот почнаа да го полнат бигорското светилиште. Единствените стихири што тивко одекнуваат во срцата на присутните, будат само еден копнеж, една молба: Зафатен од дремка на духовна мрзливост, Младоженецу Христе, не ја стекнав светилката што гори од добродетели и станав сличен на лудите девојки, забавувајќи се додека беше времето за работа. Утробата Твоја не затворај ја за мене, Владико, но мојот мрачен сон растерај го, и со мудрите девојки во Твојата брачна одаја воведи ме, каде што е чистиот глас на оние што празнуваат и викаат: Господи, слава ти. Усрдната молитва и смиреното покајание уште повеќе се продлабочува од глетката на нашиот најсакан Старец кој со таинствен поглед, длабоко втонат во созерцатените длабочини на денешниот ден, ја чувствува веќе болката на страшното предавство што следи.
Господи Кој одиш на доброволно страдање за да ги измиеш со Својата света крв нашите безбројни беззаконија, не дозволи да станеме нечувсвителни како камени столбови и да ги презреме Твоите болки што заради нас ги трпиш, туку дај ни покајание за со солзи, да ги измиеме твоите пречисти нозе и осени нè со сили со Тебе заедно да го понесеме Крстот и да се сораспнеме со Тебе, распнувајќи ги нашите страсти. Амин!