Таворски блесок во Пречиста

Во овие светли денови на Богородичниот пост го славиме Преображението Господово на Гората Тавор. Господ Исус Христос, преобразувајќи се пред учениците, им ја покажа славата што отсекогаш ја има во Отецот, заедно со Светиот Дух, онолку колку што тие можеа да видат и да примат. Како Бог на Законот и на Пророците, Он разговараше со Мојсеј и со Илија, а учениците испопаднати на земјата од превеликото и прекрасно видение, го слушнаа гласот на Отецот, Кој вели: Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го! Оваа прекрасно сведоштво од Светите Евангелисти ни открива една голема тајна на овој и на идниот век – имено, гледањето на нетварната Божја светлина, учеството во несоздадените и обожителни Божји енергии.  

Напоено токму од тие енергии и измиено токму во таа светлина, тајноводството и наставлението на нашиот возљубен Старец, Епископ г. Партениј во светиот и чесен Богородичен храм на Пречистанската Свештена Обител, преточено во празнично слово изроди во присутните свештени чувства, молитва и созерцание:


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Му благодариме на милостивиот Бог што нè удостои и оваа година да го прославиме овој голем Господов празник, Преображението Господово. Овој необичен настан во длабока смисла ни открива Кој е и што е Спасителот наш Господ Исус Христос. Зашто Он на Гората Тавор, на Своите свети апостоли Петар, Јаков и Јован, на чудесен начин им ја покажал, онолку колку што можеле да примат, Својата Божествена слава, во која постојано пребива заедно со Отецот и со Светиот Дух. При Неговото Преображение, Нему Му се поклониле старозаветните пророци Мојсеј и Илија, кои застанеле оддесно и одлево, со што исповедале дека Он е Бог и Творец на законот, и на стариот и на новиот, и дека Он е Обединител на небесниот и на земниот свет.

Празникот Преображение, како и сите празници во нашата Црква, се однесува поединечно на секого од нас. Тој е и наше лично преображение. Всушност, преобразувањето на личноста на верниот е процес, дејство на Божјата благодат што секојдневно се одвива во светотаинскиот живот во Црквата. Тоа беше и целта на доаѓањето на Господ Исус Христос на Земјата, да го преобрази, да го пресоздаде овој свет, да го приведе од тление во нераспадливост, од смрт во живот. Се разбира, за да дојде до вкупна преобразба, неопходна е преобразбата на секој поединечен човек. Со Своето воплотување, Распетието и Воскресението, Христос го преобрази прататкото Адам, а преку него ни ја остави таа благословена можност и на сите нам. Преображението од Тавор трае и се случува во Црквата до ден денес. Би можеле да кажеме дека православната Црква е работилница каде што имаме исклучителна можност постојано да се поправаме себеси, да се преобразуваме и обожуваме. За да се управиме кон Царството Небесно, за да станеме жители на Рајот, потребно е секојдневно наше преобразување. Тоа е таинствен процес што се случува под дејство на Божјите нетварни енергии. При Преображението на Тавор Апостолите не можеле доволно да разберат што таму всушност се случувало. Меѓутоа нивните души ја почувствувале првобитната убавина што прататкото Адам ја поседувал во Рајот и затоа, надвор од умот, тие извикале: Господи, добро ни е да бидеме овде.

Очите на Апостолите не го виделе само Преображението на Господа на Тавор, туку виделе и едно друго необично преображение. Тоа се случило на еден друг рид надвор од Ерусалим, на Голгота, каде што, распнат од десната страна на Крстот Христов, багоразумниот разбојник ја доживеал својата лична преобразба. Тој понижен и претходно многу грешен човек, се смирил со себеси и со Бога и во тој миг, благодарение на неговата понизност и смирение, срцето му се отворило за најскапоценото нешто: покајанието. Преку покајанието, пак, дошол до богопознание и до вистинското вероисповедание. Го спозна Христос како Син Божји и Спасител на светот и побара од Него да биде спомнат во Царството Негово. Тогаш Господ од Крстот му ги искажа прекрасните зборови: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот! (Лука 23,43) И ете, тој покајан разбојник стана прв жител на отворениот Рај, кого го отвори Спасителот од Голгота. Таму, во Својата милост и убавина, нè чека сите нас, мили мои, без разлика на нашите гревови, на нашите падови. Он се преобрази за и нас да нè преобрази, се разбира, доколку го отвориме своето срце кон Него, доколку застанеме до Него. Нема да нè одмине молкум. Потребно е само да се помириме, да се покаеме и да повикаме кон Него: „Помилуј ме, помогни ми! Дај ми да бидам со Тебе едно, да Ти бидам Твој пријател“.

Сите ние, мили мои, сме крстени во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Не е ли светото крштението едно преображение на личноста? Човекот станува ново создание, преобразен според образот на својот Создател Христос. Затоа крштението не се повторува. Како што е едно раѓањето по тело, така едно е и раѓањето по дух. Но, со текот на времето, а поради многубројните наши страсти, гревови и падови, благодатта од крштението се повлекува. Сепак, покајанието има таква моќ да обнови, да ја воскресне во нас таа првобитна убавина.

И секоја Света Литургија е едно најголемо преображение. Па така, мили мои, да поитаме кон тоа слатко преобразување со покајание кон Христа, бидејќи целта на нашиот живот е заедништвото со Него кое започнува уште овде и продолжува во вечноста.

Се радувам што ги гледам вашите лица во овој храм и уверен сум дека и Господ се радува, бидејќи ја гледа вашата желба за преобразба и за другарување со Него. Нашата празнична радост денеска ја збогатија и сечесните презвитери Стефан и Петар, наши браќа во Христа од Република Словачка, кои ѝ припаѓаат на автокефалната православна Црква на Чешка и Словачка. Тие ни укажаа толку голема чест, што допатуваа од далеку, за да сослужуваат со нас во овој сечесен храм, за радост на сите нас, на Црквата Божја. Ете, гледате колку е убав плодот од примањето на нашата Црква во канонското и богослужбено единство со целиот православен свет, по милоста и мудроста на великиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј и преку помирувањето со Црквата на Србија, која ја предложи и ја поддржа нашата Црква за автокефалност. Денес нашиот Господ особено се радува што ние можеме слободно да сослужуваме со сите наши православни браќа ширум светот. Сега, пак, нашата чест е толку голема поради фактот што овие браќа наши доаѓаат токму од територијата каде што некогаш нашите сесловенски просветители и учители, великите Светии Кирил и Методиј, Ромеи по род, православни по вероисповедание, испратени од светиот Константинополски Патријарх Фотиј Велики и од византискиот цар Михаил, ја спроведувале својата евангелска и просветна рамноапостолна мисија. Имено, во Моравија, денешна Чешка и Словачка, нашите духовни и цивилизациски родоначалници го проповедале Христовото Евангелие на словенски јазик, со писмениот систем образуван според дијалектот што го зборувале македонските Словени. Навистина големо достоинство и радост претставува за нас присуството на овие наши отци и браќа од Словачка, за што особено им благодариме.

Сега да продолжиме сите со Светата Евхаристија, предавајќи ги со голема усрдност и искреност своите срца на Христа и заминувајќи денес од храмот, да излеземе како преобразени Христијани во Божјата љубов, подобри за некој степен одошто сме сега.

За многу години и да ми сте живи и здрави сите!


Како што кажа и Старецот, посебен украс на денешниот преображенски блесок беше присуството и сослужението на отците Стефан Пружински (воедно и декан на Теолошкиот факултет во Прешово) и Петар Савчак од Прешовската епархија на Православната Црква на Чешка и Словачка. На крајот од Литургијата, отец Стефан срдечно му се заблагодари на Епископот Партениј за укажана чест да сослужува со него. Меѓу другото, тој нагласи дека „овде се чувствува голема љубов и радост, а таму каде што се љубовта и радоста – таму е Бог“.