Исус Му рече: Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале! (Јован 20, 29)
Колку голема радост Му причинува на Христа кога Неговите деца цврсто веруваат во Него, кои не бараат од Него да им покаже чудо, кои не се како оние што сакаат да им се случи нешто во животот за да се посомневаат во своето неверие. Тие не Го искушуваат Бога, туку како верни деца, царски синови и ќерки, го чекаат доаѓањето на својот Татко, на својот Цар, на својот Бог. Тие се вистински наследници на Царството Небесно, бидејќи во нивните срца силно живее љубовта и копнежот за Господ Исус Христос, Кого силно Го љубат, дури до саможртва за Него, за да се прослави Он и Неговата сила. На верните деца Божји не им се потреби знаците и чудата, иако Бог и нив ги испраќа, туку го бараат Самиот Него, засладувајќи се преку призовувањето на Неговото најсвето, најслатко и величествено име, преку Кого се држи сиот свет, и земниот и небесниот – духовниот.
Божјата промисла устроила така да се случи со Светиот Апостол Тома, за оние кои не веруваат – да поверуваат, за оние кои се сомневаат – да се утврдат во верата, а за оние, пак, кои веруваат – да се восхитат на преобилното Божјо милосрдие, човекољубие и премудрост со кои Он ги спасува луѓето. Присуството на Господа Исуса Христа е мир. Мир вам! Христос го дава Својот мир – мир неовоземен, чудесен и сесилен во срцата на Своите верни деца, мир кој го победува овој разбрануван и вознемирен свет.
Бигорските монаси, собрани околу својот возљубен Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, подобно на собраните Апостоли во љубов и молитва го допреа и вкусија од воскреснатото живо тело и крв на воскреснатиот и жив Спасител Господ Исус Христос преку десната раката на Архиерејот Божји, предвкусувајќи го идното рајско блаженствои мир и воскликнувајќи во срцата: Господ наш и Бог наш!