Празнична посета во Бигорски

Во овие празнични велигденски денови, во посета на Свештената Бигорска Обител дојде поранешниот премиер и наш познат политичар г. Владо Бучковски, во друштво со големиот македонски писател и автор на литература за деца г. Васил Мукаетов, како и доајенот на македонското новинарство г. Киро Кипроски. Ценетите гости беа срдечно примени од старана на нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, во неговата работна просторија.

Цел на пријателската посета на нашите гости беше, меѓу другото, да му ги честитаат велигденските празнувања на нашиот Старец и на братството и во оваа прилика писателот Васил Мукаетов му врачи на владиката збирка од песни посветени на илјадагодишниот јубилеј на Бигорски. Според него песните биле вдахновени од долгата и славна историја на нашето Светилиште и од чествувањата поврзани со јубилејот, додека нивната намена е децата низ стихови да научат нешто повеќе за нашата свештена историја и барем малку да се оттргнат од бесполезното седење пред компјутерските и телефонски екрани.