Во нашата Свештена Бигорска Обител, која за свој закрилник го има големиот Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, на денот наречен Водокрст се изврши традиционалното сеноќно бдение. На ова умилително бдение, верници од околните села на Бигорскиот Манастир, на чело со кумовите, доаѓаат во Претечевиот храм, носејќи од секое село посебно подготвени крст, босилек, црвено-бел конец, котле, за во текот на бдението крстовите да бидат врзани со босилекот од страна на јеромонасите, како симбол за врзувањето на сите нивни надежи, таги и радости со Крстот Господов.
По големиот Богојавленски водосвет кој се извршува на крајот од бдението, секоја група си полни од светата вода и носи во своето село за оросување и осветување. На ова бдение Господ устрои и нѐ почести да се поклониме на моштите на Чесниот Претеча и Крстител во новата мајсторски изработената моштохранителница во форма на рака, која ја претставува раката на Свети Јован со која се удостои да ја допре пречистата глава на Спасителот Христа и да Го крсти. Умилителното, а истовремено и величествено богослужение со великите Царски часови, пропишано од древниот Типик, и грижливо и набожно чувано од светото предание на Христовата Црква, кај сите присутни молитвеници ги отвори прозорците за благодатта Божја, за светлините Божествени, за небесни просветленија. Всушност и денот на Богојавление што следува, наречен уште и Просвештение, нѐ повикува да го соблечеме стариот човек во нас и да се облечеме во новиот, во Христа, нешто за што поопширно и подлабоко ни се принесе на дар преку словото на Неговото Преосвештенство и Богољубие, нашиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кој претстоеше на празничното торжество, кое беше окончано со Божествената Литургија на Св. Василиј Велики и со големиот Богојавленски водосвет.